1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголемите фудбалски ѕвезди го одбија Косово

Бахри Цани/бг31 август 2016

Косово за првпат ќе земе учество во квалификациите за Светското првенство во фудбал. Но, се уште е нејасно кој ќе биде дел од екипата, бидејќи многу играчи настапуваат за други репрезентации

https://p.dw.com/p/1Jsp5
Фотографија: Reuters/C. Recine

Функционерите во Косовската фудбалска федерација се нервозни, и со добра причина. Само неколку дена пред првиот официјален квалификациски меч на репрезентацијата, на 5 септември против Финска, никој не знае кој ќе биде во тимот.
Теоретски, потенцијалниот косовски тим би можел да и парира на било која европската репрезентација, бидејќи малата земја е вистински извозник на фудбалери: 24 фудбалери со косовски корени во моментов настапуваат за националните тимови на други европски земји.
Најголемиот дел од нив се активни во репрезентацијата на Албанија: на ЕП во Франција летово, вкупно 14 беа Косовци. Досега само четворица од нив одлучија да играат за матичната земја. Поголемиот дел од ѕвездите како Лорик Цана, Мергим Маврај или Таулант Џака, се уште не одлучиле.
Некои медиуми и набљудувачи во Албанија, ваквата одлука ја протолкуваа како предавство. Други пак сметаат дека тоа е нормален чекор.
„Доколку атмосферата продолжи да се загрева, идните мечеви меѓу Албанија и Косово ќе треба да бидат прогласени за натпревари од висок ризик“, вели косовскиот спортски новинар Милаим Красничи.
Менаџерот на Косовската фудбалска федерација, Бајрам Шала сепак смета дека нема да дојде до таму.
„Имаме многу добри односи со Албанската федерација. Секој играч може сам да донесе одлука за кој национален тим ќе настапува. Не смее да има притисок врз нив“, вели Шала.

Albanien Milot Rashica Fußballspieler Vitesse Arnhem
Фотографија: Getty Images7D. Mouhtaropoulos

Ѕвездите не доаѓаат

Но и други националните тимови имаа причина за загриженост, меѓу нив и Швајцарија, Белгија, Норвешка, Шведска, Финска и Црна Гора. Четворица играчи на Швајцарија во иднина би можеле да настапуваат за Косово: Ваљон Бехрами, Џердан Шакири, Гранит Џака и Шани Тарашај.
„Контактиравме со сите нив, но претпоставуваме дека ниту еден од нив нема да ја напушти репрезентацијата на Швајцарија“, вели Шала.
За фудбалерите одлуката дали да играат за Косово не е само емоционална, туку и финансиска. Најголемите ѕвезди како Џака, Шакири или Аднан Јанузај имаат потпишано лукративни договори со спонзорите на националната репрезентација.

Во квалификациите за СП 2018, Косово е во силна група со Хрватска, Исланд, Украина, Турција и Финска. Селекторот Алберт Буњаку се уште не знае на кои играчи ќе може да смета. Дополнителен проблем е што ниту еден стадион во Косово не ги исполнува условите пропишани од ФИФА, па првиот меч на домашен терен на 6 октомври против Хрватска ќе се одигра во соседната Албанија, на стадионот во Скадар. Косовските функционери се надеваат дека стадионот во Приштина ќе биде подготвен до јуни следната година.

Дури тогаш домашните навивачи ќе можат да уживаат во мечевите на својата репрезентација, со или без Шакири, Џака и останатите.