1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народни партии без народ

Кристоф Хаселбах
25 септември 2018

По изборите за Бундестагот во 2017, конзервативците и СПД беа ослабени, а десничарската АфД со речиси 13 отсто стана најсилна опозициска партија. Но, денес, ситуацијата на традиционалните народни партии е уште потешка

https://p.dw.com/p/35Rsj
Deutschland Volksparteien verlieren an Zustimmung  | Plakat Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Steinberg

На врвот на бегалската криза Ангела Меркел изјави дека со опаѓањето на бројот на бегалците ќе опаѓа и поддршката на граѓаните за десничарската АфД. Се излажа. На изборите за Бундестагот, АфД доби 12,6 отсто поддршка и така стана најсилна опозициска партија. Но тоа ни оддалеку не е сѐ. Денес во анкетите оваа партија има рејтинг од 15 отсто и делумно е пред социјалдемократите (СПД), а на истокот на Германија е најсилна партија. Таму во иднина нема да биде доволна ни широка коалиција за да ја сузбие. Паул Зјемјак, претседател на подмладокот на демохристијаните вели: „Тоа води во политика со сѐ покусорочни цели, како и почести судири во рамки на коалицијата“.
Во Бундестагот летаат пердуви како никогаш досега. Претседателот на АфД Александер Гауланд ја обвинува владејачката СПД дека сака да ги замолкне критичарите на владината бегалска политика. А пратеникот на СПД, Мартин Шулц одговара дека Гауланд му припаѓа на „отпадот на историјата“.
Многумина бараат АфД да се стави под надзор на Службата за заштита на уставниот поредок тврдејќи дека партијата ја загрозува демократијата. Но, таквите повици не го спречија подемот на АфД- и постојаниот пад на рејтингот на владејачките ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Но, од промената на силите на политичката сцена профитираат и Зелените- во сите анкети тие сега добиваат меѓу 14 и 16 отсто, а во Баварија- во пресрет на тамошните избори за покраинскиот парламент- се втора најсилна партија, далеку пред СПД.

Deutschland, Berlin - Bundestag - Alexander Gauland, Fraktionsvorsitzender der AfD, bei der Generaldebatte im Deutschen Bundestag
Александер Гауланд, лидер на деснорадикалната АфДФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Општеството контра народните партии

Дали големите народни партии го отслужија своето? Дали партискиот спектар постојано се зголемува? Што е причината за растот на две партии кои меѓусебно не можат да бидат поразлични? Политиколозите се сложни во оценката дека, во сѐ поразновидното општество, партиите кои сакаат да покријат голем политички спектар повеќе не можат да привлечат луѓе од толку различни средини. „Народните партии имаат потешкотии во претставувањето на живата општествена динамика“, вели партискиот истражувач Карстен Грабов.
За министерот за внатрешни работи и политичар на ЦСУ, Хорст Зехофер, работата е едноставна: прашањето на миграциите е „мајка на сите проблеми“ во земјата. Тој, како и многу други конзервативци, смета дека Ангела Меркел со својата либерална бегалска политика ги преплаши бирачите. „Десно од нас не смее да има никаква демократски легитимирана партија“, гласи опомената на поранешниот баварски премиер Франц-Јозеф Штраус која и натаму важи за канцеларката.

Крај на светот или нормален процес?

Политичките промени во Германија се толкави што сѐ почесто се извлекуваат паралели со Вајмарската република. Па така, за политологот Херфрид Мунклер, интерниот спор во редовите на ЦДУ/ЦСУ околу бегалската политика е „лекомислено поигрување со политичката стабилност“ и „кокетирање со пропаста“. Тој вели дека погледот во европското пространство покажува дека концептот на народна партија како „модел го отслужи своето“. „На времињата на народните партии ќе се присетуваме со тага“.
Карстен Грабов потсетува дека во некои европски соседни земји партиските системи веќе долго се далеку пофрагментирани од германскиот, но и покрај тоа „во прашање се стабилни демократии“. Народните партии, вели тој, треба да престанат да се жалат поради неповратниот развој на настаните, туку да „признаат дека тоа се случува и да работат на обликување на нова реалност“.
А политологот Волфганг Меркел како советник на СПД смета дека тоа за партијата е и предност доколку тоа повеќе не им се обраќа на широките слоеви на населението. Тој смета дека СПД би требало да се откаже од претензиите да биде народна партија и да се концентрира на помала клиентела.

Deutschland Volksparteien verlieren an Zustimmung | SPD - Luft raus
СПД како издишан балонФотографија: picture-alliance/dpa/M. Hiekel

Новиот подем на Зелените

АфД за својот успех треба да им заблагодари пред сѐ на темите за миграција и глобализација поради кои многу луѓе имаат страв. А Зелените сѐ повеќе се претвораат во либерален и отворен антипод на тоа. Тие го отргнаа од себе тесниот корсет на еколошка партија и нудат комплетна програма за сите политички области. „Програмски гледано, тие се всушност народна патрија“, вели Карстен Грабов.
Зад оваа трансформација на Зелените се кадровските промени. Новиот претседател на партијата Роберт Хабек не е само попрагматичен од своите претходници, туку е и вистинска ѕвезда: атрактивен, другарски тип, со кого секој со задоволство би отишол на пиво. Но, Хабек го знае и светот вон политиката: има четири деца и пишува романи. „Тој не е идеолошки ограничен“ како некои поранешни шефови на партијата, го објаснува Грабов феноменот на Хабек. „Кога имате добра програма, тоа е веќе половина успех. А потребен ви е некој кој може таа програма и убаво да ја продаде, а тоа Хабек добро го прави“.
Со Хабек Зелените го добија она што народните партии го немаат. Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл „можеби би го можел тоа“, вели Грабов, но имиџот на СПД „едноставно не се продава. Што и да прават- не се исплатува“. А кога станува збор за демохристијаните, според овој експерт, „тие не знаат за што се, освен за меѓусебна кавга“.