Ни снемува ли чиста вода?
2 септември 2017Две третини од светот се покриени со вода, односно има преку една милијарда трилиони литри вода. Па како тогаш може да имаме недостиг на вода? Поголемиот дел од водата на земјата е солена вода и затоа не е погодна за човечко конзумирање. Само 2,5 насто од водата е слатка вода. Но, повеќе од две третини од неа се замрзнати на половите и во глечерите. Тоа ни остава многу мал дел вода за пиење, за готвење, за наводнување на земјоделски култури и вода за добиток. Но, водата е обновлив ресурс што се движи во циклус. Количеството на H2O на нашата планета секогаш ќе остане исто и нема да исчезне како такво. Прашање е само дали ќе имаме доволно чиста вода достапна за сите граѓани во секое време.
Локални недостатоци на вода
Според една студија од 2016 година која ја направи Универзитетот во Твенте во Холандија, 4 милијарди луѓе би можеле да се соочат со сериозен недостаток на вода во период од најмалку еден месец секоја година. Во некои региони луѓето веќе се сериозно погодени од суши и недостиг на вода. Милиони луѓе на Рогот на Африка се соочуваат со глад и болести по неколкугодишна суша. И Пакистан може да пресуши до 2025 година, сугерира извештајот на ОН. „Локално, проблемот е многу сериозен“, вели за Дојче веле Јоханес Шмистер, експерт за вода од ВВФ Германија. „И сите достапни бројки и согледувања укажуваат на тоа дека ситуацијата ќе стане потешка.“
Се очекува климатските промени да ја интензивираат ситуацијата. Тие ги менуваат временските обрасци и водените циклуси ширум светот, предизвикувајќи недостатоци на вода, како и суши во некои области, а поплави во други. Екстремните температури се, исто така, виновни за недостиг на вода. Но, во многу случаи експертите укажуваат и на таканаречениот „економски“ недостиг на вода, кој се должи на тоа како управуваме со нашите резерви на вода. Изворите на вода се преоптоварени, реките и езерата се пресушуваат или стануваат премногу загадени за употреба. За да се справат со „економскиот“ недостиг на вода, владите мора повеќе да инвестираат во инфраструктура за снабдување и складирање на вода, вели Винсент Кејси, експерт од организацијата ВотерЕид.
Земјоделска жед
Еден од најголемите потрошувачи на вода е земјоделството. Околу 70 проценти од сета слатка вода на планетата оди во наводнување на полињата и хранење на добитокот. Земјоделците во некои региони се обидуваат да ги обработуваат своите полиња поефикасно. Но, истражувачите велат дека тоа не е доволно. Во шпанските земјоделски региони каде што се одгледуваат домати, некои земјоделци со користење на најнова технологија успеаја да ја намалат потрошувачката на вода во текот на годините.
Но, во индустријата како целина - која произведува една четвртина од доматите во Европа - сѐ уште има потреба од повеќе вода отколку што можат да обезбедат локалните водни ресурси. Како резултат на тоа регионот се соочува со недостиг на вода. „Важно е да се промени перспективата и да се размисли дали лакалните ресурси на чиста вода можат да поддржат одредени индустрии“, вели Шмистер.
Растечка побарувачка
Дополнителен притисок за управувањето со водите е нашата постојано растечка потрошувачка. Според Светската здравствена организација, на човекот му се потребни најмалку 20 литри вода на ден за пиење, подготвување храна и за основна лична хигиена. Перењето и капењето не се вклучени. Потрошувачка на вода е многу повисока во високо индустријализираните земји, така на пример, просечниот човек во Германија користи 140 литри дневно. Само за пуштање вода во тоалет се користат 30 литри. Нашата индиректна потрошувачка на вода е уште поголема: 840 литри вода се потребни за да се произведе еден бокал со кафе, а повеќе од 8000 литри само за еден пар фармерки. Растечката консумација изискува подобро повеќекратно користење на водата и поефикасно производство.
Темата на годинешната „Светска недела на водата“ се однесува на „водата и отпадот“ и како да се редуцира користењето и да се рециклира водата. Повеќе од 3000 експерти од понеделникот разменуваат идеи и развиваат решенија за употребата на отпадната вода и за слабото управување со водите. Но Кејси предупредува дека техничките решенија нема да бидат магично решение за глобалната криза за вода. „Конечно сето се сведува на политички одлуки околу распределбата и ефикасното управување со ресурсите. Решенијата треба да биде смислени во земјите каде што има проблеми - и само така може да биде решен проблемот со недостигот на водат“, заклучува Кејси.