Нема вакцина против лажење
29 декември 2020Злоупотребата на пандемијата на коронавирусот за политички и други цели во Македонија го достигнува врвот со вакцините!?
Што сe' не се изнаслушавме во оваа драматична година на опасно живеење! Милиони луѓе заболени и починати од непознат вирус беа морбиден терен за лаги и заговори на целата планета Земја. Прогласувањето на трета светска војна против невидливиот непријател стана ептен видлива во партиските, политичките и бизнис пресметки за превласт и пари и се' друго што оди со освојување на власта. Како и во секоја војна, и во оваа прво загина вистината. Егоизмот доби ново пакување на хуманост во дози на милијарди долари и евра. Нобеловите награди и признанија кои ќе уследат ќе бидат добра утеха, благодарност и прекривка за спасување на светот и заборав на големата несреќа.
Непристрасната наука, ако ја има, допрва ќе ја утврдува вистината, која најверојатно нема многу да ги вознемирува преживеаните и идните генерации. Се разбира, само до првата следна пандемија, бидејќи нема вакцина против лажење, егоизам и воено профитерство. Тој лек не се произведува во медицинските лаборатории на здравствените гиганти. Што повеќе заостанатост, примитивизам и сиромаштија, толку подобра клима за ширење лаги и злоупотреби на трагедиите и катастрофите со кои се соочува и ќе се соочува во иднина светот.
Од Велес ли тргна вирусот?
Македонија не е мал изолиран остров негде во непрегледните пространства на Пацификот. Безмалку се наоѓа среде Европа, вгнездена на Балканите, на само два часа лет од Париз, Лондон, Берлин и Москва. Не можеше да биде забиколена од вирусите, како што се' друго ја заобиколува. Со пандемијата почнаа и лагите, на моменти достигнувајќи први места на светските ранг листи.
Првата која ја паметам како шампионска, со олимписки височини, беше дека во Велес починал човек од корона пред да биде откриен вирусот во Кина. Да не беше ептен голема и лесно докажлива ујдурмата, можевме да ја преземеме „славата“ на Вухан, дека од македонската лабароторија тргнал вирусот кога несреќниот велешанец пиел расолница и јадел сарма од престасана зелка.
По обнародувањето на таткото на големата лага, се' друго натаму одеше многу полесно и поедноставно. Се редеа храбри откритија на знаменити јавни личности и партиски надриексперти за наводно непостоечка опасност за да се прикријат неуспесите на нелегитимната власт, за да се спаси од тежок пораз на предвремени избори. Загриженоста за трагичните последици од епидемијата по здравјето на луѓето и за екомските тешкотии доби карикатурално лицемерие.
Еднаш беа тоа неспособните здравствени власти кои не владеат со ситуацијата, за утредента да се оддаде признание на медицинскиот перснал за големата пожртвуваност, како божем здравствените работници да работеле на своја рака без никаква координација и примена на протоколите на Светската здравствена организација.
Силно се лелека за крахот на економијата, бидејќи била недоволна финансиската поддршка, за утредента да се престори во мала и незначителна помош и енормно залудно презадолжување на државата. За на крај помошта да биде оквалификувана како предизборно корумпирање на граѓаните. Итно се бараше прогласување на кризна состојба, но никако вонредна, за по еден ден да се прифати вонредна состојба. За конечно да се прикаже како противуставна и голема злоупотреба на овластувањата на владата да носи одлуки со сила на закони во вонредна ситуација.
Вирусот - моќно политичко оружје
Се приопшти силна хуманост и сочувство со болните, откажувајќи се од изборна победа, бидејќи никако не смее да се одржат брзи избори во мај и јуни, кога имаше дневно по стотина заболени. Шпицен-кандидатот не сакаше да биде премиер ако само еден човек умре од зараза при гласање на изборите. Како најдобар датум се предложи доцна есен, или декември, кога според партиските проценки ќе се надмине кризата. Бројките на заболени доцна есента надминаа над илјада дневно.
Интензитетот на големата грижа за здравјето на луѓето се менуваше со датумите на избори како на рулет, час црвено, час црно, час чичино. Ограничувањата на движење и мерките за претпазливост еднаш беа недоволни, а другпат беа сериозно нарушување на човековите права и слободи и се' така додека не одекна големата бомба дека во Македонија има тестови само уште за еден ден кои неспособната влада не може да ги обезбеди, како што не можеше да обезбеди доволно маски и респиратори, па тоа мора да го направи опозицијата со авионска достава од Словенија и од Унгарија. Колку е сега небитно што секогаш имаше маски и респратори и се направија речиси 400.000 тестови.
И така секој ден со ред, цела една неполна година, во зависност од ескалацијата, или стишување на пандемијата се редат партиски пресметки кои имаат само една единствена цел - како корона вирусите да се претворат во моќно политичко оружје за освојување на власта, или гледано од спротивниот агол - како да се сочува власта. Бројките на заболени и починати задолжително се гарнирани со морбидни коментари небаре со инсталација на гасни комори во болниците се задушуваат луѓето од негрижа и неспособност на владата и здравствените комисии.
