1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизбришливите детски спомени од војната во Сребреница

Маринко Секулиќ
11 јули 2019

Војната во Сребреница траеше четири години. Најмногу се зборува и пишува за она што се случи на крајот, за геноцидот. Недоволно се знае како во опколената енклава се преживувало во годините на опсадата.

https://p.dw.com/p/2gJ5H
Bosnien und Herzegowina - Stadtansicht Srebrenica
Фотографија: DW/M. Sekulic

Како ги доживеале тешките години и што им останало во сеќавање, раскажуваат Адем Мехмедовиќ, професор по историја и новинар; Сејдалија Суљиќ, учител и Ахмед Устиќ, бербер и фризер. Во Сребреница сите ги познаваат, најчесто под прекарите Адо, Учо и Брицо.

Сејдалија Суљиќ, или Учо, е учител во селското училиште во Осат. Роден е во близина, во селото Урисиќи близу Дрина, каде живеел до 1992 година. На почетокот на војната, кога загинал и татко му, имал шест години. Со семејството избегал во Сребреница.

„На стигнувањето и првата година речиси не се сеќавам, сеќавањата ми се појасни на периодот кога тргнав во воено училиште во Сребреница. Често бевме гладни, немаше храна. Уште потешко беше што немаше сол, моите ја чуваа во мали пакетчиња, онакви во какви на филмовите дилерите пакуваат дрога. Ни даваа по малку да лизнеме, тоа беше дневната порција сол. Често ни тоа го немаше. Околу Сребреница, се сеќавам, немаше веќе ни шуми, сѐ беше исечено, дури и корењата од земјата беа вадени, за да се пали оган и да се готви храна во лето, а во зима за греење.“ 

Zeitzeugen Massaker von Srebrenica
Сејдалија Суљиќ и Адем МехмедовиќФотографија: DW/Marinko Sekulic

„Кога беше ранет мојот школски другар“

Адем Мехмедовиќ, Адо, во Сребреница се вратил пред неколку години. Тој е две години постар од Учо, со кого се неразделни пријатели преку дваесет години, откако ги „поврзала воената судбина“. Адо нема работа во училиштето, па повремено работи како новинар. Роден е во Саставци, близу Сребреница.

Тој раскажува за последиците, останати кај сите: „Без оглед што имав само осум години на почетокот на војната, некои моменти се врежуваат во сеќавањето до крајот на животот. Моето село беше на првата линија на разграничување, се сеќавам на секојдневните гранатирања, на одекот на гранатите. Ние децата и жените од селото се криевме во една куќа, каде мислевме дека сме заштитени. Штом ќе чуевме тенкови на ридот Копривно, трчавме во таа куќа. Како сега да гледам пред мене кога беше ранет мојот другар, неговото лице беше згрчено од болки, беше облеан во крв.“

Но, имало и убави моменти: „Таков момент беше кога добив сестра. Имаше многу снег, а кога мајка ми се врати дома со сестра ми од болницата во Сребреница, од некаде донесе бонбони, најслатките кои сум ги јадел во животот.“

„Родителите се трудеа колку што е можно да ни го олеснат животот. Во селото, за разлика од градот, имаше малку повеќе храна, но беше тешко. Поради борбите, извесно време моравме да го напуштиме селото и да живееме во стар работнички контејнер, беше зима, без храна. Мајка ми свари некој грав, но имаше толку малку, што ги 'ловевме зрната', повеќе вода отколку грав,“ продолжува Адо. 

Кој момент му останал највпечатливо во спомените? „Јули 1995 година никогаш нема да го заборавам. Сребреница паѓаше, татко ми низ шумите со други луѓе тргна кон Тузла. Мајка ми, јас и сестра ми тргнавме во Поточари, таму имаше непрегледна маса луѓе. Сите со некаков тажен израз на лицето, не знаејќи што ги чека. Кога стигна наредба жените со мали деца да се качат во автобус, мајка ми ја зеде сестра ми в раце, а мене ме држеше за рака. Пред автобусот, еден војник ѝ реќе на мајка ми: 'Ти со бебето влези, а малиот ќе оди на другата страна' и така ме одвои. Ништо не ми беше јасно, светот се урна за мене. Мајка ми остана како замрзната од шок. По минута-две, дојде друг војник ѝ рече - 'Пушти го детето, има доволно одвоени'. Веројатно му беше надреден на првиот војник, кој ме пушти и ме клоцна со нога накај мајка ми, па се спрепнав на една жица и се изгребав. Мајка ми ме зграпчи и ме внесе во автобусот, кој значеше спас“, раскажува Адо.

Zeitzeugen Massaker von Srebrenica
Ахмед УстиќФотографија: DW/Marinko Sekulic

Мирисаше на нешто грдо

Ахмед Устиќ, или Брицо, војната ја дочекал во тинејџерско доба. Имал 17 години и се сеќава на многу детали: „На почеток сѐ ми беше некако чудно. Нешто се случува, а не знаеш што, ново искуство, непознато и шокантно. Од Сребреница нагло заминаа многу луѓе, градот опусте. Некоја неизвесност и напнатост лебдеше во воздухот, мирисаше дека ќе се случи нешто лошо,“ раскажува Брицо, а за еден од најтешките моменти вели: „За мене, тоа беа загубите на членови од семејството, пријатели. Чудно е како човек се навикнува на смрт, кога таа станува секојдневие. Сетилата веројатно отапуваат. Ако загине човек, а не ти е некој близок, веќе како да не те допира. Ме ставија во служба на чување на воената болница. Смрт гледав секој ден, немаше завои и друг медицински материјал, немаше лекови. Луѓето умираа од наизглед безопасни рани.“

За падот на Сребреница и заминувањето од таму, Брицо вели дека три дена не можел да јаде и пие пред тргнувањето. „Едноставно, имавме чувство дека мора да се побегне, зашто обрачот се стегаше, стануваше сѐ посмртоносно. Отидов како без глава со колоната возрасни. Толку бев во шок, што не се сетив ни да се поздравам со своите, не ги бакнав мајка ми и сестра ми пред заминување. Имав среќа да преживеам.“

Брицо веднаш по војната се вратил во Сребреница, се оженил, има две деца.

„Се вратив да го продолжам животот во својот град. Не бев задоен од војната, сакав само да извлечам жива глава и затоа денес немам проблеми со луѓето, се дружам со сите, имам многу пријатели Срби, кои размислуваат исто како мене. Многумина од нив исто така загубија бројни најблиски, зашто војната не прашува. Нашата иднина е живот во мир, дијалог и фер соработка“, вели Брицо.

И Учо и Адо порачуваат:„Осудени сме едни на други, треба да живееме заедно, нема друго...“