Нашите фаворити за Евровизија
Кои нумери ќе ве разиграат, а кои ќе ве расплачат на годинешното издание на изборот на најдобра песна на Евровизија? Музичките вкусови се субјективни, но нашите музички репортери сепак ги одбраа своите фаворити
Миколас Јозеф (Чешка)
Понудата на Чешка на годинешното издание е далеку подобро од сѐ што досега сте чуле од нив. „Излажи ме“, "Lie To Me" е електро-хип-хоп од највисока класа. Младиот пејач е навистина добар, а нумерата вистинско освежување кое потсетува на хитот на Снуп Дог "Drop It Like It's Hot". Чешка може да заврши меѓу првите десет.
Рајан О'Шонеси (Ирска)
Во видеото, двајца заљубени млади луѓе танцуваат низ улиците на Даблин. Тивката и лесна балада беше избрана меѓу 300 пристигнати композиции во Ирска. Со неа, земјата може да се врати во славните денови на 90-те кога оствари голем број триумфи на Евровизија. Песната нуди нешто различно на годинешниот фестивал.
Сенек (Белгија)
Белгија секогаш знае да изненади, а годинава ќе се претстави со топол и моќен соул глас кој и припаѓа на пејачката Сенек, а баладата се вика „Прашање на време“- "Matter Of Time". Не ми се допаѓаше на почетокот, но кога стигна до рефренот- како да ме ограе сонце. Одлична песна и извонреден глас.
Михаел Шулте (Германија)
Солзите сами течат, вистински и искрени. Песната има сѐ: солидна структура, потресен рефрен, издржан текст и порака која секој би можел да ја доживее- смрт на саканиот. Михаел Шулте не е само пријателски лик, туку е и голем професионалец. Тешко е да се најде било што негативно кај него.
АВС (Унгарија)
Секоја година одам во Вакен да известувам за новините на хеви-метал сцената. Унгарскиот бенд АВС таму би бил на вистинското место. Овие пет момци ќе ја разнесат публиката со својата многу гласна рок-химна од која можете да ги загубите слухот и видот. Обожувам кога Евровизија ќе зазвучи така.
Нета (Израел)
Што е пак сега ова? Жена која испушта чудни звуци при пеењето? Ме потсетува на Бет Дито. Во нејзината песна „Играчка“ "Toy" која зборува за самоуверена жена, на Нета не и се потребни ниту пропратни вокали ниту машини за ветер. Жената е бомба, што ги надокнадува здодевните стихови од типот „јас не сум твоја играчка, глупаво момче“- "I'm not your toy you stupid boy." Не е чудо што важи за фаворит.
Александер Рибак (Норвешка)
„Вака се пишува песна“- "That's How You Write A Song": насловот кажува сѐ. Рибак напиша песна која има сѐ: поп-нумера која може да биде хит на летото. Тешко е да се седи кога ќе се чуе таква фанки нумера. А сите го паметиме пејачот кој свири виолина по неговата победа во 2009 година? Многу веројатно повторно ќе се бори за највисок пласман.