1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најдени дневниците на идеологот на нацистите

ЕМФ/дв14 јуни 2013

Алфред Розенберг важел за главен идеолог на нацистите и човек од доверба на Хитлер. Во САД се пронајдени 400 страници од неговите рачно напишани дневници. Дали тоа ќе донесе нови сознанија за фашизмот и холокаустот?

https://p.dw.com/p/18p8b
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Архиварот пребарувал цели 17 години. „Може да има уште материјал“, изјави Хенри Мајер од Музејот на холокаустот во Вашингтон  на прес-конференција. Во Вилмингтон со гордост беа презентирани дневниците и документите на главниот идеолог на нацистите и човекот надлежен за пропаганда, Алфред Розенберг.

Рачно напишаните 400 страници овозможуваат подетален поглед врз „една од најголемите неправди во човечката историја“, коментираше шефот на американската царина ИЦЕ, Џон Мортоб, при претставувањето на спектакуларното откритие. Американските власти се убедени дека документите се автентични. Тие треба да му бидат предадени на Музејот на холокаустот во Вашингтон и да и‘ бидат ставени на располагање на науката.

Алфред Розенберг важел за близок соработник на Хитлер и со своите ракописи и‘ дал печат на теоријата за расите на националсоцијалистите. Тој припаѓал на најтесниот круг на Хитлеровата партија НСДАП. Како министер за „окупираните источни територии“ тој се смета за одговорен за убиство на милиони Евреи. Освен тоа, Розенберг има голем удел во систематското ограбување на културни богатства во Источна Европа. По Втората светска војна, тој беше осуден на смрт по Нирнбершките процеси и погубен е во 1946 година. Обвинителите го нарекоа „духовен проповедник на расната омраза“.

Nürnberger Prozess
По процесот во Нирнберг, каде беше осуден на смрт, Алфред Розенберг беше погубенФотографија: Getty Images

Дневниците на Розенберг служеа како доказен материјал во текот на судскиот процес против Розенберг, а потоа исчезнаа. Според американски наводи, тие прво биле кај германскиот адвокат Роберт Кемпнер, кој побегнал во САД за време на војната, а подоцна работел како американски обвинител во Нирнбершките процеси. По завршување на судењата, тој ги прошверцувал дневниците во САД. По смртта на Кемпнер во 1993 година, се појавија некои ракописи, но најголемиот дел од дневниците го немаше. На крајот на 2012 година американските власти повторно стапнуваат на трагата на ракописите откако добиле укажување на вработен во Музејот на холокаустот.

Ракописите на Розенберг потекнуваат од периодот 1934-1944 година. Освен тоа, пронајдени се и официјални документи од личната архива на Розенберг. Историчарите се надеваат дека преку новите сознанија ќе се дознае повеќе за уништувањето на Евреите во Третиот рајх. „Овој материјал е од големо значење за да сфатиме зошто се случи холокаустот, зашто со него се документираат постапките на извршителите, но и на жртвите“, изјави Сара Блумфилд, директорка на Музејот на холокаустот во Вашингтон.