Најневообичаените хотели во Германија
Една ноќ во затвор, во првиот хотел-колбас или во буре? Кој сака да престојува на креативни места, може да се инспирира од оваа галерија со фотографии од најневообичаените хотели во Германија.
Првиот германски хотел-колбас
Во овој хотел во Ритерсбах сѐ се врти околу колбасите: тапети со колбаси, перници во облик на колбас, декорации со колбаси насекаде. На приземјето има ресторан за колбаси, а покрај хотелот и месарница која доставува свежи колбаси. Гостите тука може да добијат колбас наполнет по нивна желба и да си го однесат дома како сувенир, или пак да го изедат на лице место.
Зад решетки
Порано овде биле сместени криминалци, а денес преноќеваат фанови на затворски ќелии. Во поранешниот затвор во Кајзерслаутерн се наоѓа хотелот Алкатраз, кој има 56 соби и апартмани. Челичните решетки ги има насекаде - како овде, во барот во хотелот. Сепак, гостите, се разбира, може слободно да се движат.
Спиење во уметничко дело
Секоја од собите е уникат. Во една гостите спијат во ковчег, во друга мебелот виси од таванот. Хајлајт е собата со многу агли, чии ѕидови и таван се огледала. Берлинскиот хотел Пропелер Ајленд се самопоима како комплетно уметничко дело, креација на уметникот Ларс Штрошен. За една од собите тој дури ја има компонирано и музиката која се слуша во позадина.
Романтика во вагони
Во Јитерборг, на оддалеченост од 60 километри од Берлин, посетителите можат да го доживеат шармот на Трансибирската железница. Во хотелот кој се состои од вагони за спиење има место за 25 гости. Во секој вагон има кревет за двајца, софа и бања.
Ноќ мината во куфер
Ова е веројатно најмалиот хотел на светот, ако воопшто може да се нарече хотел: Кофтел во Лунценау, кај Кемниц, е отворен во 2004 година. Тој се состои од кабина за спиење во облик на куфер, широка 1,5 метар, долга 2 метри и висока исто така 2 метри. Преноќевање во сопствена вреќа за спиење чини околу 15 евра. Од април до октомври годишно во Кофтел престојуваат околу 500 гости.
Како хобит
Земјата на хобитите во живо! За таа цел не мора да се патува екстра до Нов Зеланд, каде што е сниман филмот Господар на прстените. Доволно е да се појде до Тириншката шума, каде се наоѓа хотелот кој се состои од приземни куќички со соби за спиење, удобни соби за дневен престој и бањи.
Вие и волците...
Самрак, завиваат волци и никаде жива душа - кој сака авантура, би требало да помине една ноќ во хотелот Три Ин во Бремен. Хотелот на дрво се наоѓа среде Центарот за волци Дерверден. Животните може да се набљудуваат преку големиот ѕид од стакло, од висина од околу пет метри. Куќата на дрво има сѐ - од минибар до џакузи.
Кревет во одводна цевка
Овде не тече отпадна вода. Во Парк-хотелот Ботроп гостите преноќеваат во цевки. нема регуларна цена за преноќевање. Секој гостин плаќа колку што сака. Цевките се долги три метри, имаат дијаметар од 2,40 метри и се тешки 11,5 тони - доволно место за еден кревет и ноќна масичка.
Како Диоген во бурето
Онаму каде што може да се складира вино, може и да се спие. Во дворот на хотелот Линденвирт, во Ридесхајм на Рајна, има шест буриња во кои може да се преноќева. Тие нудат доволно место за два кревета.
Спиење и јадење како витезите
Хотелот Артус во близина на Боденско Езеро ве враќа во минатото. Хотелските соби изгледаат како собите во Средниот век, а подрумот кани на витешки оброци. За служење се задолжени „слугинки“. Низ вечерта води „мундшенк“ (човек од кралскиот двор кој во Средниот век бил задолжен за пијалокот, пред сѐ вино).
Хотел кој не е за зиморливи
Пијалоците на барот во Иглу-ложата се гарантирано ладни! Хотелот од мраз, кој се наоѓа на Небелхорн кај Оберстдорф, е отворен од декември до средината на април. Во иглу-собите има место за два или четири кревети, а хотелот може да собере околу 40 гости. Хотелот се наоѓа на надморска височина од 2000 метри и нуди панорамски поглед на Алпите.