1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не заборавајте дека се мразиме

Гордан Георгиев
4 декември 2018

Јас ја разбирам потребата на сегашната политичка власт да не зборуваме за оваа тема, а да зборуваме за живот за сите и дека правдата е задоволена, но тоа нема да ни ги реши ниту намали маките. Пишува Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/39TS1
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Впечатокот сепак не ми бил неточен. Веќе е ран декември, а никако да дојде пролетта. Таа пролет која стои зад барикадите со подигната рака, не сомневајќи се во своите деца дека паметат и нема никогаш да заборават. Еве, во полн ек е менувањето на Уставот, амандманската расправа се води и преку викенд, а ние не се возбудуваме премногу. Она што го кажавме на денот на референдумот (или го премолчевме) како да ни беше доволна сатисфакција и алиби да продолжиме понатаму. Името е сменето со надеж за подобро утре, а утрето никако да заутри. И пребегот на Груевски е веќе тема од вчера, во пакет со бесмисленото барање за екстрадиција кое патува кон Будимпешта. Дури ги подзаборавивме и спектакуларните притвори, останавме без нашите субјекти на омраза и презир. На нив со пригушена носталгија денес се сеќаваат само празните сепареа низ скопските дискотеки и неиспиените шампањи, чекајќи нови станари и нови резервации. Има ли нешто што може да не размрда и да не’ поттикне со доза на трезвеност да се навратиме на драматичните процеси изминатава година и да си кажеме дека можеби навистина најлошото помина, а пред нас е доброто кое никогаш не ни е доволно добро.
Сепак, она што е прикриена константа во нашето општество е дека никако не успеваме да престанеме да се мразиме. Омразата и поделбите се воздухот што уживаме да го дишеме во недостаток на кислород.
Ова е темата од која ќе зависи здравјето на ова општество и брзината на заздравувањето ќе оди правопропорционално со можностите за подобра комуникација помеѓу граѓаните, претставени најнапред преку политичките партии, парламентот и граѓанското општество во поширока смисла.
Граѓанинот, пак, тој изгубен Јозеф К. во лавиринтите на општествените процеси, се наоѓа во центарот на маелстромот на Бермудскиот триаголник помеѓу недемократските политички партии, нефункционалниот парламент и стерилното граѓанско општество. Од каде да му се пријде на овој триаголник? Кој агол да се фати за да се затвори кругот? 

Волја за помирување
Процесот на помирување, така како што е поставен и замислен од страна на македонските политички елити, а пред се’ од премиерот, не дава доволно аргументи и надеж дека ќе биде успешен. Да, однапред зададената задача работно наречена „ќе направам се’ големиот процес да успее“ ќе биде завршена, но таа нема особена врска со самото помирување. Релативно тешките трауми низ кои помина македонското општество изминативе години (релативно тешки во однос на некои други држави кои поминале низ војни, етнички чистења и вооружени граѓански конфликти), изискуваат поцелисходен и потемелен пристап кон процесот на помирување. Оттука, формирањето на ад-хок собраниска комисија за помирување во врска со настаните на 27ми април нема да може успешно да ја заврши само-зададената задача доколку целиот процес не подразбира вклучување и на други општествени актери, појасен мандат и цели, широка поддршка од граѓанството и транспарентност во работата. Се разбира, за сето ова е потребна суштинска политичка волја за долгорочно поставување на работите, волја која во моментов не е видлива. 
Македонија не е Руанда, бидејќи мачетите сепак не се дел од ова културно поднебје. Не е ниту Јужна Африка, без разлика на мекиот „апартхејд“ кој ни го приредуваше претходната власт. Но, Македонија е конфликтно општество со низок интензитет, во кое поделбите се сеприсутни, длабоки и долготрајно хранети. Во Македонија немаше жесток (вооружен) судир и оттука, и токму поради привидната нормалност која ја живеевме, помирувањето може да оди потешко отколку што би се надевале. Граѓаните можеби ќе заборават на промената на името и Уставот, можеби и ќе заборават на сите неправди што им беа нанесени и кои сега им се нанесуваат, но нема да заборават да мразат. Омразата, недовербата, чувството на неправда и правдата којашто секогаш доцни ќе останат како талог во општеството. Јас ја разбирам потребата на сегашната политичка власт да не зборуваме за оваа тема, а да зборуваме за живот за сите и дека правдата е задоволена, но тоа нема да ни ги реши ниту намали маките. Напротив, потребата да дојдеме до основите на помирувањето е корката леб кој му треба на ова општество гладно за правда и за мир. Таа нема да дојде преку комисијата за помирување во врска со настаните на 27 април. Оваа собраниска комисија создава чуден привиден мир и прави од Македонија еден нетипичен случај на општество во процес на помирување. Овде жртвите се веднаш и речиси без „репарации“ подготвени да простат и да помилуваат, насилниците со разиграна полу-уста се подготвени да се извинат и да признаат вина, извршната власт (преку парламентот) е подготвена да го „преквалификува“ делото, а судот е подготвен едното уво секогаш да го држи начулено кон политиката и особено кон реал-политиката. ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена да глуми тврдост и бескомпромисност. А јавноста во големо мнозинство е против сето ова и никако не може да се помири со помирувањето. Странците молчат до исцрпување. 
 

Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нашата комисија

Нашата посакувана Комисија за помирување е поинаква, и се темели на неколку основи. Таа е составена од десетина (не повеќе) личности со кредибилитет, минат труд и чисто портфолио во јавниот и професионалниот живот. Нашата замислена и посакувана Комисија е под покровителство на некаков „Прибе“ (или токму Рајнхард Прибе) или некаков висок претставник на Обединетите нации со потекло од Јужноафриканската република, на пример. Таа има јасен мандат и точно времетраење. Таа е (можеби неволно) прифатена од сите политички партии и од останатите чинители во општеството, но партиите немаат право да и’ се мешаат во работата. Претставниците на политичките партии можат да бидат евентуално предмет на опсервација на Нашата комисија. Таа ќе подготви Извештај кој е конечен и нема да може да се амендира. Широката јавност, а не партиите ќе му дадат амин на таквиот извештај. Таа ќе препорача кој смее да се бави со јавни политики а кој не смее. Таа ќе препорача што да се прави со судството откако видовме дека за судството сепак „не дојде живот“ веќе втора година после револуцијата. Таа ќе бара покајание, ќе нуди прошка но ќе биде немилосрдна во оценката за подобност на „кандидатите“. Таа ќе им препорача на јавните личности и медиумите КАКО да се однесуваат, како да зборуваат, дури и што да прават. Нашата комисија можеби ќе состави „регистар на забранети зборови за општествените актери“, таа најверојатно ќе спроведе остаркизам за фејк њуз порталите и фејк њуз електронските медиуми и ќе ги „прогони“ надвор од пристојната јавна сфера. Оваа наша Комисија ќе инсистира на силна и објективна реакција на полицијата кога некој некому ќе му упати тешки закани на ФБ. 
Се разбира, ваква наша Комисија никогаш нема да се формира и нема да добие спонзорство од демократскиот Запад, бидејќи не и’ личи на земја членка на НАТО со отпочнати преговори за ЕУ да се бави со „африкански“ комисии за помирување. Не дај боже некој некогаш случајно да ги праша странците: „А како стигнавме до тука?“. Но сепак, низ овие точки и предлози ќе мораме некако да поминеме за да не не’ одбегнуваат нашите партнери од меѓународната заедница по бриселските ходници. Од срам или од кабает, веќе е сеедно. 
Нашата комисија може да има смисла само ако ги предупреди сегашните и идните елити дека не можеме вака да тераме понатаму и дека мораат да внимаваат што прават, како го прават тоа што го прават, како зборуваат и кои се последиците од нивните зборови. А ќе ги предупреди, на овој или оној начин. На или без избори.