Каде е вакцината, одекнаа партиските камбани
И конечно, кога стаса најпосакуваната вест во светот - дека се откриени вакцини и дека деновиве уште пред да почне масовната имунизација во најбогатите, најразвиени држави, во земјите членки на ЕУ, кај нас одекнаа партиските камбани за тревога. Зошто нема вакцини, како е можно да има во Србија и во Бугарија, а кај нас луѓето умираат и се' уште има голем број на заболени? Како тоа вакцините да стасаат дури наредната година во март-април, по цели три месеци, а комшиите веќе почнале со вакцинирање?
И ете ти голема трка по медиумите на политичките лидери и аналитичари со пропагандни пораки и објаснувања што е вистина, а што лага. Во страв и несреќа големи се очите. Тешко се прифаќаат разумните и реални можности дали може да се почне меѓу првите во светот со масовна вакцинација, или уште помалку во костец со последиците - кој треба да се вакацнира прв, ако стасаат само неколку стотини, или две илјади вакцини како краткотраен популистички успех, како што е тоа случај кај некои наши соседи.
Други колумни од авторот:
Најновата закана на историјата
Има ли друга алтернатива освен ЕУ?
Каква ли тогаш, сосема оправдана, канонада ќе одекне ако првата тура на имунизација опфати само мал број луѓе, а сите останати треба да чекаат два, или три месеци! Голема е разликата меѓу масовна и на секого достапна вакцинација од онаа што може лесно да се претвори во злоупотреба на мал број привилегирани, спротивно на приоритетите што ги препорачува Светската здравствена организација. Колкава грешка и неправда би било одерден број здравствени работници и ризични групи во старечките домови да бидат вакцинирани, а еден дел од нив да не бидат вакцинирани.
Како да го протолкуваме успехот на Србија и на претседателот Александар Вучиќ, кој наеднаш станаа параметар за големи достигнувања на воодушевување на опозицијата во Македонија, што кај нив стасале одреден број вакцини, при што српската позиција има сосема поинакви согледувања за тој успех. Таму опозицијата обвинува за конфузија и популизам на власта и ја повика Европската унија да ги вклучи Србија и земјите од Западен Балкан во процесот на вакцинација со истите вакцини што ќе се користат во Унијата, со што ќе се покаже дека не се точни тврдењата на претседателот Александар Вучиќ дека европската солидарност е „мртва“.
Како што јавија медиумите од Белград, во писмото до комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, испратено од опозициски лидер се вели дека постои „сериозна закана дека наративот што го користи српската Влада може да ги остави српските граѓани надвор од единствениот европски одговор на кризата со Ковид-19 и процесот на имунизација и дека во Србија нема веродостојни податоци за тоа кога, како и кој ќе се вакцинира и со која вакцина. Ова создава конфузија и шири страв кај луѓето.“ Досега се тврди дека за околу осум милиони граѓани се испорачани 4.875 дози вакцини.
Кога ќе почне, или кога ќе заврши вакцинирањето?
Се разбира, ова не значи дека опозицијата во Србија е во право и дека Србија нема да биде пред нас со имунизација на своето население, но секако претствува добар пример за злоупотребата на политиката во меѓусебните пресметки за големите успеси и неуспеси во екот на пандемијата кога се' уште заболуваат и умираат голем број луѓе. Успехот, или неуспехот во битките со пандемијата се мери според строги научни критеруми, со прецизни анализи на Светската здравствена организација.
Но, да ја оставиме Србија да си ги решава своите проблеми како што таму мислат дека е најдобро. Зошто да не бидат мерило за споредби и слабостите во развиениот свет кој е далеку на повисоко ниво од здравствената заштита во Македонија. Во Америка голема тема беше оценката дека доколку големиот концерн за производство на лекови Фајзер соопштеше пред американските претседателски избори дека е пронајдена вакцината против Ковид -19, во тој случај многу веројатно Доналд Трамп ќе победеше на изборите, иако предолго ја игнорираше опасноста од пандемијата која однесе стотици илјади животи.
За слабостите на Италија, наШведска, на Шпанија, на Велика Британија и во речиси сите европски земји, кои разбирливо не беа доволно подготвени за една ваква досега непозната епидемија, многу се пишуваше и се' уште е предмет на анализи на грешките, но никаде немаше толкава злоупотреба на трагедијата во партиски цели како кај нас, со толку срамен и примитивен популизам.
За триесет години независност граѓаните на Македонија веќе од поодамна требаше да стекнат колективен имунитет од толку многу лажење. Тоа се стекнува со препознавање на лагите и пропагандите и со недоверба на лажговците. За тоа се' уште не е измислена вакцина. Ќе мора сами да создадеме антитела кои се концентрирани во мозокот.