Чепе ја одрекува вината
9 декември 2015Беате Чепе, обвинета како десничарска мотивирана терористка, конечно даде исказ во кој оспорува дека учествувала во убиствата и нападите со експлозив извршени од НСУ (Национал-социјалистичка илегала). Чепе тврди дека не била член на НСУ. Ова произлегува од изјавата на Чепе, составена на 53 страници, што пред судот во Минхен, каде се води процесот, го прочита нејзиниот адвокат Матијас Гразел.
Чепе е обвинета како соучесник во десет убиства - на девет мажи од турско и грчко потекло, и на една германска полицајка, како и во два напада со експлозив и повеќе грабежи во банки. Убиствата и нападите се извршени помеѓу 2000. и 2007. година и и’ се припишуваат на НСУ. Чепе, која е на 40-годишна возраст, е единствената преживеана од тројката од НСУ. Другите двајца - Уве Мундлос и Уве Бенхарт - според досегашните сознанија се самоубиле во една запалена камп-приколка, за да не бидат уапсени. Полицијата и тајните служби со години не можеа да ги откријат терористите од НСУ - покрај другото, и поради тешки грешки во истрагата. Тоа им успеа дури во 2011 година по еден грабеж на банка во Ајзенах.
„Се чувствувам морално виновна“
Во денеска прочитаната изјава Чепе тврди дека отпосле дознавала за убиствата што ги извршиле нејзините пријатели и била ужасната од тоа. Таа не ги пријавила нив оти обајцата, со кои имала љубовна врска, и’ биле „нејзино семејство“. Чепе се претставува себе си како пасивна страна и го отфрла наводот од обвинението дека била рамноправен член на НСУ. Во правна смисла се смета себе си за невина, но признава: „Се чувствувам морално виновна дека не можев да спречам десет убиства и два бомбашки напада“.
Откако во 1998. година преминале во илегала, според описите на Чепе, постојано живееле во страв да не бидат откриени. Со грабежи на банки Мундлос и Бенхарт започнале кога останале без пари, а таа наводно не учествувала во тоа, но ги прифатила грабежите и профитирала од тоа. Берате Чепе наводно за првото убиство разбрала три месеци подоцна и до денес не го знае мотивот. За последното, посебно загадочно убиство на полицајката Мишел Кизеветер, при што во април 2007. година во Хајлброн беше тешко ранет и нејзиниот колега од патролата, Чепе вели дека Бенхарт и Мундлос всушност само сакале да им го одземат оружјето.
Таа барала од нив да и’ се предадат на полицијата и наводно со часови настојувала да ги одврати од вршење убиства, но тие се заканувале дека ќе се самоубијат. Откако дознала за второто и третото убиство, сфатила дека е„резигнирана“: „Свесна бев дека живеам со двајца мажи за кои човечкиот живот нема вредност“. Сепак и’ се препуштила на судбината: „Тие немаа потреба од мене, туку јас од нив“. Иако постојано размислувала да се пријави кај полицијата и да излезе од илегала, ситуацијата и’ била нерешлива поради заканите со самоубиство на нејзините двајца пријатели.
„Неверодостоен исказ“
Адвокатот на жртвите Мехмет Дајмагулер го смета за неверодостоен денешниот исказ на Беате Чепе. Таа поднесе „конструкција од лаги“, оцени адвокатот и рече дека не и’ верува ни збор. Гамзе Кубасик, ќерка на еден од убиените искажа разочарување од она што го соопшти Чепе и прокоментира дека тоа било „уште еден удар в лице, како и најчесто од почетокот на процесот досега“. Таа не ја криеше ни лутината и неразбирањето дека семејствата на жртвите не добиле шанса да постават прашања.
Сојузниот обвинител Херберт Димер изјави: „Оваа изјава, се разбира, највнимателно ќе ја провериме“. Таа е „само едно од многуте доказни средства“, рече Димер и одби да ја оцени.