1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападот во Истанбул- дело на Исламската држава

БГ
2 јануари 2017

Во соопштение објавено на интернет-страница на поддржувачи на „Исламската држава“, џихадистите ја презедоа одговорноста за нападот во Истанбул на Новогодишната ноќ во кој загинаа 39 луѓе.

https://p.dw.com/p/2V7wr
Türkei Istanbul - Polizei sichert Nachtclub nach Angriff
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Akgul

Според пишувањата на турскиот печат, властите во земјата веќе ја истражувале веројатноста дека напаѓачот кој уби 39 луѓе во напад врз ноќен клуб во Истанбул е поврзан со „Исламската држава“ и веројатно потекнува од централна Азија.

Според весникот „Хуриет“, турската полиција и безбедносните служби добиле информации за ризик од новогодишни напади од страна на џихадисти на „Исламската држава“ во повеќе градови и презеле повеќе рации и апсења уште во текот на декември.

Напаѓачот од Истанбул се претпоставува дека е од Казахстан или од Узбекистан.

Türkei Istanbul - Sanitäter transportieren verletzte nach Angriff auf Nachtclub
Во нападот загинаа 39 луѓе, а 65 се повредениФотографија: Reuters/Stringer

Истрагата се сомнева и дека напаѓачот можеби е дел од истата келија која во јуни изврши напад врз аеродромот Кемал Ататурк во Истанбул, при што загинаа 47 луѓе.

Во друг текст во истиот весник се наведува дека Турција добила информација од САД на 30 декември дека постои ризик од терористички напади во Истанбул и Анкара за време на Новогодишната ноќ.

Во меѓувреме продолжува потрагата по напаѓачот за кој се верува дека успеал да се преоблече и да побегне незабележан од клубот „Реина“. Вкупно 39 луѓе загинаа, а 65 се повредени во нападот. Меѓу загинатите- 24 се странски државјани.

Türkei Istanbul - Angriff auf Nachtclub - Verwandte der Opfer
Роднини на гостите во клубот чекаа вести за нивните најблискиФотографија: Getty Images/Stringer


Турскиот премиер Бинали Јилдирим ги негираше извештаите дека напаѓачот носел костум на Дедо Мраз и потврди дека се работи за еден, а не за два напаѓачи, како што претходно се шпекулираше. Можно е напаѓачот да го оставил оружјето во клубот и да се измешал со гостите за да побегне.

Советот за безбедност на ОН силно го осуди нападот во Истанбул. Во соопштение објавено синоќа, членките на Советот за безбедност го осудија „грозоморниот и варварски терористички напад“.