1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресуда: Минимална плата и кога се стои на располагање

Гжегож Шимановски
25 јуни 2021

На негувателите од источна Европа мора да им се исплаќа минимална плата во Германија и за часовите кога не работат, но се на располагање за работа. Ваква одлука донесе судот за работни спорови во Ерфурт.

https://p.dw.com/p/3vXmg
Sterbehilfe
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Часовите кога работникот стои на располагање за работа мора да се платат. Тоа го знаат пожарникарите, таксистите и луѓето во санитетските служби. Но, што кога стоиш на располагање 24 часа затоа што живееш под ист покрив со лицето кое го негуваш?

Добрина Д. од Бугарија во 2015 година во Германија работела како „негувателка 24 часа“. Се грижела за 96-годишна Германка: „На располагање бев 24 часа дневно“, изјави таа за ДВ пред една година. Честопати Бугарката морала да станува повеќепати во текот на ноќта за да менува пелени или да дава лекови.

Слободно време немала, а за слободни денови и не станува збор, нагласува Добрина Д. За постојаниот ангажман биле плаќани само 6 работни часови дневно, односно месечно добивала по 950 евра нето. Затоа се обратила до германските судови. Таа е прва од околу 100 до 300 илјади негуватели, пред сѐ жени од источна Европа, кои живеат со германски сениори за да ги негуваат.

Добрина Д. со својата тужба поминала низ сите судски инстанци. Оваа негувателка сега го следи „својот“ процес од Бугарија. Германските судии за работно право сега ѝ дадоа за право во врска со централното прашање: „И часовите во кои работникот стои на располагање мора да бидат платени колку што изнесува минималната плата“, изјави судијата претседавач Ридигер Линк на рочиштето на 24 јуни 2021 во Сојузниот суд за работни спорови во Ефурт.

Повеќе: Бугарска негувателка во Германија тужи поради експлоатација

Пресметувањето на работното време - спорно

Но, колку пари сега Добрина Д. треба да добие од бугарската агенција која ѝ го нашла работното место во Берлин, останува нејасно. Зашто, сојузните судии сега ревидираат една поранешна одлука на Покраинскиот суд за работни спорови Берлин-Бранденбург во врска со овој проблем. Берлинските судии сметаа дека Бугарката треба да добие минимална плата за 21 работни часови дневно. Тоа значи 38.377 евра бруто, при што се веќе одземени веќе исплатените 6.680 евра нето. Судиите во Ерфурт сега велат дека пресудата на Покраинскиот суд треба да се преиспита, со оглед на тоа што нивното образложение не било доволно.

Bulgarien Dobrina D. / Altenpflegerin
Добрина Д. вели дека била на располагање 24 часа дневно, без слободно времеФотографија: DW/S. Kamburov

Затоа, и двете страни во процесот по вчерашната пресуда оценуваат дека постигнале успех. „Ова е токму она што сакавме да го постигнеме“, вели Михаел Вендлер, адвокат на бугарската агенција која е на обвинителна клупа. „Според нас, целата работа не може да заврши така што треба да се исплатат по 21 час дневно“, изјави тој за ДВ.

Проценката на Покраинскиот суд сега мора уште еднаш да се преиспита. Освен тоа, би морало повеќе да се земе предвид и фактот дека негувателката со својот работен договор се обврзала на 30 работни часа неделно, смета агенцијата. Поранешниот работодавач на Добрина Д. не сака да слушне за прекумерна работа на негувателката.

Повеќе: Странските негуватели во Германија ќе профитираат од пандемијата?

Синдикати: Важна одлука

Јустина Облачевич од советодавната мрежа „Фер мобилност“ на Сојузот на германските синдикати, ја придружува Добрина Д. на нејзиниот пат по судовите уште од самиот почеток. За неа, пресудата за минимална плата и за часовите кога си на располагање, е исклучително важна: „Ако тргнеме од тоа дека жените треба да работат до 24 часа дневно, тогаш тоа значи и дека тие 24 часа мора да бидат платени“, вели таа за ДВ. „Не е сѐ завршено со она што стои во договорот. Одлучувачки е колку навистина се работи“, нагласува Облачевич.

Altenpflegerin aus Bulgarien Dobrina D
Иако била постојано на располагање, на Добрина Д. ѝ биле плаќани само 6 работни часови дневноФотографија: Grzegorz Szymanowski/DW

Случајот на Добрина Д. покажува дека зад вратите на стотици илјади германски домаќинства се создава тензија помеѓу очекувањата на семејството во кое има случај за нега и негувателите. Во формуларите на германските партнери на бугарската агенција, кои ги исполниле роднините на 96-годишната госпоѓа во 2015 година, во категоријата „планиран ангажман“ е наведено „24-часовна нега“.

Но, во договорот за работа кој Добрина Д. го склучила со агенцијата за посредување во Бугарија, станува збор за само 6 работни часови дневно. И, со оглед на тоа што германските и бугарските посредници на негуватели меѓусебно склучиле уште еден договор, ниту семејството ниту Добрина Д. не претпоставувале дека нивната претстава за обемот на работата наскоро ќе се судрат.

Претставниците на агенциите за посредување работна сила сметаат дека не е можно класично вработување како работник во домашна нега со осигурување и 38,5 часовна работна недела. „Тогаш ваквиот модел е мртов“, вели Фредерик Зебом, раководител на Сојузот за домашно згрижување и нега. „Тогаш за едно лице за нега би морало да има три до четири работни места со полно работно време. Тоа се трошоци од 15.000 евра месечно.“ Зебом стравува дека проблемот со тоа нема да се реши, туку ќе се предизвика повеќе работа на црно.

Повеќе: Медицински персонал од Балкан - одличен бизнис за посредници

Политиката треба да преземе мерки

Интересот кој Добрина Д. го предизвика со својата тужба ја принудува и политиката на преземање мерки. „Темата минимална плата е всушност катализатор кој покажува дека мора да се зафатиме со темата 24-часовна нега. Потребата од дејствување е ужасно комплексна, но е очигледна“, оценува ополномоштеникот на германската влада за нега Андреас Вестерфелхаус. „Тоа мора да стане мега-тема на политиката“, вели тој за ДВ и додава дека одговорноста за создавање „правно сигурна состојба“ е кај „наредната сојузна влада“.

Дотогаш правниот спор помеѓу Добрина Д. и агенцијата која ѝ била работодавач продолжува. Ќе биде тешко Покраинскиот суд Берлин-Бранденбург да утврди колку часови Бугарката навистина работела или стоела на располагање. Имено, сето тоа се случувало пред шест години, а жената која ја негувала во меѓувреме починала.

Синдикалците кои ја застапуваат Добрина Д. укажуваат дека она што тужителката го опишала во обвинението за текот на нејзините работни денови, е типично за браншата. Тоа може да го потврдат сите, велат од синдикатот. Адвокатот на агенцијата за посредување работна сила, пак, смета дека прво би требало да се испитаат сведоци за да се проверат наводите на Добрина Д.

Сојузните судии им даваат барем укажување на своите колеги во Берлин. Во соопштението за медиумите во врска со пресудата тие велат: „Според она што стои во судското досие, не е далеку заклучокот дека тужителката работела повеќе од во договорот предвидените 30 часа неделно.“