"Нецензурирани лаги"
21 јули 2016Галеријата Прогрес во Белград следниот месец ќе биде домаќин на изложбата, по што истата ќе оди на турнеја низ Србија. Владејачката партија СНС во галеријата изложи серија на насловни страници од српските медиуми, скенирани текстови, карикатури, видео клипови, како и коментари од социјалните мрежи. Сето ова би требало да покаже дека во Србија слободата на медиумите се почитува и дека медиумите работат без политички притисок. Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и Здружението на независни новинари на Војводина (НДНВ) оценуваат дека изложбата е “клучен доказ дека власта не разбира дека улогата на медиумите е да биде контролор на владата, а не средство за пропаганда и рекламирање на политичарите". Од седиштето на СНС им возвратија на медиумските здруженија дека "не ги познаат основните принципи на демократијата, слободата и принципите на слободата на медиумите."
Одговор на прашањето за мотивите зад оваа изложба и што би требало да биде нејзината цел, се обидовме да добиеме од Српската напредна партија. На барањето на ДВ до Владанка Маловиќ, инаку шеф на информативната служба на СНС, да изјави нешто во врска со изложбата, таа побара прашањата да и бидат испратени преку е-пошта. По нашата забелешка дека ни е потребен и тонски запис, Владанка Маловиќ одеднаш откри дека има состанок и побара да ја контактираме подоцна. Меѓутоа, во договореното време таа не одговори на нашите повици, а не добивме ниту било каква повратна информација. Ни останува само да ги цитираме зборовите на шефот на информативната служна на СНС од отворањето каде што истакна дека "изложбата не е прозивање на медиумите кои навредливо пишуваат за Александар Вучиќ, туку доказ за граѓаните дека во Србија е дозволена не само критика туку и екстремна критика, па и апсолутна неодговорност за она што се пишува и зборува."
Дневниот весник „Данас“ е еден од хероите на изложбата. Драгољуб Петровиќ, главен и одговорен уредник на весникот, се сеќава дека власта најавуваше отворање музеј на цензура, но тоа премногу потсетуваше на проектот на Владимир Беба Поповиќ во Црна Гора, кој застана во одбрана на ликот и делото на Мило Ѓукановиќ, па затоа на крајот добивме само изложба. "Интересно е дека авторите на изложбата на едно место ги ставиле медиумите, како што се, на пример магазинот „Таблоид“, кој отсекогаш пишувал „најгрозни“ работи за сите влади и сериозни и аналитички медиуми како што се неделникот „НИН“ „Време“ „Недељник“ и „Данас“ кои едноставно само професионално си ја вршеле работата. Ова само покажува дека власта признава дека не постои слобода на медиумите со тоа што прави изложба посветена на медиумите кои пишуваат против неа."
Демонизацијата на медиумите и новинарите
„Стана еден вид престиж да се биде дел од изложбата“, продолжува Петровиќ, и вели дека на колегиумот „изразивме задоволство што сме дел од изложбата, а би биле многу лути доколку бевме изоставени. Ова покажува дека си ја вршиме работата на вистинскиот начин.“
Очигледно е дека власта би сакала сите медиуми да изгледаат како главниот одбор на СНС, па секогаш кога ќе го здогледаме Александар Вучиќ да му аплаудираме 20 минути, изјави за Дојче Веле уредникот на неделникот „Време“, Филип Шварм. "Ова го гледам како уште еден отворен притисок врз медиумите, демонизацијата на медиумите и новинарите, како стигматизација на слободното и критичко размислување.“ Шварм го насочува вниманието на еден важен, симболички момент, поврзан со галеријата „Прогрес“ каде е поставена изложбата. "Тука беше седиштето на компанијата на Мирко Марјановиќ, премиер во владата на Милошевиќ. Вучиќ во тоа време беше министер за информирање кога беше донесен Законот за информации со кој требаше да се задушат сите слободни медиуми во Србија. За мене ова е враќање на местото од каде што се почна. Ова покажува дека тогашниот министер, а денешен премиер, во овие 20 години не ги променил своите ставови во однос на медиумите и граѓанските слободи.“
Одејќи низ поставката не може да се избегне впечатокот дека власта едноставно не прави разлика помеѓу тоа што е лага, што инаку е и во фокусот на насловот на изложбата, и она што е слободно критичко размислување. Па така во купот има сѐ, од бројни таблоидни фантазии, се до детални анализи, критички текстови, карикатури, како и интервјуа со сериозни соговорници кои предупредуваат на сериозните проблеми во општеството. Филип Шварм истакнува дека ваквиот однос е очекуван бидејќи „тие секоја критика ја доживуваат како лага. Секое независно размислување се гледа како ерес. Така и оваа изложба го покажува степенот на слобода на јавноста во Србија, затоа што во моментот кога стигматизирате некоја критика, вие покажувате доволно.“
Драгољуб Петровиќ истакнува дека нема сомнеж дека во некои медиуми се објавуваат лаги за Александар Вучиќ. "Некои од тие медиуми веќе ги спомнав. Но, не можете да ја именувате изложбата Нецензурирани лаги, а потоа во неа да вклучите колумни или сатирични текстови како лаги. Проблемот е тоа што оваа Влада не толерира било каква критика во било каков облик и секако, во било каков тираж. Настрана тоа што сите медиуми во земјата се про-Вучиќ, особено електронските, јас не знам некој што во демократска држава направил изложба на главната улица со која се потсмеваа со неколкуте медиуми кои ја критикуваат власта. Со тоа впрочем, оваа влада од себе си прави карикатура, без да има потреба од карикатуристи или сатиричари. Само треба да ги оставите да прават што сакаат, не знам дали тие се свесни за тоа, се чини дека не се.“
Власт опседната со медиуми
Кога се отвара прашањето дали оваа изложба може да се толкува како форма на притисок врз медиумите, Драгољуб Петровиќ смета дека постојано постои притисок. "Тие постојано дебатираат со медиумите, со колумнистите, со аналитичарите. Службата за информирање на СНС објавува соопштенија во кои го коментира настапот на ТВ Б92 на нашиот поранешен главен уредник Зоран Пановиќ. Тоа никогаш не се случило, партија да коментира и дебатира со медиумите и поединечни текстови објавени во нив. Тие едноставно се оптоварени со параноја дека медиумите ги прогонуваат и дека сите медиуми мора убаво да пишуваат за нив. И сега, како новинар кога ќе седнете да пишувате текст, треба да мислите дали на следната прес конференција на премиерот ќе бидете етикетиран како платеник или попречувач на реформите.“
Мислам дека оваа изложба има две нивоа, заклучува Филип Шварм. „На едно ниво оваа изложба и се обраќа на некоја европска јавност и сака да покаже дека додека власта ја обвинуваат за цензура, еве што сѐ се пишува во медиумите. Тоа е моментот кога Слободан Милошевиќ покажува издание на Време со карикатура на Ричард Холбрук. Другото ниво е порака до своите послушници и подрржувачи, да не се грижат дека овие што пишуваат „сѐ и сешто“ ги држиме под око“.