1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Невладините бараат да се слушне нивниот глас за СЈО

21 март 2019

Од ресорот правда велат дека досега сите имале шанси да дадат коментари за предлог-законот за Јавното обвинителство, но дека од невладините не стасал никаков предлог кога решенијата биле објавени на ЕНЕР

https://p.dw.com/p/3FQ4I
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Транспарентност, увид во процесот на донесување на предлог-законот за Јавното обвинителство и вклучување на нивните забелешки, бараат повеќе граѓански организации. Од Министерството за правда тврдат дека и досега никој не им го ускратил тоа право. Потсетуваат дека работна група составена од јавни обвинители, судии, домашни и странски експерти го изработила законски текст кој на 4 декември 2018 година, беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), паралелно со посебен Закон за СЈО, кој ги отсликувал ставовите на СЈО.

„Двата закони беа објавени и се очекуваа коментари. Беа организирани и работилници на кои се дискутираа одредени решенија во двата законски текста. Тие беа дебатирани и на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор. Сите, вклучувајќи ги и невладините организации можеа да дадат сопствени ставови, коментари и предлози за подобрување на законскиот текст. Коментарите кои стасаа беа земени предвид при конечното формулирање на законскиот текст“, велат од ресорот правда.

Зошто предлог-законот го нема ЕНЕР?

Но, граѓанските организации реагираат што токму конечената верзија не била објавена транспарентно.

„Предлог-законот беше усвоен од Владата без да биде објавен на ЕНЕР и истиот се носи во скратена постапка, што значи ја исклучува можноста за партиципативност на заинтересираните страни, влијае на квалитетот на законот и придонесува во нетранспарентен процес да се креираат политиките“, реагираат седум граѓански организации.

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Притоа, тврдат дека верзијата од предлог-законот која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група која им била презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството.

„Како граѓански организации кои учествуваат во работата на Советот, сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките кои ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување - контрола на процесот на спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 - 2022 година“, реагираат невладините.

Повеќе:

-Заев не ја дава Катица Јанева

-Насоките од Будимпешта - клучни за СЈО

-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ решаваат за судбината на СЈО и Јанева

Од ресорот правда сметаат дека секоја измена не мора да се објавува на ЕНЕР. 

„Согласно правилата, текстот на законот може да се менува и на самата владина седница, и не е предвидено секоја измена која се работи во министерствата да биде објавена на ЕНЕР. Всушност, тоа е и поентата, врз основа на коментарите на најшироката јавност за која законот се прави достапен преку ЕНЕР, да се изработи конечниот текст што ќе биде пуштен во собраниска процедура. Во периодот на објава на законот на ЕНЕР, од невладините организации не стаса каков било поинаков предлог за измена на овие одредби“, реплицираат од Министерството за правда.

Притоа, ги повикуваат сите кои можат да понудат подобри решенија за измени и дополнувања на законот, истите да ги испратат до Министерството, со цел да може да се интервенира за подобрување на текстот во текот на постапката во Собранието. 

Преклопување на надлежностите

Седум организации - Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалицијата Сите за правично судење, Институтот за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за европска политика и Фондацијата Отворено општество - Македонија, имаат забелешки на предложеното решение, главно во делот кој се однесува на СЈО.  Според нив, законодавецот пристапил кон ограничување на користењето одреден вид докази, за кои домашната практика и практиката на Европскиот суд за човекови права веќе имаат утврдено дека целта заради која биле прибавени таквите докази, ја оправдува нивната употреба.

„Не само што се ограничува примената на аудио-снимките пред да се исцрпи мандатот за кој впрочем е и основано СЈО, туку и се става забрана за користење на овие докази во веќе започнатите постапки, во кои тие се веќе прифатени како доказен материјал. На овој начин директно се пристапува кон мешање во независноста на судството и ограничување на принципот на слободна оцена на доказите од страна на судиите согласно нивното слободно судиско убедување“, наведуваат од овие организации.

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Реагираат и на преклопувањето на надлежностите на постоечкото Основно обвинителство за гонење организиран криминал, со новопредложеното кое треба да го замени СЈО.

„Законот оперира со делегирање на надлежност за некои од кривичните дела и во едното и во другото обвинителство паралелно (на пример член 353 став 5 од КЗ), па оттука неизбежно е да дојде до судир на надлежностите кои ќе биде неопходно да се решат од страна на државниот јавен обвинител, а со тоа можеби и да се губи и драгоцено време при постапувањето на овие органи“, посочуваат граѓанските организации.

Според нив, неизвесно останува и постапувањето по обвиненијата кои се поднесени по 30-ти јуни 2017 година, бидејќи законот предвидува надлежност на СЈО за истите но до влегување во сила на овој закон, со што е оставена своевидна празнина - што со нив по по влегување во сила на овој закон?

Важноста на персоналниот состав

Но, дел од забелешки се однесуваат на функционалноста на СЈО низ призмата на човечките ресурси. Сметаат дека законското решение е во голема мера несоодветно, бидејќи постоечкиот обвинителски кадар не само што е високо специјализиран и едуциран за водење на финансиски истраги, туку е и длабоко навлезен во постапките и доказните материјали. Поради тоа, сметаат дека неговата ротација на 6 месеци до целосно обновување на актуелниот кадар би можела негативно да влијае на функционалноста на СЈО, а можеби и на исходот во постапките.

„Изградени капацитети, човечките и материјални ресурси со кои располага ова обвинителство во моментов, би ја изгубиле својата вредност доколку истото се 'претопи' во јавното обвинителство“, сметаат граѓанските организации.

Тие бараат Владата да го повлече предлог-законот и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе го доработи земајќи ги предвид препораките. Тоа што го побараа овие седум организации, сега го бараат вкупно 16 од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Доколку со предлог-законот се пристапи кон присоединување на СЈО кон ЈО, а со тоа се загрози мандатот на обвинителката Катица Јанева, бараат постапка за избор на нов прв човек на СЈО да овозможи и повторен избор на Јанева, во транспарентна постапка идентична на онаа за избор на членови на ДКСК, но и јавна дискусија во матичните комисии во Собранието на која ќе бидат поканети претставници на Платформата и други заинтересирани лица.

Katica Janeva
Фотографија: DW/F. Hofmann

Амандмани од опозицијата

Работната група на опозицијата најави дека до денес ќе поднесе амандмани на предлог-законот, а утре со работната група на владејачката коалиција треба повторно да се состанат со цел да се усогласаст околу предложените решенија. На првата средба не беше постигнат договор. За власта е неприфатливо барањето на опозицијата СЈО да биде само одделение во Обвинителството, туку бара да остане посебно обвинителство. За опозицијата е неприфатливо СЈО само да си го одредува буџетот и да не одговара пред никого, но има и голем број забелешки за неговите надлежности, како и за предистражните постапки и обвиненија што се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите. Од опозицијата сметаат дека целта е да се донесе квалитетен закон и да не се брза, а власта бара тој да се донесе до 1 април, кога започнува кампањата за претседателските избори и кога Собранието би требало да престане со работа. Овој закон го посочуваат како еден од најважните критериуми за донесување одлука за почеток на преговорите со ЕУ.