Модерно ропство „Made in Europe“
11 јули 2017Работниците во чевларската индустрија во Македонија и во другите балкански држави живеат и работат во модерно ропство, вели за ДВ, Бетина Музиолек координатор на кампањата „За чиста облека“ која обединува повеќе организации од европски земји кои се залагаат за подобрување на работните и животните услови во земјите од Источна и Југоисточна Европа.
Музиолек веќе 20 години е ангажирана на Балканот и во Азија во обид да им помогне на вработените во текстилната и чевларската индустрија.
Студијата на нејзината организација објавена минатата година предизвика шок во европската јавност, а беше пренесена и во македонските медиуми. Истражувањето откри дека работниците во фабриките за производство на чевли во Македонија работат во очајни услови и за плати кои не се ниту на нивото на законскиот минимум.
Влошување наместо подобрување
Една година по објавеното истражување, Музиолек за ДВ вели дека условите на работниците не само што се подобриле, туку и се влошиле.
„Состојбата всушност се влоши. Откако ја објавивме нашата последна студија, нема никакво придвижување“, вели таа. Како пример го наведува случајот со работниците на една фабрика во Македонија, чие име одбива да го соопшти.
„Посетивме една фабрика во Македонија во ноември минатата година. Разговаравме со работниците, но тоа моравме да го правиме надвор од фабриката затоа што мораа да бидат на безбедно место. Тие мораа да бидат сигурни дека менаџментот не знае дека разговараат со нас, инаку сето е бесцелно. Мораме да ги заштитиме".
„Работниците ни кажаа дека во македонската фабрика која изработува чевли за (германската, н.з.) Дајхман, условите се всушност влошени. Работниците ни кажаа дека многумина од нив всушност се вработени на половина работно време, иако работат полно работно време, па дури и прекувремени часови. Многу често се исплаќаат и на црно, во готовина“, вели Музиолек.
ДВ се обиде да стапи во контакт со неколку работници во македонската чевларска индустрија, но никој не прифати да разговара со нас.
„Тоа е очигледно модерно ропство. Проблемот е што и работниците се преплашени. Стравот и притисокот со кој овие луѓе мораат да работат и живеат... за мене е неподносливо што морам да го гледам тоа“, објаснува Музиолек.
На Балканот, по распадот на Југославија се случи драматичен процес на де-индустријализација, а економиите назадуваа. Текстилната и шивачката индустрија беа меѓу ретките кои веднаш беа преземени од европските модни компании. Во некои региони на екс Југославија, лон-системот функционираше и во 1970-те и 80-те години, но во меѓувреме условите во кои работат работниците не само што не се подобрени, туку и драматично се влошени.
Најлошо во Албанија
Според истражувањата, најлоши услови владеат во Албанија. Таму се најниски и платите и по правило не се исплаќа ниту најниската законска месечна плата. Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина и во Македонија. Специфично за Македонија е што земјата стана продукциски центар за работна облека, на пример, за пожарникари, доктори, итн...
Најголем извозник на чевли во поширокиот регион на Југоисточна Европа е Романија, а потоа следуваат БиХ и Албанија. За сите балкански земји главни извозни дестинации се Германија и Италија.
Мрежата на Музиолек се обидува да ја информира јавноста во Западна Европа за тежината на состојбата во земјите од Источна Европа. „Многу луѓе не ни веруваат дека тоа навистина се случува“, вели таа.
Одговорноста за лошата состојба може да се подели на повеќе фактори, вели активистката.
„Во најголем дел одговорни се владите на овие земји, потоа владите на нашите земји, како и ЕУ која го измисли тој трговски режим наречен ОПТ односно Трговија на надворешно производство, кој овозможува трудово интензивните порачки да бидат префрлувани, на пример, во Балканот“.
ОПТ е шема, која им овозможува на компаниите во ЕУ да изработат делови за чевли во една земја пред да ги извезат во држава со ниски плати каде се составуваат и зашиваат. Потоа, истите се увезуваат во матичната држава, без давачки. Финалниот производ може да добие етикета „Made in Europe" дека е произведен во земјата на потекло, иако, во конкретниот случај чевлите, воопшто не се произведени таму.
Мрежата на Музиолек се обидува да изврши притисок врз познатите брендови да им исплаќаат барем минимална плата на работниците во земјите како Македонија. Во 2016 година, минималната законска плата во Македонија била утврдена на околу 145 евра. Но, за работниците во чевларската индустрија најнискиот просек изнесувал само 130 евра. Таквите плати на работниците не им овозможуваат да ги задоволат ниту основните животни потреби. На пример, потрошувачката кошничка за четиричлено семејство во Македонија во 2015 година била проценета на околу 480 евра. Самите работници, кои биле интервјуирани за потребите на студијата, велат дека за едномесечно преживување во земјата на нивните семејства им се потребни најмалку 720 евра.
Европски „Бангладеш“
Во Кина, на пример, просечната месечна плата на работниците во чевларската индустрија изнесува околу 213 евра. Споредбата со Германија е уште подрастична: германски работник треба во просек да работи 5 минути дневно за да купи еден литар млеко. Во Македонија, работникот мора да работи најмалку еден час за истата потреба.
„Неподносливо е, како што откривме во сите балкански држави, што платите на работниците се дури пониски и од оние во Кина. Срамно е што среде Европа работниците се плаќаат на тој начин“, вели Музиолек, која ги нарекува Албанија, БиХ, Македонија, Бугарија и Романија- европски „Бангладеш држави" во однос на работничките права.
Музиолек и нејзината организација се активни и во Азија, каде работниците во неколку земји важат за особено слабо платени. Како позитивен пример ја наведува Камбоџа каде работниците успешно синдикално се организирале и успеале да добијат повисоки плати. Она што ја шокира е фактот што од Балканот, вклучително и Македонија, ниту еден синдикат или работничка организација не ја контактирале нејзината организација за помош во изминатите 20 години.
„Основниот предуслов (за подобрување на состојбата, н.з.) е луѓето самите да се организираат. Луѓето не разбираат колку можат да бидат моќни со наша помош“.