1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е доволен само договор на евро-министрите за финансии

Ж.А/афп12 јули 2015

Постигнување договор меѓу евро-мнистрите за финансии не е доволно за разрешување на грчката должничка драма. Согласност треба да дадат најмалку 7 парламенти од еврозоната, германскиот Бундестаг дури двапати.

https://p.dw.com/p/1FxO9
Фотографија: Getty Images/Afp/A. Tzortzinis

Во најголемиот број земји согласноста, и покрај негодувањето кон Атина, не се доведува во прашање. Меѓутоа, во Летонија и во Словачка, кои споредено со нивната економска сила носат најголем дел од грчките долгови, може да биде проблематично. Ако во игра биде внесен отпис на долговите, може да биде комплицирано и на други места.

Грција

Парламентот во Атина ноќеска даде сосгласност за предлозите за штедење и реформи на премиерот Алексис Ципрас кон меѓународните кредитори. Сепак, двајца леичарски пратеници од партијата на Ципрас, Сириза, гласаа против, осум беа воздржани, а некои не гласаа. Во левото крило на Сириза постојат сериозни задршки кон реформскиот план, кој многу наликува на предлозите на кредиторите, кои Грците на референдум минатата недела мнозински ги отфрлија.

Пред склучувањето на трет пакет за помош, ќе треба повторна согласност на пратениците. Во Европа, како услов за договорот, се бара Атина да ги донесе првите реформски мерки. Тие во парламентот можат да стигнат на гласање на почетокот на неделата.

Германија

Бундестагот прво треба да и‘ даде мандат на владата, за да смее да преговара околу трета програма за финансиска помош. Дури по ова гласање, в среда или в четврток, владата официјално може да влезе во преговори. Во второ гласање Бундестагот треба да даде согласност за новата програма за помош. Иако не се доведува во прашање мнозинство од 631 пратеник, за канцеларката Ангела Меркел гласањето може да биде многу непријатно поради големото незадоволство во нејзината пратеничка група, ЦДУ. Голем дел од пратениците се закануваат да гласаат со „не“.

Финска

„Голема комисија“ од 25 од вкупно 200 пратеници треба да даде прво мандат за преговори. Ако во Комисијата постои неединство околу склучениот договор, ќе се гласа повторно. И покрај тоа што во новиот состав на парламентот во Хелсинки, по изборите одржани пролетоска, доминираат евроскептичарите, неверојатно е да дојде до одбивање на договорот, доколку се исполнети условите на Европскиот фонд за стабилизација ЕМС. Напротив, ако стане збор за отпис на долгови, според инстистирањето од Атина, во Хелсинки тешко ќе се обезбеди мнозинство.

Deutschland Bundestagsdebatte zu Griechenland
Бундестагот треба да гласа дури двапати за нова помош за ГрцијаФотографија: Reuters/F. Bensch

Франција

Премиерот Мануел Валс му вети на Националното собрание да спроведе гласање за договорот со Атина. Тоа може да се случи в среда. Од критичарите на натамошната помош за Грција повеќе може да се очекува да се воздржат, отколку да гласаат негативно.

Австрија

Откако договорот со Атина ќе биде одобрен од владата, треба да дадат согласност и пратениците, веројатно на вонредна седница идната недела. „Да“ не се доведува под прашалник.

Естонија

Владејачката коалиција располага со толку солидно мнозинство, што прифаќањето од страна на Парламентот во Талин не е во опасност.

Летонија

Во соседната балтичка земја, напротив, не е сигурно изјаснување со „да“. Ќе биде „многу тешко“ да се убеди Парламентот, предупреди премиерката Лаимдота Страујума.

Словачка

Владата на премиерот Роберт Фико е многу скептична во поглед на натамошна помош за Грција. Но, овде е доволна само согласност на Комисијата за надворешни работи во Парламентот.

Другите евро-земји

Во Холандија самите пратеници одлучуваат дали ќе се изјаснуваат за договорот со Грција. Во Ирска владата може да реши да осигура поддршка од Парламентот, но „да“ не е доведено во прашање. Во Белгија, Италија, Литванија, Луксембург, Португалија, Шпанија и Кипар парламентите не морада гласаат. И во Малта и во Словенија не мора својот став да го кажуваат пратениците, доколку за земјата не претстојат нови финансиски обврски. Но, тоа може да се случи ако програмата за помош се одвива преку ЕСМ.