Напади на троловите и власта врз новинарите во Словенија
9 мај 2020Словенечките новинари кои ја критикуваат владата овие денови мора да се соочат со многу негативни работи кога по објавувањето на текстовите ќе ги отворат своите Твитер или Фејсбук профили. Тоа важи и за ѕвездите на словенечкиот јавен радиодифузен сервис. Откако новинарите станаа жртви на вистинска лавина од негативни коментари, вклучително дури и закани со смрт, дури и премиерот сметаше дека мора да дејствува. И, тој на загрозените им зададе дополнителен удар со изјавата дека „под покровителство на екстремната левица“ РТВ Словенија станала „централен поттикнувач на омраза и закани“. Таа радиотелевизија, според него, е дел од спорна „група“ која во време на епидемија на корона ги загрозува „здравјето и животот“.
Никаде во Европа не се води толку остра борба во врска со мерките во корона-кризата како во Словенија. Новиот премиер Јанез Јанша е на должност само шест недели, но го користи моментот за долгорочно проширување на својата моќ. Епидемијата е уникатна можност за тоа. Непријател е вирусот, а кој ја критикува владата, тој е негов ортак. Смените на функции, како во јавниот сервис, може да се оправдаат со вонредната состојба. Во нормални времиња шансите за такво нешто би биле мали. Јанша предводи климава тројна коалиција. За своите деснонационални цели и авторитарен облик на владење, 61-годишникот нема мнозинство ни во владата, а камоли кај населението.
Само што стана познато дека истражувачкиот новинар Блаж Згага ја доби Наградата на Дојче Веле за слобода на говор, а тој веќе беше погоден од напад на социјалните мрежи според руски урнек. „Тоа што Згага ја добил наградата докажува дека во Дојче Веле никој не зборува словенечки“, критикуваше еден пратеник од владеачката партија. Тоа што наградата оваа година им е посветена на колегите чии права на слобода на говор се загрозени во време на корона-епидемија е „виц“, напиша на Твитер еден владин портпарол. Според тврдењата на тој портпарол, Згага во словенечките медиуми не напишал „ниту еден текст“ на таа тема.
Носителот на наградата Згага и тоа како пишуваше за корона-политиката на новата словенечка влада, но за хрватскиот неделник „Национал“, а не за словенечките медиуми. Ако кој било од словенечките новинари тоа толку јасно би го направил во својата земја, би бил изложен на уште пожестоки напади на социјалните мрежи. Деновиве стотици тролови од лажни профили коментираат дека „се’ тоа се лажни вести со кои управува Џорџ Сорос“.
Главен извор на тие кампањи е приватната телевизија Нова24, основана пред пет години по примерот на американската ФоксЊус, со цел да ја разбие хегемонијата на либералните медиуми. Со напади врз бегалци, хомосексуалци и Роми, Нова24 одвај преживуваше. Двапати мораше да биде спасувана со пари од Унгарец близок до Виктор Орбан. Дури откако партијата на Јанша, СДС, на средината од март дојде на власт, настапија подобри времиња. Шефот на Нова24, Алеш Хојс, еден од најревносните твитерџии, стана министер за внатрешни работи.
Блаж Згага не е омилен во таборот на Јанша откако пред нешто повеќе од 10 години истражуваше скандал околу набавка на фински тенкови. Неговата експертиза беше неспорна. Со колега од радиото објави три книги за криумчарење на оружје во времето на војните во поранешна Југославија, детално истражена стандардна лектира на повеќе од 1300 страници. Оттогаш овој поранешен уредник на мариборскиот весник „Вечер“ пишуваше главно за странски меидуми, меѓу кои и „Шпигел“ и „Гардијан“. Цел на неговите истражувања притоа не беа само Јанша и неговиот табор. Тој откри и дека левоориентираниот поранешен претседател Милан Кучан бил вмешан во трговија со оружје. Кога тој новинар на почетокот на април известуваше за корупција при набавка на респиратори, беше нападнат лично од шефот на владата Јанша. Тоа е недопустливо однесување во демократските влади и можно само во САД на Доналд Трамп. Згага „веќе со децении ги преџвакува своите лаги“, напиша на Твитер премиерот, без какви било конкретни наводи.
Во интервју за ДВ Згага рече дека живее во „двократна изолација“ и појасни: „Од една страна поради короната, а од друга страна поради заканите кои ги добивам. Едно време се осмелував да излезам од дома само ноќе.“ Тој вели дека е свесен оти политиката понекогаш функционира така со цел да ги заплаши новинарите и да спречи критика на сметка на државата. „Сите треба да бидеме заплашени, целта е дикактура на стравот“, истакнува истражувачкиот новинар.
Јанез Јанша двапати беше шеф на владата - од 2004 до 2008 година и уште еднаш кратко 2012/13. Неговата партија со години освојува од 25 до 30 проценти од гласовите. Нејзините приврзаници помалку или повеќе не се согласуваат со ставовите на мнозинството, почнувајќи од историјата на Втората светска војна, каде негуваат сеќавање на „домобраните“ кои биле сојузници на Германија, додека мнозинството негува сеќавање на партизаните. Камен на сопнување постојано е „посебниот пат“ по кој Словенија тргна по прогласувањето на независноста во 1991 година: поради тоа што претпријатијата не се продадени на странци, Јанша и неговите приврзаници се сметаат за измамени што се однесува до плодовите од промените, па ги нарекуваат економските елити и левичарските и либералните партии - комунисти. Шанси за власт таа партија има само кога останатите ќе се искараат, како што тоа беше случај во март, кога Партијата на пензионерите и „Модерен центар“ ја напуштија коалицијата со Левицата .