1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО, евро, Балкан- чкрипи во германско-француските односи

Андреас Ринке (Ројтерс)
12 ноември 2019

Ставовите на Макрон за Северна Македонија и Албанија, НАТО и еврото наидуваат на критики во Берлин. Дали зад нив се кријат внатрешнополитички мотиви? По Брегзит во ЕУ ќе дојде до ново мешање на картите.

https://p.dw.com/p/3SrlB
G7-Gipfel in Frankreich Macron und Merkel
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/I. Langsdon

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во неделата беше невообичаено флагрантен. По изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека „НАТО е клинички мртов“, Мас предупреди од „минирање“ на НАТО и расцеп во Европа. Во неделата  Макрон во Берлин имаше мирна вечера со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел во  дворецот Белви, но во изминатите недели меѓу Германија и Франција се создаде значителен конфликтен потенцијал на три пункта. Зашто, Макрон побара генерален ремонт на Пактот за стабилност на еврото и го блокираше  почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Во Берлин се обидуваат да ја решат енигмата -  кои се вистинските мотиви на Макрон, со оглед на тоа што францускиот претседател ги доведува во прашање старите германски основни убедувања.

„Позициите на Макрон, во поглед на НАТО, но и проширувањето, се во прва линија израз на нестрпливост и разочарување“, смета Клер Димесмеј, експерт за Франција во Германското друштво за надворешна политика. Европолитичарката од Партијата на зелените, Франциска Брантнер, одговорноста ја лоцира кај германската влада. „Кај Макрон се чувствува фрустрацијата поради тоа што Германија не учествува во многу европски интегративни чекори, на кои тој се надеваше“, вели таа.

Германската влада пак, напротив, укажува порадо на внатрешнополитичкиот притисок под кој се наоѓа Макрон, а кој го гони кон внатрешнополитички популарни, но во Европа - контроверзни позиции. Во анкетите на јавното мислење француската деснорадикална партија на неговата поранешна ривалка Марин Ле Пен доживува нов подем. Во 2020 година во Франција претстојат локални избори. Одбивањето на почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Албанија Макрон го појаснуваше со фактот што земјата е на второ место според поднесени барања за азил во Франција. На тоа, меѓутоа, се надоврзува и следното - Макрон во основа не застапува нови, туку само класичните француски позиции: и поранешните француски претседатели пледираа за полабава буџетска политика и преферираа сопствена одбрана на ЕУ наспроти, од САД доминираното, НАТО. А во врска со недоволната ефикасност на ЕУ, неговите претходници беа скептични и кон секое проширување кон исток, што повеќе ја јакне улогата на Германија, но не и на Франција во Унијата. 

Deutschland Westbalkan-Gipfel Merkel und Macron
Ангела Меркел и Емануел Макрон: Проширувањето на ЕУ е само една од темите кај која постојат разлики меѓу нивФотографија: Reuters/M. Sohn

Брантнер меѓутоа предупредува позициите на Макрон да не се гледаат како ирационални или внатрешнополитички условени. „Германија притиска на започнување пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија од геостратешки причини“, вели таа. Но, Макрон оправдано го поставува прашањето зошто Германија превидува други геостратешки прашања, на пример тоа дека по стапувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на функцијата, расте сомнежот дали Европа воопшто може уште да се потпре на НАТО. Или зошто Берлин игра улога на кочничар кај довршувањето на банкарската унија и во поглед на крупните инвестициски програми на ЕУ. „Макрон не е помалку ’европски’ од неговите германски партнери“, истакнува Брантнер, предупредувајќи да не се етикетира францускиот претседател едноставно како „неоголист“ кој ги застапува исклучиво интересите на својата земја.

„Опасни“ изјави

Последица, според експертката Демесмеј, е невообичаено отворена дискусија меѓу двете престолнини. „По фазата на  инсценирана хармонија,  кулминирана со потпишувањето на Ахенскиот договор на почетокот на годината, од пролетта веќе не се трудат да ги скријат меѓусебните разлики пред јавноста“, вели таа. „И Париз и Берлин се загрижени за меѓународната ситуација, но ја гледаат низ многу различни очила. Тоа е во прва линија одраз на надворешнополитичката култура на двете земји.“

А тоа не е ништо суштински ново. Макрон предложи голем буџет на еврозоната, но беше амортизиран. А во одбранбената политика Макрон стартуваше интервенциска иницијатива, која на европско рамниште предвидува организирање трупи за брза интервенција, независно од ЕУ-структурите и со вклучување на Велика Британија без оглед на Брегзит, односно нејзиниот излез од ЕУ. Но, германската влада претпочиташе друг пат - постепено зајакнување на одбранбената соработка во рамките на ЕУ во одделни области како логистиката. На крајот, постигната е согласност за средно решение, двете земји да учествуваат во двете иницијативи.  Постојано се пребродуваа разликите,  не само при производство на заеднички борбени авиони и тенкови, туку и во поглед на договорените насоки за извоз на оружје.

Од аспект на дипломати во ЕУ, тука постои и еден друг мотив: По претстојното заминување на Велика Британија од ЕУ, се нарушува целокупниот баланс во Унијата. Германија постојано имаше средишна позиција меѓу двете атомски сили, било кај проширувањето на ЕУ или кај одбраната. Без Велика Британија, разликите меѓу Германија и Франција станаа повидливи. Германската влада притоа не е осамена. Во евро-дебатата ненадејно со остра критика кон Макрон се вклучија и северните и источните Европејци. Во понеделникот полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјавите на Макрон за НАТО ги оцени како „опасни“. Зашто, Источноевропејците во својот страв од Русија, во прв ред се потпираат врз САД, а не врз партнерите од ЕУ.