Наследникот на Чавез стигна до тесна победа
15 април 2013Николас Мадуро (на фотографијата горе) одбраниот наследник на починатиот венецуелски претседател Уго Чавез победи на неделните претседателски избори во земјата со помалку од 2 проценти разлика во однос на главниот ривал. Но, кандидатот на обединетата опозиција Енрике Каприлес изјави дека нема да го признае поразот и побара повторно пребројување на гласовите.
Мадуро добил 50,76 отсто од гласовите, наспроти Каприлес за кого гласале 49,07 проценти. Излезноста на изборите била над 78 проценти од граѓаните со право на глас.
„Резултатот воопшто не ја отсликува реалната состојба. Господин Мадуро, ако претходно бевте нелегитимен, сега сте уште понелегитимен“, изјави Каприлес. Според неговиот изборен штаб, во државата имало над 3.000 „инциденти“ за време на гласањето. Помалку од 300 илјади гласови од речиси 19 милиони регистрирани гласачи е разликата меѓу двајцата кандидати.
Мадуро, од своја страна, изрази подготвеност за проверка на гласањето.
„Нека се отворат 100 отсто од гласачките кутии, нам не ни е страв. Нека гласачките кутии проговорат и ја кажат вистината“, изјави тој.
Но, според претседателот на државната изборна комисија Тибисај Лусена, пребројување нема да има, а објавените резултати се конечни.
Во кампањата Мадуро најавуваше дека ќе продолжи со социјалистичката политика на неговиот претходник Уго Чавез и се претставуваше како наследник на претседателот кој владееше полни 14 години.
„Ова е првпат џинот (Чавез) да не е кандидат. Тој остави син и синот сега ќе биде претседател“, изјави Мадуро по победата на изборите.
Длабока поделеност
Резултатите од изборите покажуваат длабока поделеност во венецуелското општество. Опозицијата победи во неколку покраини и во речиси сите поголеми градови. Според Каприлес, победата на Мадуро не ја одразува реалната состојба во општеството.
Мадуро ќе добие шестгодишен мандат. Во октомври минатата година Каприлес загуби и во директниот дуел со тогаш актуелниот претседател Уго Чавез, кој освои 55 отсто од гласовите, но подоцна му се влоши здравствената состојба и никогаш не дочека да биде официјално инаугуриран на функцијата. Почина во болница во Каракас на 5. март.
Венецуела се соочува со сериозни економски проблеми поради високата годишна инфлација од 27 проценти, но успева да ја одржи ликвидноста со милијардите долари кои ги добива од продажбата на нафта.