1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

НАТО неутрален во турско-германскиот спор

ЖА
18 јули 2017

НАТО не размислува за преместување на воената мисија Конија од Турција и сака да посредува во спорот околу турското откажување на посетата на германски пратеници на базата.

https://p.dw.com/p/2gjMd
Türkei Konya Awacs Besatzung mit Abzeichen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Augstein

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг е моментно во тешка позиција. Со месеци тлее спор околу забраната пратеници од Бундестагот да ги посетат германските војници во состав на воената мисија Конија во Турција. И двете земји, Германија и Турција, се членки на НАТО.

Денеска од главниот штаб на Алијансата од Брисел сепак дојде колку-толку јасен став. Јенс Столтенберг преку својот портпарол Пјер Казалет порача дека централата на НАТО ќе ја задржи посредувачката улога. „НАТО беше во контакт со обете држави и се надеваме дека случајот наскоро ќе се реши“, изјави портпаролот.

Меѓутоа, тој навести дека во Брисел сепак постои разбирање за германскиот гнев: „Парламентарците од сојузничките земји редовно ги посетуваат трупите во состав на НАТО операциите. Се надеваме дека Германија и Турција се во состојба да договорат термин за посета кој би бил прифатлив за двете страни“.

НАТО ја отфрли опцијата за преместување на мисијата. „Сите НАТО- мисии и активности се предмет на редовни проверки и преоценки“, рече Казалет, но беше дециден - воопшто не доаѓа предвид преместување на авионите од Конија во друга воена база. 

Претходно ополномоштеникот на Бундестагот за одбрана, Ханс-Петер Бартелс, во интервју за еден весник побара, доколку Турција не попушта во спорот, НАТО да ја премести мисијата во друга партнерска земја.

Во петокот беше обелоденета одлуката на турската влада засега да не издава дозволи на германски пратеници за посета на Конија. Од оваа воздушна база стартуваат разузнавачките летови на германските Авакси во рамките на НАТО-мисијата против терористичката милиција Исламска држава.

Во јуни Бундестагот донесе одлука за дислоцирање на војниците од Бундесверот од турската база Инџирлик во Јордан. Причината и во тој случај беше забраната германски пратеници да ги посетат таму стационираните војници од Бундесверот.