1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над 300 странски државјани на подготвителната настава по македонски јазик

АМ/миа18 октомври 2012

Над 300 странски државјани од септември 2012 до мај 2013 ја посетуваат едногодишната подготвителна настава по македонски јазик на Филолошкиот факултет. Ако го положат испитот ќе добијат сертификат.

https://p.dw.com/p/16S2X
Фотографија: Fotolia/olly

Со сертификатот тие ќе можат да се пријават за студии на кој било факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во следната академска година. Доминантен е бројот на студенти од Турција, но има и од Бугарија, Србија, Холандија, Литванија, Шпанија, Хрватска, Словенија, кои дошле преку образовната програма „Еразмус“.

Часовите кои ќе им овозможат да го совладаат македонскиот јазик за да можат да студираат во Македонија ги организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, од чиј наставнички кадар се предавачите на програмата.

Се размислува за проширување на програмата

Studenten - Wirtschaft Fakultät
Се размислува за проширување на програмата за изучување македонски јазикФотографија: MIA

Македонското министерство за образование и наука планира да ја прошири програмата за стипендирање странски студенти и таа да важи за сите кои ќе ја завршат подготвителната настава по македонски јазик.

Ректорот Велимир Стојковски нагласува дека бројот од над 300 запишани студенти на подготвителната настава е потврда дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по својот квалитет е рамноправен член на европското семејство на универзитети.

„Досега студентите го изучуваа македонскиот јазик во поинаква форма - курс од еден и пол месец, а првпат сега организирано, и повторно преку Семинарот за македонски јазик, курсот трае една година. По завршувањето студентите ќе добијат сертификат за познавање на македонскиот јазик што ќе биде признат во светот. Тоа е добро за нив, зашто истовремено подобро ќе ја запознаат и Република Македонија и нејзината култура и традиција. Тоа е добро и за сите нас, за промоција на Македонија надвор од нашите граници“, рече ректорот на Скопскиот универзитет.

Македонски ќе се учи и на универзитетот во Грац

На факултетите на УКИМ студираат околу 700 студенти од странство. Квотата за запишување странски државјани на УКИМ е неограничена, но и за нив важи рангирањето што бара исполнување на конкурсни критериуми.

Стојковски информираше и дека се работи на подобрување на состојбата на изучување на македонскиот јазик надвор од Македонија и оти се постојани заложбите за зголемување на бројот на, засега, 11-те лекторати. По неколку години преговори, рече Стојковски, УКИМ успеал да го воведе изучувањето на македонскиот јазик во наставните програми на универзитетот во Грац. Наставата во овој значаен европски образовен центар ќе почне идниот месец.