Не е приватна работа: насилство со „семејна значка“
5 февруари 2021Стеротипи, прерасуди, насилство врз жени, семејно насилство... Многу од овие термини продефилираа низ секојдневието во изминатата година, заедно со апели од жртвите - да се најде ефикасен законски одговор за превенирање и брзо санкционирање на разни облици на семејното насилство! Сега растат очекувањата дека ваквите случаи ќе бидат превенирани со новиот закон.
„Заради надминување на стереотипите, предрасудите, на линчот кој им се прави на жените заради нивната традиционално подредена улога во семејството, општеството, заради нерамномерната поделба на моќта меѓу мажот и жената, го донесовме Законот за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство,“ порача деновиве во медиумски настап министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Повеќе:
-Какви приказни се кријат зад бројките на МВР?
Таа посочи дека законското решение претставува мултисекторски, институционален и координиран пристап во справувањето со насилството во сите облици. Прва инстанца се Центрите за социјална работа или полицијата кои се должни да постапат, а судот во рок од 24 часа, носи одлука согласно констатираниот полициски извештај.
„Целта на новото законско решение е да ја подигнеме јавната свест, да говориме отворено за насилството, да го превенираме, а доколку истото се случи да се преземат мерки за поддршка и заштита на жртвата“, истакна Шахпаска.
Според статистиката на МТСП, во периодот од јануари до септември 2020 година се случиле 1.168 насилства, од нив 836 жртви пријавиле насилство во градовите , а 332 во рурална средина. Жртви на насилство биле 51 малолетно девојче и 53 момчиња. Од 1.168 пријавени случаи, институциите постапиле во 816 случаи, односно преземале соодветни мерки.
Што покажуваат истражувањата?
Малиот број на правосилно завршени предмети во најголемиот основен суд во период од 5 години, како и малиот број на активни судски постапки за семејно насилство во 2020 година неминовно говорат во насока на тоа дека кај овој тип на криминалитет сé уште постои висока темна бројка и непријавување на случаите на семејно насилство, се вели во анализа на Коалицијата Сите за правично судење, каде се презентирани наодите од квалитативното и квантитативното истражување во поглед на гонењето и процесуирањето на семејното насилство.
Повеќе:
-Жените во Македонија жртви на семејно насилство
Истражувањето е спроведено во периодот од февруари 2020 до ноември 2020 година, а за неговите потреби е спроведен судски мониторинг на 81 предмет, односно на 131 рочиште во предмети од областа на семејното насилство во основните судови, како и увид и анализа на 60 правосилно завршени судски предмети од областа на семејното насилство, евидентирани во Основниот кривичен суд Скопје.
„Податоците евидентирани од страна на набљудувачите на судските постапки низ основните судови во државава, упатуваат на фактот дека во доминантен дел, сторители на семејно насилство се мажи и тоа со застапеност од 82% во судските постапки, за разлика од лица од женски пол кои се застапени до 18%", се вели во анализата.
Од увидот во правосилно завршени кривични предмети во периодот од 2015 до 2020 година (спроведен само во Основниот кривичен суд Скопје), пропорционалната застапеност на половите во постапките како сторители на семејно насилство на територијата на Скопје е 77% (мажи) наспроти 23% (жени).
Профил на сторители и жртви
Според податоците, најзастапената возраст во која лицата се јавуваат како сторители на семејно насилство е возрасната граница од 31 до 40 години, после неа границата од 18 до 30 години, но и над 60 години. Оваа динамика на застапеност до некаде е присутна и кај жртвите. Отстапка се јавува само кај возрасната граница над 60 години, каде бројот на жртви е незначително помал од сите останати категории на возраст.
Повеќе:
-„Молчењето му пружа заштита на насилникот“
Најчестите жртви на семејно насилство се жени на возраст од 18 до 40 години. Според анализата, 78% од сторителите се евидентирани дека се жители на урбано подрачје, додека 22% на рурално.
Врз основа на обработените податоци, сторителот е профилиран како маж со средно образование, на возраст од 31 до 40 години кој живее во урбана средина. Сличен профил би имала и жртвата, со тоа што минимална варијација би можела да се јави во поглед на степенот на образование, односно истата да поседува високо образование.
Влијанието на пандемијата и ограничувањата
Дел од податоците говорат и за влијанието на пандемијата и ограничувањето на слободата на движење врз зголемување на обемот на семејното насилство, особено во периодот на вонредна состојба во земјата. Статистиките на МТСП за месеците мај и јуни 2020 година покажуваат зголемување на бројот на пријави за семејно насилство за 30% повеќе во споредба со 2019 година.
И податоците обезбедени од МВР, покажуваат трендови на пораст на пријавите на поплаки, кривични дела и прекршоци од областа на семејното насилство, со зголемување од по 10, 18 па и 25 проценти, во зависност од категоријата. Кога ќе се споредат податоците за периодот од јануари до јуни 2019 година со истиот временски период од 2020 година, најголем пораст од 25% бележи категоријата „поплаки“ за семејно насилство до МВР. Евидентиран е драстичен пораст на поплаките во 4 градови: во Скопје од 216 во 2019, на 305 во 2020 година; во Велес од 157 во 2019, на 303 во 2020; во Охрид од 78 во 2019, на 130 за 2020 и во Штип од 289 во 2019, на 385 за 2020 година.
Со оглед дека сѐ уште се евидентираат случаи на непостапување или несоодветно постапување од страна на полициски службеници при случаи на пријави на семејно насилство, од причина што истите се убедени дека станува збор за „приватна работа помеѓу сторителот и жртвата“, истражувачите сметаат дека се потребни опширни едукативни кампањи за зголемување на свесноста за семејното насилство и неговите последици. Искуствата покажале дека досегашното постигнато ниво на пријавување, па дури и зголемен број на пријави на случаи на семејно насилство, е резултат токму на едукативните содржини.