Нерамномерна распределба - животниот стандард во ЕУ
Разликите во животниот стандард во државите-членки на ЕУ се екстремни. Но, во зависност од начинот на кој се мери благосостојбата, постојат изненадувања, сиромашните земји немаат секогаш сиромашни граѓани и обратно.
Бугарија: Ниски социјални давачки, ниски плати
Бугарија се смета за најсиромашна членка на ЕУ и истовремено водечка во раширеноста на корупцијата. Според податоците на Германското друштво за надворешна трговија и инвестиции (Germany Trade and Invest), просечното бруто примање во 2018 година било 580 евра месечно. По приемот на Бугарија во ЕУ, многу млади луѓе и завртија грб на земјата, голем дел од нив со факултетско образование.
Романија: Претпоследно место во ЕУ-економското рангирање
Идилата лаже: живописните историски центри во градовите, како овој во Брашов, се реставрирани со многу љубов. Но, со просечниот бруто домашен производ од 11.440 евра по глава на жител годишно (2019) земјата е само малку подобра од Бугарија. Податоците на Европската комисија велат дека просечната бруто плата во Романија лани била околу 1050 евра, додека во Германија- 3994 евра.
Грција: Од кризата - во криза
Земјата беше на пат да се опорави од последиците на должничката криза, за што посебно последните години придонесе туризмот. Но, поради корона-кризата, земјата повторно е под притисок и зависна од помошта од ЕУ. Во споредба со Германија, таа се смета за сиромашна, иако просечниот бруто домашен производ по жител од 17.500 евра годишно е двојно поголем отколку во Бугарија.
Франција- земја на сопственици на куќи
Ако се суди според просечниот имот на Французите, тие се многу побогати од Германците. Со нето финансиски капитал од 26.500 евра (2018) по жител, Французите според информациите на осигурителната компанија Алијанц располагаат со 10.000 евра повеќе. Една од причините е што мал дел од Германците имаат сопствени недвижности. За разлика од нив, во Франција многу луѓе имаат стан и викендичка.
Италија - развојот стагнира, нема реформи, долговите се високи
Италија беше посебно тешко погодена од пандемијата на коронавирус. Сликите од Бергамо, епицентарот на заразата, го обиколија светот. По две децении економска стагнација, Италија е една од земјите која најмногу се надева на распределбата на корона-помошта од ЕУ. Со бруто домашен производ од 29.610 евра по глава на жител (2018), Италија се наоѓа нешто под просекот на ЕУ.
Шпанија во страв од втор бран на коронавирус
По силниот пораст на бројот на нови инфекции со коронавирус, властите во Каталонија во јули повторно воведоа рестрикции и ограничување на движењето. Земјата е во висок степен зависна од туризам, тој изнесува преку 15% од БДП. Со бруто домашен приход од 26.440 евра по жител, Шпанија се наоѓа под просекот на ЕУ од 31.000 евра.
Шведска - висок стандард, високи даноци, без корона-ограничувања
Шведска се обиде да помине низ корона кризата без да воведе рестрикции и обврска за носење заштитна маска. Цената беше висока, бројот на жртви е релативно голем. Со БДП од 41.180 евра по жител, Шведска според Евростат во 2018 година била на петто место зад Луксембург, Ирска, Данска и Холандија. И покрај високите даноци, Швеѓаните со финансиски капитал од 27. 511 евра по глава се пред Французите.
Холандија - високо економско постигање, богати граѓани
Холандија припаѓа на т.н. „штедлива четворка“, група земји која одбива трансфер на финансиски средства во висина од повеќе милијарди евра без реформски предуслови на земји погодени од корона-кризата како Италија. Со бруто домашен производ од 46.800 евра по жител (2019), Холанѓаните се во врвот во ЕУ, тие предничат и при нето финансискиот капитал со преку 60.000 евра по глава (2018).
Германија: Богата држава со не толку богати граѓани
Досега Германија успешно се носеше со пандемијата. Но, економските трошоци се гигантски, извозот доживеа пад, бројни фирми се борат против банкрот. Како водечка економија во ЕУ, земјата има бруто просечен домашен производ од 41.340 евра по жител (2019). Меѓутоа, Германците во 2018 година просечно располагале со нето финансиски капитал од само 18.000 евра, додека во Италија тој е двојно поголем.