1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Над Уставот треба да бдее совеста на судиите

Катерина Блажевска14 март 2016

Од одлуката на Уставниот суд во среда, ќе зависи дали ќе бидат прегазени сите досегашни напори и активности преземени со Договорот од Пржино за обезбедување услови за фер и регуларни избори

https://p.dw.com/p/1ICce
Фотографија: DW/N. Velickovic

Два дена остануваат до седницата на Уставниот суд, на која, во зависност од тоа каква одлука ќе биде донесена, ќе зависи дали ќе се релативизира и амортизира работата на Специјалното обвинителство, но и постапката за прочистување на Избирачкиот список. Доколку Судот донесе одлука со која ќе му овозможи на шефот на државата да помилува сторители на изборни нерегуларности, во прашање ќе бидат доведени сите досегашни напори и конкретни активности преземени со Договорот од Пржино за обезбедување услови за фер и регуларни избори. Освен од домашни правни експерти и граѓански организации, вакво предупредување минатата недела стигна и од Европската Унија, која е гарант на Пржинскиот договор.

Претседателот ќе оцени кого ќе помилува

Стравувањата од диверзија на правдата кулминираа откако Уставниот суд, на седницата одржана на 24 февруари 2016 година, донесе Решение за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Членот 1 став 3 од оспорениот Закон, предвидува ограничување за претседателот при давањето помилување на осудени лица за кривични дела против изборите и гласањето; за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени кон деца и малолетни лица; за кривични дела против здравјето на луѓето; за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори; за кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги; и кривични дела против човечноста и меѓународното право.
Според образложението, причината поради која законодавецот го предвидел ова решение во 2009 година, е „да не се дава помилување за наведените кривични дела, заради превенција од вршење на тие кривични дела во иднина, како и сузбивање и истакнување на важноста за заштита од кривичните дела“.
Седум години подоцна, Уставниот суд во Решението од 24 февруари годинава, наведува дека „превенцијата од вршење на овие кривични дела, не може да биде причина за ограничување на правото за давање на помилување“.
„За Судот, воопшто не е спорна општествената опасност на кривичните дела кои со оспорениот закон се изземени од можноста за давање на помилување. Но, таа не може да се прифати како критериум или причина за таквото изземање, бидејќи општествената опасност е истовремено обележје и на другите кривични дела кои не се изземени (...) Тоа што претседателот на Републиката има ваква надлежност, не значи дека би се дало помилување за секој сторител за секое сторено кривично дело, туку оваа надлежност ќе се оствари во оние случаи кога претседателот ќе оцени дека треба да се даде помилување, земајќи ги во предвид и карактеристиките на сторителот, но и делото кое е сторено (...) Според Судот, ограничувањето на правото за давање на помилување на претседателот, значи навлегување во неговата уставна надлежност од страна на законодавецот. Доколку би се прифатила можноста законодавецот да има вакво право, се поставува прашањето која би била границата и критериумот за таквото ограничување и дали на ваков начин би се изгубила смислата на уставниот институт помилување, кој би зависел од перцепцијата на законодавецот и одредени појави во одредено време во општеството“, се вели во Решението на Уставниот суд.

Verfassungsgericht in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Нема уставна основа

За ваквото Решение гласаа пет од деветте судии во Уставниот суд и на нозе ја кренаа и правната фела и граѓанските организации, кои организираат перманентни протести против постапката на Судот. Целото внимание сега е насочено кон седницата на Уставниот суд, закажана за в среда. Се поставува прашањето- дали критиките на јавноста ќе влијаат врз одлуката што ќе ја донесат уставните судии? Според професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, ако се има предвид мнозинството во Уставниот суд, постојат индиции дека најверојатно ќе ја донесат одлуката со која ќе му отворат пат на претседателот да помилува за изборни нерегуларности.

„Нема уставна основа за оспорување на измените во Законот за помилување од 2009 година, бидејќи Уставот го овластува законодавецот да може да го ограничува правото на помилување, како што законодовацот ќе смета. Прашањето е - зошто Уставниот суд сега поведе ваква иницијатива, токму во време кога се оспорува легитимитетот на изборите“, прашува професорот Шкариќ.

Бидејќи одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, ако му се даде на претседателот можност да го користи правото на помилување во посочените случаи, единственото решение да се избегне политиката на неказнивост - е Иванов да се откаже од таа можност. Професорот Шкариќ не верува во ваквиот епилог.

„Не верувам дека претседателот би се откажал. Таквиот сомнеж произлегува од неговото досегашно однесување. Тој никогаш не го употреби правото на вето за одредени законски решенија. Ќе ја користи можноста за помилување. Тој е послушен, а тоа ќе го направи за да се амортизира работата на Специјалното јавно обвинителство, со цел сегашната владејачка гарнитура да се рехабилитира и да се заштити од евентуални процеси“, вели Шкариќ.

Тој потсетува на важноста од моралниот и професионален интегритет на судиите, за која многупати говореле и светски реномирани уставни експерти.

„Уставниот суд е чувар на Уставот, но кој ќе не чува од уставните судии?“, е аспектот за кој говорел американскиот уставен експерт Мауро Капелети. Неговиот реномиран јапонски колега, Јоичи Хигучи, смета дека „заштитата на општеството од одлуките на Уставниот суд, е во совеста на судиите“.

Неслучајно, Шкариќ потсетува на овие морални одредници.

„Единствен чувар е совеста на судиите и нивниот интелектуален капацитет. Но тоа се морални, а не правни категории. Затоа, мора многу да се внимава при изборот на судии“, потенцира професорот по уставно право.

Symbolbild Justiz Richter Gericht Richterhammer
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Повик за бдеење над Уставот

Незадоволството од инцијативата на Уставниот суд беше изразена преку повеќе масовни граѓански протести. Во пресрет на најавената одлука на Судот, платформата за граѓанска политика „Ајде!“ за утре (вторник) во 18 часот најави протестен марш кој ќе започне пред зградата на Владата, ќе продолжи пред Народната канцеларија на претседателот Иванов и пред Собранието, а ќе заврши пред Уставниот суд. Учесниците во протестот таму ќе останат цела ноќ, како што изјавија, за симболично „да бдеат над Уставот“ и да ги пречекаат уставните судии в среда, на денот кога е најавена седницата.

Организаторите на протестот повторно ќе побараат оставка од уставните судии кои ја поддржуваат иницијативата, со цел, во иднина да не носат и други одлуки кои ќе му наштетат на Уставот и на интересите на граѓаните. Претседателката на Хелсиншкиот комитет (ХК), Уранија Пировска, најави дека ХК ќе биде присутен на седницата како набљудувач и како „потсетник за срамот од она што го прават судиите, пред се, оние кои гласаа за иницијативата“.

Петрит Сарачини од платформа „Ајде!“ ги повика сите граѓани да излезат на протестот во вторник и во среда.

„Не смее Уставниот суд да се стави над Уставот. Не смее да дозволи помилување на кривични дела кои претставуваат кршење на основите начела на демократија. Изборите се темелот на демократијата. Носители на суверинитетот се граѓаните на Република Македонија. Уставниот суд не смее да си дозволи да носи одлуки на штета на граѓаните и на демократијата поради политички преференции и наредби од власта која десет години владее. Ако не се повлечат од оваа иницијатива, ќе продолжиме со протестите, ќе бидеме уште погласни и ќе ги искористиме сите демократски средства кои ни стојат на рсполагање. Нема да доволиме никој да си игра со судбината на Македонија и со судбината на Уставот“, порача Сарачини.