Нестабилен Казахстан е голем ризик за енергетските пазари
15 јануари 2022Казахстан беше аномалија во инаку нестабилната Централна Азија. Децениите стабилност во земјата направија економијата на државата богата со ресурси силно да расте, со поддршка од милијарди од инвеститорите на глобалните фирми.
Бившата советска република сега ја потресе најлошото насилство во нејзините 30 години независност. Повеќедневните немири, кои во почетокот беа предизвикани од порастот на цените на горивата и на крајот прераснаа во бунт против корупцијата и непотизмот, го наведоа претседателот Касим-Жомарт Токаев да прогласи вонредна состојба и да побара трупи од Русија и нејзините сојузници да помогнат во задушувањето на протестите.
Демонстрациите и подоцнежните напади кај најголемиот светски извозник на ураниум и голем производител на нафта и гас ги загрижија инвеститорите: општествените и политички немири би можеле да ја поткопаат репутацијата на Казахстан како доверлива инвестициска дестинација.
„Генерално, која власти да се изроди од овие немири, ќе има на ум дека директните странски инвестиции се златна кокошка и нема да сака да ја спречи да несе јајца“, вели за Дојче веле економистот Тимоти Еш, експерт за регионот.
„Постојат уверувања дека секторот на природни ресурси ќе остане релативно добро изолиран, а охрабрува тоа што немаше поголеми пореметувања во производството на енергија и суровини“.
„Интересно прашање е следново: дали западните влади ќе бидат принудени да воведат санкции кон Казахстанкако против Белорусија, ако тамошната влада ги гуши протестите многу насилно и како тоа ќе се одрази врз инвестиците во земјата“, вели Еш и нуди одоговор:
„Претпоставувам дека и Западот би можел да усвои прагматичен пристап кон прашањата на екологијата, општеството и управувањето, со оглед на значењето на Казахстанза глобалните синџири на снабдување.“
Најголем светски производител на ураниум
Казахстан произведува преку 40 проценти од светскиот ураниум, главно гориво за нуклеарните реактори, што го прави клучен играч во глобалната транзиција во откажување од фосилните горива. Многу влади, вклучувајќи ја и ЕУ, го удвојуваат уделот на нуклеарна енергија како дел од планот за декарбонизација на своите економии.
Казатопром, под државна контрола, е најголем светски производител на ураниум, а превирањата досега немаа влијание на производството или извозот. Меѓутоа, поради загриженоста дека немирите би можеле да доведат до големи пореметувања во производството, цените на ураниум минатата недела нагло пораснаа.
„Секое намалување на снабдувањето од Казахстан јасно ќе се почувствува ширум светот“, вели Џонатан Хинце, претседател на ЈуиксСи (UxC), консултантска компанија за пазари на нуклеарно гориво.
„Меѓутоа, пазарот на нуклеарно гориво го карактеризира многу долго време на испорака, така што сите во циклусот на производство на нуклеарно гориво имаат значајни стратешки залихи, што им помага да се изолираат од какви било краткорочни пореметувања во снабдувањето, вели Хинце.
Камеко, крупен канадски производител на ураниум од Канада и партнер на Казатопром, предупреди дека секое пореметување во Казахстан може да биде „значаен катализатор на пазарот на ураниум.“ „Ако ништо друго, тоа ќе ги потсети компаниите дека е ризично претерано потпирање на кој било извор на снабдување“, изјави портпарол на оваа фирма.
Казахстан, кој обезбедува 20% од годишните потреби на Европа од ураниум, се појави како голем играч на пазарот благодарение на ниските трошоци на производство – клучен фактор по Фукушима, кога нагло се намали побарувачката и паднаа цените на нуклеарното гориво.
Меѓутоа, цените на ураниумот во последните години се повратија, зашто многу земји одбраа нуклеарна енергија за да се изборат со климатските промени.
„Неодамнешните проблеми во Казахстан сигурно би можеле да дадат голем поттик на производителите надвор од Казахстан, зашто фирмите се обидуваат да ја намалат преголемата зависност од казахстанскиот ураниум“, истакнува Хинце.
Богати ресурси на фосилни горива
Казахстан, членка на ОПЕК+, е најголем производител на нафта во Централна Азија, со околу 1,6 милиони барели нафта дневно. Најголем дел од тоа фосилно гориво оди во странство, вклучувајќи ја ЕУ и Кина. Таа земја со 30 милијарди барели резерви на сурова нафта се наоѓа на 12. место во светот по докажани резерви од нафта.
Казахстан е исто така меѓу најголемите производители на јаглен – 108 милиони тони само во 2018 година.
Од 1991 година овој сектор провлече околу 60% странски директни инвестиции и сочинува повеќе од половина од приходите од увоз. Глобалните нафтени компании како ЕксонМобил (ExxonMobil), Шеврон (Chevron), италијанската Ени и францускиот ТоталЕнергис (TotalEnergies) инвестираа милијарди долари во таа земја.
Според Меѓународната агенција за енергија, Казахстан во 2018 година бил деветти најголем извозник на јаглен и 12-ти на природен гас. Казахстан е меѓу најголемите лиферанти на сурова нафта за Германија и ЕУ – околу 80% од годишниот извоз на нафта од Казахстан оди во земјите од ЕУ.
Последните протести влијаат на производството на три најголеми нафтени полиња во Казахстан – Тенгиз, со кој управува конзорциум предводен од Шеврон, плус Кашаган и Караџаганак во сопственост на компанијата Шел.
„Ако продолжат немирите, цените на нафтата би можеле да се качат над рекордот од октомври, и во зависност од нивото на пореметување, би можеле дури да станат и троцифрени“, вели за Дојче веле Крејг Ерлам, виш извршен аналитичар во ОАНДА.