НАТО: Русија и Кина да се држат во шах позиција
15 јуни 2021Со една кратка реченица, американскиот претседател Џо Бајден го одреди тонот за самитот на НАТО: Членот 5 од Северноатлантскиот пакт, обврската за сојузничка помош, е „света обврска“ за Америка. Тој сакаше цела Европа да го знае тоа. За трансатлантичарот Бајден сè уште важи основниот принцип дека напад врз сојузник е напад врз целата Алијанса. Претходникот на Бајден, Доналд Трамп, постојано го доведуваше во прашање ова, како и впрочем трансатлантскиот воен сојуз. Со уверувањето на Бајден, НАТО сега може да отвори ново поглавје.
Предизвици, притоа, не недостасуваат: Растечкиот број на сајбер напади, на пример, трката за нови вооружени системи, последиците од климатската криза врз Алијансата. Сушите го подготвуваат теренот за тероризам, топењето на мразот на Арктикот создава нови територијални претензии, а експертите велат дека НАТО долгорочно ќе мора да премине од фосилни на синтетички горива.
А тука се уште две земји, на кои е посебно насочен фокусот на НАТО: Русија и Кина, кои според Бајден „не се однесуваат според надежите“. САД ја гледаат пред сѐ Кина како стратешки ривал, кој треба да се се држи во шах позиција. Досега Кина не беше вклучена во стратешкиот концепт на НАТО. Тоа сега се менува. Азиската велесила во декларацијата на самитот е опишана како „системски предизвик“.
Повеќе:
-Самит на НАТО: Историски момент за Северна Македонија
Кина забрзано го проширува својот нуклеарен арсенал, модернизирајќи ги своите трупи на нетранспарентен начин и воено соработувајќи со Русија. Но, Кина не е противник или непријател, нагласи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Британскиот премиер Борис Џонсон додаде дека никој не сака нова Студена војна.
Само заедно силни
Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди да биде изнајдена вистинската рамнотежа. Кина е ривал, но истовремено и партнер за многу прашања. Неспорно е, на пример, дека глобалното затоплување не може да се забави без Кина. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг посочи дека Кина наскоро ќе биде најголемата економска сила во светот.
Тоа им е јасно на сите сојузници, и заклучокот за НАТО гласи : „Мора да дејствуваме заеднички!“ Партнерите во Европа и во Северна Америка се согласија дека тоа е единствениот начин да се одбранат нивните вредности и интереси. Столтенберг смета дека е голем успех тоа што земјите членки на Алијансата најдоа заедничка позиција за релативно краток временски период. На прашањето дали е воопшто можен дијалог со Пекинг, Столтенберг истакна дека има контакти и на политичко и на воено ниво. На пример, за теми како што се контролата на вооружувањето и за Авганистан.
Јасна порака за Путин
Покрај двата компримирани става за Кина, завршната декларација на самитот на НАТО е буквално полна со прекори кон Русија. Во неа може да се прочита дека агресивното однесување на Москва ја загрозува трансатлантската безбедност. Од воена гледна точка, на пример, преку „провокативни активности“ и на границите со земјите од НАТО, ненајавени воени вежби и стационирање на современи ракети во Калининград.
Згора на тоа, се придодават и хибридните акции, како што е обидот да се влијае на текот и исходот на изборите во членки на НАТО. Столтенберг рече дека односите со Русија се на најниска точка од Студената војна наваму. Конфронтација и дијалог - тоа е стратегијата на НАТО. Или, како што рече Меркел, „двојниот пристап“: одвраќање и сопствена одбрана плус подготвеност за разговор. Порака што Бајден ја носи во Женева за неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во среда.