Настаните во Келн - само предигра?
7 јануари 2016
Од каде се знае дека младите мажи, кои во новогодишната ноќ во Келн нападнаа жени, навистина се Арапи? Тие би можеле да се припадници на други држави, Иранци на пример, или Пакистанци, Авганистанци. Во секој случај не беа од домашните жители, се вели во еден од коментарите на корисниците на интернет-сервисот на арапската телевизија „Ал Арабија“. Друг смета дека сторителите би можеле да се и Романци, кои, според него, изгледаат слично на Арапите. Би можеле да се и Срби. Но, не е веројатно да се Сиријци, оти во Сирија никогаш немало такви инциденти.
Коментарите на корисниците јасно покажуваат дека настаните во Келн болно ја погодија публиката на телевизијата. И, не се сите сигурни дека сторителите не биле Арапи. Ако сепак биле Арапи, пишува еден од читателите, тогаш тие им нанесоа голема штета на угледот на Арапите и на бегалците. „Кој се однесува така и толку многу го валка угледот на својата татковина, треба веднаш да биде протеран“.
Во дебатата на арапските Фејсбук-страници еден од корисниците бара: „Сторителите треба остро да се осудат, што ќе биде предупредување за други“. Друг заклучува: „Сто жени беа изложени на напади од 100 мажи, кои го нарушија угледот на повеќе од еден милион бегалци“.
Конечно малку да се отвори вентилот?
Во реакциите на читателите во европските весници преовладува незадоволство, не само во донос на настанот, туку и на реакциите во врска со него. Во многу коментари се среќава „одвратен расизам“, забележува читател на францускиот весник „Л’ Монд“. Се добива впечаток како многумина само да чекале настан како овој, за конечно да го отворат вентилот, пишува друг. Но поретки се ваквите меѓу приближно 500 коментари на читатели на весникот до вчера попладнето. При сегашните бројки на доселеници мора да се смета на ваков настан, пишува еден читател. „Дали времето ќе помогне тие млади мажи да се навикнат на европските обичаи? За жал, веројатно не, оти тие се премногу под влијание на муслиманската култура“.
Нова ноќ на погром?
Во коментарите на читателите на „Л’ Монд“ има тешки прекори и на сметка на политичарите: „Шутраците кои владеат со нас се прават како да се загрижѓени поради последиците од нивните улави решенија. Се надевам дека овој симболично многу експлозивен случај ќе биде внимателно истражен. Но, се сомневам во тоа“. Друг читател смета дека настанот ќе има тешки последици во германија: „Ова ќе заврши со нова ноќ на погромот“ (алузија на насилствата против Евреите во Германија на 9. ноември 1938. година, организирани и раководени од нацистите - н.з.).
„Непријатни изненадувања“
Во форумот на италијанскиот информативен магазин „Л’ Еспресо“ еден читател предупредува дека се бараат жртвени јарци за економската криза - и се пронајдени во бегалците. Од многу коментари може да се осознае дека општеството се подготвува за удар врз бегалците. „Ние никогаш не учиме, туку сме подготвени секогаш да ги правиме истите грешки“.
Но, најголемиот дел од читателите на магазинот доаѓаат до друг заклучок: „Станува збор само за генерална проба“. Слично може да се случи насекаде во Европа. Суштинскиот проблем не е тероризмот, туку „инертноста со која ја прифаќаме трагичната судбина на нашите градови, кои бележат масивно доселување“. Ако не се преземат „обемни мерки“ против настани како оние во Келн, „ќе доживееме непријатни изненадувања“.
Има и предупредувања дека напнатата ситуација што настана ќе биде злоупотребена: „Доволна е една искра за да се распали пламен. А во Европа гледам такви, кои се решени да го распалат“.
Случувањата во Келн се голема тема и за читателите на „Њујорк Тајмс“, каде имаше преку 17 000 реакции од читатели. И таму има стравувања од политичка злоуоптреба на настанот: „Може ли да има инцидент кој повеќе ќе и’ користи на кампањата на Трамп (Доналд Трамп, американски милијардер кој се кандидира за претседател на САД - н.з.) од овој? Или кој е поопасен за бегалците ширум светот?“
Во еден коментар се вели дека навистина има муслимани со поинакви сфаќања за жените отколку на Западот, „но тоа не значи дека сите бегалци и сите муслимани така размислуваат“. Друг читател стравува дека туѓинците тешко може да им се промени начинот на однесување: „Кој мисли дека културните норми би можеле да им бидат објаснети и со тоа ќе се решат проблемите, тој не ја сфатил димензијата на проблемот“.
„Сега сркајте си ја кашата што си ја замешавте“
Во „Ное Цирхер Цајтунг“ еден читател речиси се сити: „Ех, вие Германци, ова го добивте од вашите повици за добредојде на бегалците. Сега сркајте ја кашата што самите ја замешавте“.
Друг препорачува решителна реакција на државата: „Ако сторителите се од странската сцена, која овдешните жени ги претставува како потенцијални проститутки, тогаш државата мора остро да интервенира. Остро, оти ова би можел да биде почеток на синџир од дејствија кои го напаѓаат нашиот стил на живот со тоа што ги прават несигурни јавните места“.