Неискористените ИПА-фондови, показател за забавена ЕУ интеграција?!
15 август 2013Од декември 2009 година досега Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и на развојот на селата на Република Македонија има огласено осум јавни повици за искористување на парите од ИПА фондовите. Во текот на седумте завршени јавни повици се примени 599 пријави со барања за парична поддршка со вкупен износ од 33 милиони евра. Биле склучени 176 договори со вкупна сума од 7,9 милиони евра, при што 5,8 милиони евра се од ЕУ фондовите и 2,1 милиони евра од буџетот на Македонија. Имајќи предвид дека досега Македонија по оваа основа имала на располагање 36 милиони евра, до денес се склучени договори во износ од 22 проценти од тие пари. Исплатени се 94 договори со 3,5 милиони евра, од кои 2,6 милиони евра се ИПА-средства, што претставува 7 проценти од расположливите средства.
Маја Брајовиќ, раководителка во споменатата агенција, вели: „Во тек е осмиот јавен повик. Со оглед дека оваа ИПА-програма ќе се спроведува до крајот на 2016 година, предвидуваме дека ќе се зголеми бројот на барања за финансиска поддршка. Очекуваме дека поднесените проекти ќе бидат значително подобри од аспект на планираните инвестициони активности и од аспект на подобра подготовка на бараните документи. Сметаме дека ова ќе го зголеми бројот и на одобрени барања и проекти, оти досега биле прифатени само 30 отсто од таквите барања. Крајниот резултат би требало да биде максимализација на искористеноста на средствата ставени на располагање од ЕУ – фондовите“.
Ристе Темјановски, економски експерт од државниот универзитет во Штип е категоричен: „Македонија е навистина далеку од искористувањето на овие европски пари. Институциите и компаниите треба да ги разберат начините како размислува европската администрација, која одлучува при доделувањето вакви средства. Потребно е овие европски фондови да се прикажуваат низ македонскиот институционален пејзаж: домашните институции да ги презентираат фондовите, да ги запознаваат компаниите и другите нивни потенцијални корисници, да се дава помош при пополнувањето на обрасците и при дефинирањето на програмите на компаниите што ќе аплицираат. Потребна е поголема присутност и институциите, кои се поврзани со ИПА-програмите, кај потенцијалните апликанти, директно во општините, компании ...“
„За користење на европските пари е потребна ’европска волја“
Билјана Секуловска Габер, економски експерт од државниот универзитет во Скопје, истакнува: „Основната причина за неискористувањето на ИПА фондовите е непостоењето континуитет во стратегиската определба за градење на капацитетот, на јадрото. Европската комисија во периодот 2003 – 2006 година финансираше проект за формирање тренинг – центар за европска интеграција при нашиот економски факултет. Определбата беше да се изгради центар, заради јакнење на административните капацитети. Но, оваа политика се напушти во 2006 година кога заврши проектот, а кога дојде и до промена на Владата. Стратегијата во Македонија е дневно-политичка: кога и како се менува власта така се менуваат и луѓето што сме ги обучувале да обучуваат други за пишување добри проекти, кои ќе бидат финансирани. Сега не постои организација за таква обука на луѓето. Потребни се долгорочна стратегија и кадар, кои не се создаваат преку ноќ.“
Според аналитичката студија „Користење на ИПА-фондовите во Македонија – како до зголемена ефикасност и ефективност?“ на Институтот за европска политика од Скопје од март оваа година, „споредено со другите земји - корисници на претпристапната помош, Македонија има најниско ниво на спроведување на ИПА-средствата во три од пет компоненти на оваа помош.“ „Нискиот процент на реализирани средства во голема мера се должи на комплексноста и гломазноста на бирократскиот механизам, кој стои зад претпристапните фондови. Ниската ефикасност најмногу се должи на недостигот на јасно поставени приоритети на национално ниво и на нискиот административен капацитет“, стои во таа студија.
Во овој контекст Александар Колекески, професор на „Евробалкан“ универзитетот од Скопје се надоврзува: „За изготвување иновативни и квалитетни проекти потребни се и расположливи буџети за таа намена, релативна независност во донесувањето на одлуките и поседување партнерства што произлегуваат од интензивна меѓународна соработка. Прашање е дали и колку нашата администрација може да функционира во такви услови, со оглед дека за вакво нешто се потребни континуитет, непристрасност и професионалност, кои траат подолго од мандатите на именуваните носители на функции и нивните гарнитури. За користење на европските пари е потребна ’европска волја’: нереално е да се очекува дека функционирањето и одговорноста, кои доаѓаат со членството во ЕУ, се во интерес на оние кои просперираат денес. Зошто тие бизнис елити и политички елити би го менувале системот кога во сегашните околности имаат неприкосновени позиции? Зошто ним им е потребна Унијата?“
Според документите на Европската комисија, во 2013 година Македонија повлекла само околу 15 илјади евра од ИПА-парите што и се на располагање, а лани околу 140 илјади евра. Наспроти тоа, ресорните министри тврдат дека „трендот на користење на тие средства оди на подобро“ и оти „до крајот на годината искористеноста ќе биде 48 проценти“.
Секуловска Габер напоменува: „Колку повеќе сте посветени кон некоја агенда, тогаш се трудите колку е можно повеќе да искористите од тоа што ви е ставено на располагање. ИПА-фондовите се како некој да ви дава подарок, но, испаѓа дека ние не сакаме да го примиме. Значи, не сме подготвени, или во моментот тоа не ни е приоритет, туку нешто друго.“
Министерството за локална самоуправа е вклучено во управувањето со ИПА-парите од компонентата за прекуграничната соработка. Министерот за локална самоуправа Тахир Хани изјавува за ДВ: „Од 2007 до 2013 година овие средства ги користиме со повеќе од 60 проценти, односно, имаме повлечено вкупно околу 19 милиони евра по оваа основа. Досега се објавени три повици за поднесување пријави со партнери од Албанија, Бугарија и Грција и имаме еден повик со Косово. Во тек е третиот повик со Грција каде што се предвидени 5,7 милиони евра. Во септември годинава ќе биде објавен нов повик за аплицирање со партнери од Косово и сумата е околу 4 милиони евра за двете страни. Европската процедура за ИПА-фондовите не е прегломазна и комплексна, туку само е стриктна и прецизна и се бара почитување на критериумите за проектите. По секој повик нашето министерство ги информира сите субјекти за процедурата што треба да биде спроведена и за квалитетот на проектите.“
Какви се искуствата и развојните планови на општините Битола и Тетово?
Градоначалникот на Битола Владимир Талески вели: „Овие фондови не се со износи какви што посакуваме, бидејќи Македонија се уште не е членка на ЕУ. Лани и годинава за четири комунално – инфраструктурни рекоинструкциони проекти општина Битола има добиено вкупно околу 3 милиони евра од ИПА-фондовите. Имаме партнерство со неколку општини од Грција: лани аплициравме со два проекта заедно со Солун, но не ни беа прифатени. Со Лерин неколку пати сме аплицирале. Оваа година се подготвивме и конкурираме со општината Воден со проект од културата и туризмот. На почетокот тоа ни изгледаше компликувано, но ги обучивме нашите луѓе и тие сега знаат како се аплицира. Сега Битола во тој поглед нема никаков проблем.“
Градоначалникот на Тетово Теута Арифи истакнува: „Ќе им посветам голем акцент на ИПА-фондовите. Се што треба да сториме е да направиме добри проекти, на кои треба многу да се работи. За време на мојот мандат првите ИПА-проекти ќе се однесуваат на прекуграничната соработка и градбата на инфраструктурни објекти.“ Општина Тетово во изминатиот период ја реорганизираше својата администрација, заради зајакнување на капацитетите за користење на меѓународните и европските фондови за развој. Поднесена е апликација за ИПА-програмата за меѓугранична соработка со проект за зголемување на туристичките капацитети на Тетово и Елбасан од Албанија преку промовирањето на туристичките вредности.