Нетанјаху во ќорсокак
22 ноември 2019„Истражувајте против иследниците!“, повика израелскиот премиер обраќајќи ѝ се на јавноста. Полн со самосожалување тој го критикуваше правосудството и безбедносните органи кои го претвориле во жртва. Иако, како што рече, цел живот „се борел за земјата и бил и ранет“, правосудството и полицијата извесно време се обидувале да му нанесат штета со нови истраги. Меѓутоа, на тој начин ѝ се нанесува штета во прва линија на државата, уверен е тој. Она што се случува е еден вид обид за пуч, но колку и тој и неговото семејство да страдаат, тој е решен да ѝ служи и натаму на земјата, тврди Нетанјаху.
Не поминаа ни 24 часа - за Нетанјаху исто така доказ за теорија на заговор - откако лидерот на израелската опозиција Бени Ганц од „Сино-белиот“ партиски сојуз во средата вечерта го врати мандатот за составување влада и откако јавноста почна да се прилагодува на новата ситуација, а главниот обвинител Авихаи Менделблит се погрижи за отворање ново поглавје. Ново, иако со тоа се сметаше повеќе од една година: формално обвинение против израелскиот премиер кој делува како преоден премиер речиси една година поради тоа што беше првенствено зафатен со кампања и два изборни циклуса. И, зафатен со обидите да се спаси од обвинение и последиците од тоа за неговата политичка кариера. Сега обвинителот соопшти дека против Нетанјаху е покренато обвинение во три случаи за поткуп, измама и проневера.
Крај на ерата Нетанјаху?
Се чини одеднаш беше заборавено она што доминираше во медиумите: наместо да се дискутира за прашањето дали и кога би имало нови избори, трети за период од 12 месеци, сега во фокус е прашањето дали, кога и како ќе заврши ерата Нетанјаху и што би дошло по човекот кој е премиер на Израел со најдолг стаж (од 1996 до 1999 и од 2009 до денес).
Со неуспехот на обидите за составување коалиција, почнува тринеделниот рок во кој секој од пратениците би можел да добие мандат за составување влада, под услов притоа да добие поддршка од 61 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот.
Доколку тоа не успее, „Кнесет-Комисија“ мора да донесе одлука за нови избори. Дотука е јасно, но во моментов воопшто не постои ваква комисија, поради тоа што по неуспехот да се состави влада од страна на Нетанјаху по изборите во април, беше даден нов термин за избори во септември, а парламентарците делуваат само како преоден парламент, исто како што и владата на Нетанјаху е преодна влада.
Покренувањето обвинение против Нетанјаху сега ја отежнува постапката. Претходно постојано се дискутираше за тоа, но ниту еден од главните протагонисти немаше практично решение. Нетанјаху се обидуваше и натаму да избегне процес повикувајќи се на имунитет, но такво нешто имаше малку изгледи за успех, поради тоа што за такво нешто беше неопходен закон кој преодниот парламент не можеше да го донесе. Дотолоку повеќе не ако единствената цел на законот би била заштита на премиерот притиснат од органите на правосудството.
Голема коалиција како можен излез?
Сѐ додека Нетанјаху, а потоа Ганц, преговараа за составување влада, можеби имаше излез: претседателот на државата Ривлин на двајцата им препорача да направат голема коалиција. Н етанјаху ќе можеше да остане премиер, а во случај на обвинение и судски процес ќе се повлечеше и ќе му ги предадеше работите на својот заменик (Ганц). Во случај да биде прогласен за виновен ќе мораше да се повлече од функцијата, а доколку беше прогласен за „невин“ ќе можеше да се врати на функцијата.
Но, од тоа не излезе ништо, зашто и двајцата си имаат свои сопствени замисли. Но, можеби ваква голема коалиција сѐ уште може да биде практично решение. Тогаш израелската политика, која во последно време постојано меѓусебно се навредува со зборови како „расисти“, па и „антисемтиисти“, можеби ќе може да најде поумерен тон. Исто така, политиката можеби ќе може да заземе поумерен став откако курсот на владата на Нетанјаху, со голема поддршка од Вашингтон, на пример во делот на политиката на градење населби и меѓународното право, стануваше сѐ поекстремна. Ваква една голема коалиција, конечно, би можела да биде и пат за спречување на Нетанјаху за злоупотребување на еден воен конфликт со цел да си го продолжи мандатот, како што тоа го предвидува еден закон. Вакви конфликти, тоа го знае секој, на Блискиот Исток може да избијат во секое време и многу брзо, денес во Газа, утре во Либан, или Сирија. Или, можеби Иран.