Најретките ресурси на планетата
На 29 јули човештвото ги потроши сите расположиви ресурси на Земјата како вода, почва и чист воздух за 2019 година. Кои се најретките ресурси кои секоја година се повеќе се тенчат? Погледнете во нашата галерија
Вода- извор на живот
Во некои делови на светот пристапот до свежа вода се зема здраво за готово, но всушност е луксуз. Свежата вода учествува со само 2,5 проценти од вкупниот волумен на Земјата, а повеќе од половината од неа е мраз. Земјоделството користи 70% од употребливата вода. До 2050, две-третини од светското население ќе страда од недостаток на вода, што пак ќе има одраз врз сите аспекти на човековото живеење.
Почва- новото злато
Трката по земјиште расте низ целата планета. Со растот на светското население, корисното земјиште се намалува, а квалитетот му опаѓа. Екстремните временски услови поради климатските промени само го забрзуваат ефектот. Земјите со бројно население, а малку обработливо земјиште, како Кина и Саудиска Арабија, веќе бараат земјиште во Африка. Земјиштето се смета за ново „злато“.
Фосилни горива- Резервите при крај
Фосилните горива секако треба да најдат места на најретките светски ресурси затоа што не можат да бидат надоместени. Денешната потрошувачка ќе доведе до нивно исцрпување. Тоа може да биде голем предизвик за држави како Ирак или Либија кои традиционално поседуваат големи резерви на нафта и природен гас.
Јаглен – Време е да се напушти
Истото важи и за јагленот. Дури и земји како Германија се уште не се откажуваат од овој загадувачки извор на енергија. Но резервите се тенчат. Во Полска, резервите на лигнит во рудниците ќе се потрошат до 2030 година. Тврдиот јаглен можеби ќе потрае подолго, но не предолго, предупредуваат експертите. Оттука, земјата ќе мора да се откаже од јагленот набрзо- дури и ако тоа многу боли.
Песок- насекаде и никаде
Доколку ги погледнете пустините, песокот се чини бескраен, но неговата природна репродукција всушност е бавен процес. Песокот е обновлив ресурс, но толку масовно се користи во градежништвото што природата нема време да го репродуцира. Во регионите во развој, како во источна Африка, каде населението ќе се удвои до 2050 година, песокот може да стане баран ресурс.
Исчезнување на животинските видови
Неодговорното однесување кон живите суштества на планетата доведе неколку видови до граница на исчезнување. Животните насекаде се сметаат за ресурс на човештвото, но повеќе видови веќе се на граница целосно да исчезнат. Доколку нивната експлоатација продолжи, ќе биде загрозено и човештвото.
Најбараниот ресурс? Времето
Се чини дека се се распаѓа и дека веќе ништо не може да се стори за да се спречи црната иднина. Но, на располагање се уште имаме време, малку, но сепак вреден ресурс. Некои тврдат дека климатските промени се уште можат да бидат спречени доколку се преземе акција во следните 12 години. И барем еднаш можеме да го користиме ресурсот до крај. Нема веќе време за чекање.