1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои чудни центри

14 декември 2017

Тековната кампања за форсирање на борбата против корупцијата, за жал е однапред компромитирана и таква ќе остане сѐ додека чистката не почне од главата, т.е. од вистинското прочистување на влијанијата на тајните служби.

https://p.dw.com/p/2pNrA
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Домашната политичка сцена никогаш не патела од недостаток на хумор и комика. А сепак, ретко кога сме имале можност во живо да бидеме сведоци на две сцени кои (иако сосема сериозно) ја доловуваат парадоксалната сатира на денешницата. Сцена прва, конференцијата замислена како демонстрирање сериозност во справување со корупцијата и упрличена од Бејли, Заев, Ахмети и Таравари.  Додека врвот на домашната политика и меѓународна дипломатија во Македонија ја куражеа јавноста да не се либи во борба против корупцијата, речиси истовремено низ медиумите се одвиваше втората сцена која директно ја побиваше смислата на правата. Зборот е секако за оставката на Горан Калајџиев од Советот за реформи во правосудството, како знак на протест и незадоволство од редица причини. Почнувајќи од бенигните, како немање инклузивност, маргинализацијата на Советот како декор на Министерството, недобивање материјали, па до посериозните како нерезистентноста на системот кон политиката, чувството на пониженост поради негово именување на тривијални позиции.

Сѐ на сѐ, исказ кој хоризонтално и вертикално ја демантираше прес конференцијата на Бејли, Заев, Ахмети, Таравари како ишчашена од реалноста. Но со обзир што Калајџиев оставката ја имал дадено десетици дена претходно, упатно е да се запрашаме дали нејзината обзнана и протестниот исказ бил само спонтано погоден во исто време со дипло-политичкаата парада, или пак станува збор за намерно смислена режија за демонстрација на испразноста на владино-дипломатските поезии и простирање на сировата вистина - дека борбата против корупцијата е саботирана уште и пред да започне.

Она што посебно паѓа во очи во излагањето на Калајџиев е неговото убедување за постоење на „некои чудни центри на моќ кои работат на реформите без транспарентност”. Индикативно е што во својот сомнеж Калајџиев користи множина, индиректно потврдувајќи дека во прашање не е само влијанието на владата / министерството, туку дека станува збор за мултиплицирана спрега на влијанија од различни правци, со споделен интерес на саботирање на реформите. Доволно за разгорување на имагинацијата на љубителите на теории за завери за мрачни седенки со лица во сенка и долги бели прсти.

Geheimdienst Agent - Symbolbild
Фотографија: Imago/Steinach

Заборавен редослед на домашни задачи

Камо среќа да е така. Бидејќи колку и да правиме фискултура на имагинацијата, реалноста за „некои чудни центри” е сепак многу попрозаична. И соткана во заборавениот редослед на домашни задачи составена од Рајнхард Прибе во која реформата на тајните служби претходи на реформите во правосудството. Нешто што по логиката на нештата и поредокот на влијанијата е conditio sine qua non за разветрување на пирамидата од врвот па надолу. Но, судејќи според детектираното влијание на „некои чудни центри”, таа чистка сѐуште е во фаза на убави мисли, но без искрен ниет за реализација. 

За сликовито доловување на таа реалност, ќе ги искористам зборовите на еден мошне интересен медиумски извештај за тоа до каде сме со расчистување на службите, нивното влијание и улога на меч во рацете на партијата. Извештај во кој, цитирам, се констатира дека „и покрај многу ветувања, реформата на тајните служби до денес не е извршена. Сите промени беа козметички, сведени на промена на името на службата, смена на челните луѓе, додека останатите продолжија да работат за неа по истите принципи и правила. (..) утврдено е дека нејзините припадници земале учество во елиминација на политички противници на режимот, вклучувајќи убиства, пљачка, шверц, уцени, дискредитации. Сѐ во име на државни интереси. И покрај сето тоа, до ден денеска не е воспоставена адекватна цивилна контрола на службата.” И така натаму, со многу други сочни детали за октоподското влијание на службите врз сите сегменти на општеството. Но да не заборавам, извештајот е позајмен од емисијата Инсајдер на Белградскиот медиум Б92,емитуван на 9 декември 2017 и се однесува на - Србија.

Секоја сличност - а сличноста со овдешните паралели е огромна – не е воопшто случајна, туку илустративна за споделените константи на статус-кво кога станува збор за вистинско, реално, решително справување и крастење на пипците на службите. Традиционалната блискост (зависност?) на овдешните служби од досиејата Белградски е само појасниот и полесно разбирливиот дел на симптоматичната сличност во односот кон службите во Србија и Македонија. Она што е потешко да се образложи е дека таа сличност не е само поради папочната врска на историјата и традицијата, туку многу повеќе се должи на внатрешните политички динамики и дегенерирани улоги на службите.

