Некои се мислат, а некои веќе си заминаа од Фејсбук
Бројни компании соопштија дека го напуштаат Фејсбук или го стопираат користењето на социјалната мрежа. Од Фејсбук велат дека малку луѓе досега ги напуштиле поради скандалот со злоупотребата на лични податоци
SpaceX и Тесла
Елон Маск, милијардерот сопственик на фабриката за електрични автомобили Тесла и ракетно производство SpaceX, на Твитер објави дека ги брише обата профили на неговите компании на Фејсбук. Одлуката делуваше спонтана, откако Маск напиша дека „не знаел“ оти SpaceX воопшто има Фејсбук профил. Профилите на двете компании имаа 2,6 милиони следбеници пред да бидат избришани.
Моѕила
Компанијата која е сопственик на популарниот интернет пребарувач „Фајрфокс“ соопшти дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. Но, нема да го избрише својот Фејсбук профил, туку ќе престане да постира информации за надградби. „Кога Фејсбук ќе преземе посилна акција во однос на споделувањето на лични податоци... ќе размислиме дали да се вратиме“, соопшти компанијата.
Комерцбанк
Една од најголемите германски банки најави дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. „Ќе паузираме со рекламирањето на Фејсбук. Заштитата на податоците и сочувањето на добриот бренд се важни за нас“, изјави директорот за бренд менаџмент на Комерцбанк. Тој вели дека компанијата ќе причека да види што ќе се случува пред да ги преземе следните чекори.
Коосновачот на WhatsApp Брајан Актон
„Време е. #deletefacebook“. „Избриши го Фејсбук“, напиша коосновачот на апликацијата за пораки на Твитер на 20 март. Тој стана милијардер откако му го продаде WhatsApp на Фејсбук во 2014. Неодамна инвестираше во ривалска апликација за пораки наречена Сигнал. Во 2009 година, Актон неуспешно аплицирал за работа во Фејсбук.
Сонос
Производителот на звучници од САД најави повлекување на рекламите од Фејсбук и други социјални платформи, меѓу нив и Инстаграм. Од Сонос оценуваат дека последните откритија отвориле прашања за тоа дали Фејсбук прави доволно за заштита на приватноста. Но сепак, фирмата нема целосно да го напушти Фејсбук.
Др. Еткер се пишмани
Германската компанија за храна ги праша своите следбеници на Твитер дали да го избрише профилот на Фејсбук. „Ќе го избришеме нашиот Фејсбук профил за 1,000 ретвита“, соопштија тие на 21 март. Постот набрзо беше ретвитан 1,000 пати, и компанијата го избриша својот Фејсбук профил. Но, еден ден подоцна тој беше реактивиран, а компанијата на Твитер напиша дека „не може“ без Фејсбук.
Одговорот на Фејсбук
Запрашани да ја коментираат најавата на фирми кои ја напуштаат социјалната мрежа, од Фејсбук велат: „Повеќето фирми со кои разговаравме се задоволни од чекорите кои ги најавивме за подобра заштита на личните податоци, и тие имаат доверба дека ќе одговориме на овие предизвици и ќе станеме подобри партнери и компанија“.