Нема евроскептицизам во Македонија
10 мај 2014Како и во минатите години, автобусот на ЕУ повторно патува низ земјата и ќе ги посети Чашка, Центар Жупа, Шемшево, Ростуше, Јосифово, Новаци, Студеничани, Истибања, Зрновци и Старо Нагоричане. Во Дебар, Охрид, Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Битола, Тетово, во Гостивар, Струмица, Крива Паланка и Велес ќе бидат организираат хепенинзи по повод 9 – ти мај, Денот на Европа, со цел да се прослави европската идеја на локално ниво и таа заедно со процесот на европската интеграција да им се доближи уште еднаш на граѓаните во оваа држава.
ДВ ги праша експертите по евроинтеграции: каков е односот на македонските граѓани кон евроинтеграцијата на нивната земја?
Иван Дамјановски, професор по евроинтеграции од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, истакнува: „Поддршката за македонското членство во ЕУ е се уште исклучително висока, и покрај долготрајниот застој во пристапниот процес. Меѓутоа, ако се погледне распределеноста на оваа подршка во временски опсег од 10 години, забележлив е благ, но постојан пад на подршката на пристапниот процес во последните 5 години. Во периодот 2003-2007 година поддршката за членство во ЕУ се движи во интервали околу 90 проценти, а во последната година таа е опадната на приближно 70 отсто. Овој пад не треба да изненадува, бидејќи е правопропорционален со застојот на македонскиот пристапен процес, кој се одразува, пред сѐ, во неможноста да се отпочнат преговорите за членство. Сепак, погледнато низ споредбена перспектива, подршката на евроинтеграцискиот процес во Македонија е многу висока и како таква е една од највисоките во Европа.“
Членството во ЕУ- поим за благосостојба
Стојан Славески, професор по евроинтеграции од Европскиот универзитет во Европскиот универзитет од Скопје, се надоврзува: „Процентот на граѓаните кои ја поддржуваат евроинтеграцијата се уште е многу висок, ако се спореди со некои од соседните земји, или земји - членки на ЕУ. Тоа се должи на перцепцијата на граѓаните дека членството во ЕУ ќе донесе подобра живот за обичните граѓани. Ова чувство граѓаните го имаат затоа што ја споредуваат економската состојбата во Република Македонија со состојбите во соседните држави, на пример, Бугарија и Романија. Иако состојбите во овие држави не се сјајни, ако се спореди состојбата во нив сега и пред 20 - 30-ти години, ќе се забележи огромен напредок кај нив, што секако се должи и на реформите, кои се направија поради членството во ЕУ. Оттука, обичниот граѓанин заклучува дека членството во ЕУ придонесува и за економската благостојба.
Дали постои опасност за натамошно диференцирање меѓу граѓаните во Македонија во поглед на натамошното прифаќање на евро-идејата, овојпат по етничка основа, ако таа идеја дополнително се закочи во внатре во самата ЕУ?
Дамјановски е категоричен: „Процесот на европска интеграција не би можел да има влијание врз етничката фрагментација во Македонија. Пристапниот процес е една од ретките теми, која е консензуално прифатена од сите етнички групи. Во сите досегашни истражувања на јавното мислење не може да се согледа значителна разлика во ставовите на различните етнички групи кон ова прашање. Оттука, ако причината за натамошна стагнација во пристапниот процес е од надворешна природа, односно, во самата ЕУ и поради заморот од проширување, кој би резултирал со оддолжување на новите членства, а не поради блокада од некоја држава - членка и поради интерен конфликт околу исполнувањето на наметнатите услови, тогаш поверојатно е да има пад на поддршката кај сите слоеви на населението, значителен степен на разочарување и пад на кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ.“
Излез од безперспективноста
Назми Малиќи, експерт за евроинтеграциони процеси од ФОН универзитетот во Скопје, коментира: „Граѓаните се уште се убедливо мотивирани земјата да биде членка на Европската Унија: повеќе од 70 проценти Албанците, Македонците, но и од другите граѓани од другите етникуми, го посакуваат тоа, речиси консензуално. Таа стремеж кај граѓаните се зголемува и натаму во последно време, како последица на проблемите и бесперспективноста во живеењето. Главниот мотив на граѓаните да се ориентираат кон ЕУ е нивното мислење дека земјата ќе се спаси од таквата состојба, ако стане членка на таа унија. Дека на тој начин ќе се подобри и нивната социоекономска состојба, оти ќе се постигне благосостојба во нивните семејства и воопшто во нивните животи.
Славески има нешто поинакво мислење: „Кај нас веќе се случува етничка диференцијација кога е во прашање членството во ЕУ. Албанците, а и другите помали етнички заедници во државата, посилно ја поддржуваат нејзината европската интеграција отколку Македонците. Македонците се многу поскептични, затоа што мислат дека тие ќе ја платат најголемата цена со постигнувањето на евентуален компромис со Грција. Ако овој наметнат спор од страна на Грција наскоро не се реши, разликите ќе се продлабочуваат и ќе добиеме ’две Македонии’. Една проевропска, која ќе сака интеграција по која било цена и друга скептична, која нема да сака да ја плати цената за членство. Оттука, би било добро во Македонија повторно да се отвори дебата за нашата подготвеност да станеме дел од европските интеграции. Ако се согласиме дека сакаме дека сакаме во ЕУ, тогаш треба на граѓаните јасно да им се стави на знаење која е цената за таквото членство. Ако веќе ЕУ не ни е приоритет треба да бараме други алтернативи и можности за развој на македонското општество. Ако не ги разрешиме овие дилеми тогаш ќе се зголемува разочарувањето кај населението.
Дали е можно позначително ширење на евроскептицизам меѓу граѓаните?
Професорот Дамјановски вака одговара на ова прашање: „Не верувам дека на краток рок би можело да дојде до сериозна промена на ставовите на јавноста наспроти процесот на европска интеграција. Ако и во 2014 година нема да се случи напредок во пристапувањето на земјата кон ЕУ, веројатно е дека поддршката меѓу јавноста за тој процес нема да расте, меѓутоа не гледам многу простор за појава на значителна евроскептична енергија. Треба да се има предвид и и тоа дека не постојат организирани политички и општествени елити, кои промовираат евроскептична агенда. Практично, во земјата и не постои релевантна политичка партија, или граѓанска асоцијација, која отворено се противи на пристапниот процес и евентуалното членство во ЕУ. Во услови на дефицит на евроскептични создавачи на јавното мислење веројатноста за ширење на евроскептицизам е многу мала.
Нема место за евроскептицизам
Професорот Малиќи коментира во сличен тон: Од време – на време се појавуваат и некои поранешни македонски дипломати, кои шират евроскептицизам, насочен против Европската Унија, но, сепак, таквите ’ситни’ лични видувања апсолутно не го попречуваат мотивот на граѓаните Македонија да стане членка на ЕУ, не се фактор што може да ги дезориентира граѓаните. Сите истражувачки резултати укажуваат на тоа дека граѓаните посакуваат Владата да се постави во таа насока да се овозможи земјата да се најде во една друга конкуренција: не во балканска, туку во европска конкуренција, да се најде и на пазарот, во економијата, политиката и во образованието на ЕУ.“
Професорот Славески заклучува: Неминовно е со нашето заостанување во поглед на европските интеграции да се намалува поддршката за ЕУ и да се јавува скептицизмот. Меѓутоа, кај нас падот на поддршката е се уште мал затоа што граѓаните не гледаат друга алтернатива. Во државата нема политички субјект кој ќе вети економски просперитет на државата надвор од ЕУ. И политичките актери се плашат да излезат со други алтернативи за да не ја изгубат поддршката кај гласачите. ЕУ не причината, поради која некои држави на ЕУ се заглавени во економски и финансиски проблеми. Причината е неспособноста и корумпираноста на националните влади. Точно е дека ЕУ не е ’волшебното стапче’, кое ќе ги реши сите социоекономски проблеми на државите – членки, меѓутоа, исто така, е точно дека членството создава поблагопријатни услови за развој на економијата, владеење на правото, слобода на медиумите, почитување на граѓанските слободи … Ако не е така, нашите соседи би се откажале од аспирациите за членство во ЕУ, а оние кои се членки би побарале да истапат од членство.