Заев и Гаши разговараа, но не си подадоа рака за договор
19 ноември 2021Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши денеска неколку часа разговараа околу можноста за коалицирање, но не си подадоа рака за конечен договор. Најавите се дека разговорите ќе продолжат и идната недела. Откако ги сослушале понудите и барањата кои што биле ставени на маса, двајцата лидери во рамките на своите партии ќе треба да разговараат за следните чекори. Пресудни за донесувањето на одлуката, според Гаши, ќе бидат интересите на државата, граѓаните, на Албанците и на Алтернатива.
Премиерот на средбата беше придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски. Токму тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста дека станува збор за сериозен кандидат кои би можел да го замени Заев на премиерската и лидерската функција. Заев порача дека СДСМ на внатрепатриски избори ќе треба да ја донесе одлуката кој ќе биде идниот лидер на партијата. Ставот на Заев е дека, идниот лидер на СДСМ треба да биде и новиот мандатар.
Заев по средбата во Клубот на пратеници рече дека на средбата со Гаши станало збор за многу важни работи. „Одлуката не ја донесовмe денеска. СДСМ се подготвени за решенијата, што ќе бидат договорени. Ќе продолжат разговорите следната седмица. Нашата покана е Алтернатива да биде дел од Владата. Таргетот пред нас се редовни избори, а не вонредни“, рече Заев. Според него, можното идно коалицирање ќе биде врз основа на програмски принципи, што е позитивно.
Две опции
Гаши вели дека партијата е исправена пред две опции - едната е да остане доследна на иницијативата која што ја потпиша минатата недела со опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со која се бараше доверба на Владата, а втора е опцијата да станат дел од моменталното владејачко мнозинство. Тој вели дека на средбата не станало збор за поделба на ресори и за кардовски решенија, туку станало збор за концептот околу кој треба да се обединат партиите.
„Не треба да одлучуваме врз основа на емоции, туку врз основа на реалноста и аргументите. И двете опции ќе ги разработиме и кога ќе излеземе пред партиските органи, ќе одлучиме и тоа треба да биде одлука на мнозинството“, вели Гаши.
Тој потенцираше дека станува збор за особено сензитивен момент за државата во однос на евроинтеграциите, момент кој не смее да се испушти.
„Тој притисок и таа одговорност треба сите да ја споделиме и сите заеднички треба да сфатиме дека сме исправени пред сериозен предизвик за да не ја испуштиме шансата за преговори со ЕУ“, изјави Гаши и додаде: „Мора да бидеме сите свесни дека е многу сериозен и чувствителен момент и треба сите да бидеме одговорни во однос на овој предивик. Сакам да покажам ваква сериозност и сакам мојата партија да помогне во тој процес. Можеме да дадеме толку сила колку што имаме доколку навистина започнеме преговори“.