Најомилените електромобили
Продажбата на електромобили во Германија се поттикнува со посебна премија. Нивниот удел на пазарот е сѐ уште скромен. Сепак, електровозилата стануваат популарни. Кои произведувачи профитираат најмногу од е-мобилноста?
Најомилен електромобил во 2019-та
Поглед во минатата година: во 2019-та најпопуларен автомобил беше Тесла Модел 3 со алтернативен погон. На патиштата се најдоа речиси 445.000 нови возила од овој тип. Цената на стандардната верзија на Тесла Модел 3 изнесува 37.990 долари. Шефот на „Тесла“, Илон Маск, во јуни годинава нагласи: „Она што најмногу ми пречи е што нашите автомобили не се ценовно попристапни. Тоа мора да го поправиме.“
Број 2
Веднаш зад Тесла Модел 3 минатата година беше Нисан Лиф со 434.000 продадени возила. Минатата година беше добра за јапонскиот производител. Годинава Нисан бележи загуба од околу 6 милијарди евра. Фирмата е „во црвено“ првпат во последните 11 години.
Модел С на трето место
На третото место на најомилени електромобили е повторно возило на Тесла - Модел С. А во 2020? „Тесла, како и Порше, е јасен добитник во кризата. Додека сите го намалуваат производството, Тесла реализира програма на експанзија“, вели автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер. Тесла инвестира во нови фабрики, како на пример во покраината Бранденбург. Таму треба да се произведува Модел Ипсилон.
Јапонски компромис
По Модел С доаѓа Аутлендер Плаг-ин-Хибрид на Мицубиши. Во наредните две години Мицубиши има намера на купувачите да им понуди и чистокрвен е-модел - само со батерија. Но, тој ќе биде достапен само на азискиот пазар. Дургите региони во светот треба да ги покријат партнерите Рено и Нисан.
Динасурус меѓу хибридите...
...а сепак и натаму популарен. Тојота Приус дебитираше во далечната 1997 година во Јапонија, а од 2001 година е достапен и за купувачите на германскиот пазар. Минатата година Тојота во светот продаде околу 210.000 свои хибриди од серијата Приус. Овој јапонски автопроизводител сепак не ја гледа иднината во е-мобилноста, туку во технологијата на горивни ќелии.
BAIC? Никогаш слушнато!
Во Кина е-возилата од оваа марка се продаваат многу добро, а во Европа се практично непознати. BAIC EC во 2019. беше на шесто место во светот, додека на кинескиот пазар беше најуспешен модел. Добри извозни резултати има и BAIC EU. BAIC има намера од 2025 година да произведува само електровозила, иако во Кина сѐ уште 95% од продадените возила под хаубата имаат мотори со внатрешно согорување.
Шевролет Волт
На осмо место според бројот на продадени е-возила минатата година беше Шевролет Волт на ЏМ. Возилото презентирано во 2007-та беше брз одговор на електропионерот Тесла, кој една година претходно го претстави својот Роудстер. Меѓутоа, на пазарот Шевролет Волт се појави дури во 2010. Во меѓувреме тој веќе не се произведува. Но, ЏМ планира до 2023 година да понуди најмалку 20 нови електро-модели.
Мал, но...
... омилен во Европа - Рено Зои. Ова е најпродаваниот електромобил во Европа во првата половина од 2020 година. Минатата година во светски рамки малото е-возило беше на 9. место. Рено Зои сѐ почесто избираат и Германците кои се решаваат за електромобилност.
И едно германско е-возило
...иако само на десеттото место: БМВ и3. Германскиот автопроизводител одамна е соочен со обвинувања дека го преспал „е-трендот“. Тоа сега треба да се промени. До крајот на наредната година на пазарот треба да се најдат пет нови модели исклучиво на електро-погон.