1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непознатиот самопрогласен шеф на проруските сепаратисти

Карина Оганесијан/Штефани Хепнер/ Жана Ацеска20 април 2014

Од источна Украина стигнуваат вести за нови напнатости, но и изјави од извесен Денис Пушилин. За овој украински бизнисмен ретко некој знае. Тој се прoгласи за шеф на самопрогласената Република Доњецк.

https://p.dw.com/p/1BlNn
Фотографија: DW/A.Sawitsky

Без оглед на сите повици и апели од Запад, но и од Киев и Москва, на истокот на Украина и натаму е тензично. Нема навестувања за повлекување на проруските активисти. Договорот од Женева не ги импресионираше сепаратистите во Доњецк, Луганск и Славјанск. Во меѓувреме се јави и еден млад маж, кој тврди дека е шеф на самопрокламираната Република Доњецк. Неговото име е Денис Пушилин.

Лидерот на т.н. Република Доњецк бара оставка од владата во Киев. Доколку тоа не се случи, доброволците нема да го предадат оружјето и нема да ги напуштат окупираните административни згради во споменатите градови во источна Украина.

„Се согласуваме дека зградите мора да бидат ослободени. Но, претходно тоа мора да го направат Јацењук и Турчинов, кои незаконски ги извршуваат функциите непосредно по државниот удар“, порача Пушилин.

Никој не чул за него?

Млад, самоуверен и непознат. Овој 32-годишен стопанственик од пред неколку дена се претставува како говорник од името на т.н. Република Доњецк. Никој претходно не чул ништо за него. Неговите изјави поминуваат незабележано за украинските и руските медиуми.

Но, човекот со брада, кој тврди дека е шеф на самопрогласената Република Доњецк, не е целосен анонимус. Пушилин веќе се обиде да се профилира на политичката сцена на Украина. Во 2012. година тој беше на изборната листа на партијата „Ние имаме цел“ во киевскиот округ, но пратеничката функција му избега. И тогаш неговата изборна програма опфаќаше разни ветувања кон руското малцинство. Сепак, за него малку се знае. Завршил средно училиште, сака бокс и патувања. На Фејсбук профилот на Денис Пушилин е постирано интервју за руската новинска агенција РИА Новости и мноштво лични фотографии, вклучувајќи и неколку во костим за капење. Не изгледа дека има многу следбеници на социјалните мрежи. Неговите постови имаат само неколку „лајкови“.

Ukraine Donetsk Separatisten Besetzer
Сепаратистите имаат свои барањаФотографија: DW/O. Sawitski

Ретко кој меѓу проруските активисти знае за него. Некои дури успеа и да ги изиритира. „Никогаш не сул чул за него. Не знам ни од каде доаѓа“, вели еден припадник на доброволните сили, кој ги брани барикадите и сака да остане анонимен. Пушилин во народот се претставува како доверлив партнер за разговор, но тој не е многу важен, зашто лидер на проруските активисти не постои, дополнува момчето.

Заштита за останатите?

Изгледа дека и украинските политиколози имаат слично мислење. Володимир Кипењ е шеф на Институтот за општествени науки во Доњецк.

„Таквите луѓе не се претерано интересни како личности. Нивната функција е само да шират одредени информации“, вели Кипењ.

За него Пушилин е „обична марионета“, со цел да придонесе за дестабилизација на регионот. Притоа, тој претставува некој вид штит за оние кои не се толку храбри да настапуваат во јавноста и даваат информации со ризични последици.

Но, неговата задача не е безопасна. На почетокот на март со слични изјави во јавноста се појави „народниот гувернер“ Павел Губарев. Пет дена подоцна украинските сили за безбедност СБУ го уапсија 31-годишниот студент по историја. Приведувањето беше образложено со „спречување на насилни напади на државните институции и завери, кои можат да го нарушат територијалниот интегритет на Украина“. Губарев, според непотврдени информации, и натаму е во затвор во Киев.