Притоа, исто како и Калајџиев со сомнежите за „центрите на моќ”, не случајно во овој текст – како и повеќето во јавниот дискурс – се користам со плурал на „службите”, наместо со нејзино сингуларно именување. Причината за тоа не е лексичка, туку практична и базирана врз често пренебрегнуваниот факт што синонимот „служби” е композит за двотактната улога на УДБ, како внатрешно ориентирана, идео-политички водена, републички разгранета и федерално централизирана тајна полиција во служба на цивилните власти; и КОС како контра-разузнавачка служба на армијата во справување со надворешни закани (во чиј склоп била и СИД, Службата за истражување и документација, како седмиот одел на Федералното министерство за надворешни работи). Природата на разграничување на внатрепно-надворешна ориентираности и поставености на УДБ и КОС диктираа и приод, цели на обработка, модуси на работа и сфери на влијанија со далекусежни реперкусии и долготрајни влијанија. Пришто, идео-политичката ориентација на УДБ се има фокусирано преку продор и доминација низ домашните политички, административни, образовни, културни и други општествени институции, посебно во областа на правосудството и образованието. Поради што не е случајно што нивното влијание било од пресуден значај во работата на било кој Правен факултет низ сите универзитети на федерацијата. Од друга страна пак, надворешно-дефанзивната поставеност на КОС резултира и со зајакнато влијание во надворешна-трговија низ редица моќни индустриски паравани, како што биле Генекс, Ина, Астра, Ингра итн. И на крај, поставеноста на УДБ како идео-политичка тајна полиција ја има упатувано на засилено ривалство но и соработка со западно-европските посестрими, додека пак воената природа на КОС како воена служба на неутрална Југославија ја има детерминирано корелацијата на периодично (не)пријателство со НАТО.

Други колумни од авторот: 

Црни Вторници и Бели Лаги

Црвените Бригади на НАТО

Спор за Име и Мир со Корупција

Република Крушевска Македонија ©

Вкоренетото ривалство на двете служби беше силум надминато со нивно ставање под иста командна капа на режимот на Слободан Милошевиќ во периодот на раните 80-ти до крајот на југословенскиот војни. За повторно да заживее со демократските промени, идеолошките поделби и користење на искуствата и западните врски стекнати низ поранешите соработки. При што УДБ ги ставаше нејзините домашни политички влијанија на услуга на западно-европските интереси, додека пак КОС, по воена линија беше природен партнер за соработка со НАТО во стабилизирање на безбедносните состојби. Се разбира, нудењето на добри услуги се компензираше со адекватно претопување низ политичките, образовни и административни институции (УДБ) или прекоманда во светот на бизнисот и економијата (КОС). По таа линија на развој, не треба да не чуди што нашата севкупна идео-политичка, образовна размена е речиси апсолутно поврзана со Западна Европа, додека пак армиската надворешна соработка е доминатно врзана за САД, и речиси минорна со другите воени сили на НАТО.

Би било не само претерано доколку од оваа куса генеза на развојот и претопувањето на службите се извлече заклучок за нивната директна вмешаност и влијание во овдешните и денешните случувања. Но исто така би било наивно од старт да се отфрлат последиците од транзициските и други импликации врз политичките и економски собитија на современието преку мизансценски групировки, семејни наследства и бизнис-криминални кланови чија конечна цел е помалку општествено-политичка а повеќе групно-профитерска. Самиот факт што во Македонија темата на инфилтрацијата и мрежното поврзување на службите никогаш не била тема на сериозна обсервација (како што тоа се има случено во Хрватска или Словенија) и дека процесот на лустрација беше извитоперен во партиско-приватни пресметки, е можеби индиректно најцврстиот доказ во прилог на сомнежите за нивното константно и осетливо влијание. Ниту пак е случајно што секој домашен обид за нивно разоткривање завршува во организирано замолкнување или оркестрирана хајка на исмејување, медиумска харанга и прогласување на параноичност кај секој кој ќе се осмели да прозбори. Токму како што е објаснето во прилогот на Инсајдер.

Spionage
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Табуизирање на темата „служби“

Како заклучок, тековната кампања за форсирање на борбата против корупцијата колку да е добредојдена е за жал однапред компромитирана и таква ќе остане сѐ додека чистката не почне од главата, т.е. од вистинското прочистување на влијанијата на тајните служби. Во спротивно, доколку продолжи табуизирањето на темата „служби”, останува да заклучиме дека најдоброто за нас е правосудството да остане демонстративно видливо нереформирано, отколку да биде повторно подложено на сезонски фејс-лифтинг врз трулиот организам. И повторно, не станува збор за политичка етика и морализаторство, туку за предизвик од капитални размери. Кулоарните шепотења за чудни пост-изборни политичко-партијски активизирања на одредени бизнис ликови (Македонци ем Албанци) со сомнителен федерален бекграунд и нивното поврзување со веќе постоечките мрежи на неслужбено влијание се првиот портокалов индикатор кој не смее да биде пренебрегнат. Нивното игнорирање неминовно ќе води кон црвените индикатори на аларм за спрегата на корупцијата и влијанието врз безбедноста. Од проста причина што нивниот модус операнди не се базира врз идео-политички, национални или стратешки определби, туку врз просто приватно-лукративни побуди и интереси. Поради кои навреме така елегантно и безболно ја изведоа транзицијата од ревносни и брутални бранителите на „братство-единството, социјализмот и уставниот поредок” во лајави и арогантни перјаници на „демократијата, пазарната економија и слободата на медиумите”. Но доколку мотивот на таквите претумбации е секогаш паричен и лукративен, логично е да се заклучи дека истиот пристап може да биде и реверзибилен и во прилог на некоја нова матрица која ќе понуди повеќе заштита, повеќе пари, повеќе влијание од сегашните Бриселско-Берлински-Вашингтонски спонзори. Бидејќи, нели, службата никогаш не го затвара кругот. 


    

 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач