Нема пролет без пиво под ведро небо
Да се седи меѓу огромни дрвја и да се пие ладно пиво - тоа за многу Германци е едноставно дел на пролетната и летна среќа. Ви ги претставуваме пивските градини во Германија кои едноставно мора да се знаат.
Од подрум во градина
Пивската градина е баварски изум. Настанал од пивските подруми во раниот 19. век. Тогаш распространетото ниско ферментирано пиво било чувствително на топлина. Тоа се произведува на ниски температури и се складира на ладно. За во летните месеци да може да се послужи пиво, пиварите ставале клупи и маси во ливадите пред своите пиварници. Така се родиле пивските градини.
Сѐ по закон
Официјалниот датум на раѓање на пивската градина е указот на баварскиот крал Максимилијан. Тој во 1812 година дозволил отворање на прва таква пивска градина во Минхен и најстара е онаа на пиварницата Аугустинеркелер. Тука околу 100 костени даваат прекрасна ладовина. Пивото и натаму се точи од дрвени бочви, а секогаш кога ќе се отвори нова бочва заѕвонува ѕвоно.
Меѓу елените на кралот
Минхен, со своите стотина пивски градини, важи за германски главен град во оваа област. Најголемата пивска градина е Кралската градина на елените која има 8000 места. Традицијата гостите сами да си донесат нешто за јадење, а во градината да нарачаат само пијалок е задржана и овде, како и во многу други баварски пивски градини. Сепак, кој сака може и да нарача нешто за „грицкање“.
Шармот на Далечниот Исток
И Кинезите сакаат пиво, но сѐ уште сме во Минхен, во неговата Англиска градина. Пивската градина е во близина на Кинеската кула и е само нешто помала од онаа во Кралската градина на елените. Таа имено собира 7000 гости. Тука има и музика.
„Револуција“
Кога станува збор за пивските градини, со баварците нема шега. Во пивската градина Валдвиртшафт Гросхеселоо во 1995 година дојде до „револуција“ кога жителите на местото побараа пивската граидна да се затвора порано. Тогаш се „бунтуваше“ дури и баварскиот премиер Едмунд Шојбер. Законот беше променет и пивската градина смее и натаму да биде отворена до 23 часот.
Пиво од Светиот брег
Една од најубавите пивски градини е онаа во бенедиктинскиот манастир Андехс. Многу гости доаѓаат оддалеку само за да го пробаат познатото манастирско пиво. Пивото се прави со водата која извира во Светиот брег, каде што се наоѓа и манастирот. До денес постојат шест манастири со свои пиварници, а онаа во Андехс е најголема.
Пиво од „мрачниот“ век
Во манастирот Велтенбург исто така има пивска градина. Овде пивото се произведува од 1050 година, а бенедиктинците овде имаат исклучително техничко решение - „пивовод“ кој го транспортира пивото од пивницата вкопана во карпа во подрумот до прекрасната градина на манастирот.
Баварците се паметни...
Пивската градина е баварски изум, но за среќа го има и во други германски градови кои произведуваат пиво. Така, на пример, во Келн, каде пивото се вика „келш“. Во Хелерс Фолксгартен (градината на пивницата Хелерс) пивото се точи од 1891 година. До денес секое лето многу граѓани овде се засолнуваат од сонцето и се освежуваат со ладно пиво.
Жедните берлинци
Првата пивска градина во Берлин е отворена во 1837 година. Оваа пивска градина во Пратер не нуди само пиво, туку и театарски претстави и вариете, така што има уживање и и забава и за телото и за душата. Денес Пратер налето собира околу 600 гости и им нуди разладување под сенките на костените среде Берлин.