1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо не е конечно: ни изборите, ни бојкотот!

Катерина Блажевска8 април 2016

Според дипломатски извори решението ќе се бара во наредните седум дена, а не е исклучено и во „следните недели“, како што изјави Федерика Могерини, висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ

https://p.dw.com/p/1IRjK
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Зад затворени врати претставници на меѓународната заедница водат интензивни разговори со партиите-потписнички на Договорот од Пржино, со цел да ги премостат длабоките разлики по прашањето за изборите на 5-ти јуни, пред сѐ околу реализацијата на неопходните стандарди што ќе обезбедат доверба во нивната кредибилност. Неофицијално, тежиштето на разговорите е ставено на важноста од исполнувањето на клучните услови за фер-избори, односно на уверувањето дека ако сите партиски и институционални субјекти вложат напори, во наредниот период ќе има можност да се реализираат тие услови и да се воспостави силен мониторинг врз нивното почитување. Клучни за изнаоѓање решение се сметаат следните седум дена до 15 април, кога претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, најави дека ќе го потпише решението за распишување избори. Дотогаш ќе биде појасно дали освен за датумот за избори, ќе има подготвеност и кај дел од партиите за почеток на активности за обезбедување на сите услови за фер-избори, за кои приговара опозицијата. Паралелно, се бараат модалитети како тој процес да се стави во институционална рамка со оглед дека Собранието е распуштено. Односно, се бараат правни одговори дали престанокот на мандатот на пратениците целосно ја исклучува можноста тие да заседаваат за одредени законски проекти од интерес на процесот, или тоа е само екстензивно толкување, ако се има предвид дека на ист начин не е ограничена работата на „првиот меѓу еднаквите“ - претседателот на Собранието.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Пораки од Брисел

Според дипломатски извори, поларизацијата засега се сведува на два дијаметрално спротивставени ставови: еден, кој приматот го става исклучиво на датумот за избори тврдејќи дека сите услови се исполнети, и друг, кој тврди спротивното.

Ова вчера директно го потврдија и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

„Доста беше. Изборите се излез од кризата“, порача Никола Груевски.

„На 5 јуни се невозможни избори. Повикувам на широк граѓански фронт за слободна Македонија против Никола Груевски“, повика Зоран Заев.

По прес-конференциите на двајцата лидери кои се одржаа една по друга и наликуваа на реплика и контрареплика, попладнето повторно се вжештиле телефоните на релација Брисел-Скопје, а се одржаа и средби на некои партиски лидери со гарантите на Договорот. Засега нема детали околу исходот од тие разговори, но неофицијално дознаваме дека „се уште остануваат отворени некои опции“. Најверојатно тоа се и причините поради кои амбасадите на ЕУ и на САД вчера ги одложија најавените оценки околу актуелните состојби во земјата. Ова помалку се однесува на амбасадата на ЕУ во Скопје, со оглед дека од Брисел вчера веќе стигнаа две пораки. Прво, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на новинарско прашање ги повика партиите да не го запоставуваат пржинскиот договор.
„Секако дека внимателно ги следиме настаните во Поранешната Југословенска Република Македонија. Во врска со изборите по два месеца, направен е напредок во подготовките, но повеќе треба да се направи за да се обезбеди дека изборите ќе бидат во согласност со стандардите. Клучно е работата да продолжи и ние, како ЕУ, ќе продолжиме да бидеме вклучени со партнери на теренот, вклучувајќи ги и нашите меѓународни партнери“, изјави Коцијанчич.

Потоа, доцна синоќа СДСМ соопшти дека лидерот Зоран Заев телефонски разговарал со високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

„Претседателот Заев го повтори ставот на СДСМ дека рамката дефинирана со Договорот во Пржино е единственото реално решение на тешката криза со којашто е соочена нашата држава. На Република Македонија и се неопходни кредибилни избори со прочистен избирачки список, медиумски реформи и без притисоци. Воедно, претседателот Заев ја информираше Могерини дека опозицијата не ги повлече досега своите членови на ДИК, за да го обезбеди своето присуство и контрола на процесот и за да спречи можни манипулации и злоупотреби“ соопшти партијата.

По разговорот со Заев, на веб-страницата на EEAS беше објавена и изјава на Могерини.

„По последните случувања во Македонија, посебно во однос на подготовката за предвремените парламентарни избори во јуни, денеска попладне (7.04. - н.з) разговарав со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Во разговорот, кој следеше по неколкуте контакти со комесарот Јоханес Хан и делегацијата на ЕУ во Скопје, се согласивме дека е потребно сите политички партии да продолжат да работат заедно за да обезбедат веродостојни избори, што е во интерес на државата и на нејзините граѓани. Спроведувањето на политичките договори, вклучувајќи ги и итните реформски приоритети се од огромно значење. Заедно со САД, ги поддржавме сите партии и засегнати страни во овие напори и ќе продолжиме да го правиме тоа и во следните, клучни недели. Ги повикуваме сите партии да останат целосно посветени на договорениот процес“, се вели во изјавата на Могерини.

Mazedonische Diaspora wählt in Berlin
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Во фактот што Могерини се повикува на активности во „следните, клучни недели“, аналитичарите гледаат јасна назнака дека разговорите со посредство на гарантите на Договорот ќе продолжат и дека во моментов ништо не е извесно - ни изборите ни бојкотот. Но, индикативно е и што не се спомнува датумот за избори, туку пред се, реформски приоритети и веродостојни избори.

Состанок на здружената опозиција

Опозицискиот СДСМ вчера најави дека заедно со коалициските партнери денеска ќе одржи состанок, на кој меѓудругото, ќе се разговара и за предлогот на партијата да продолжи учеството на членовите на СДСМ во ДИК, за да се спречат евентуални манипулации со Избирачкиот список. На состанокот најверојатно ќе се договараат и наредните чекори и активности, откако здружената опозиција најави бојкот на изборите. Вчера и други партии јавно соопштија дека ќе ги бојкотират изборите - ДОМ, Достоинство, Демократскиот сојуз, Унитети, Партијата за Националната Демократска Преродба... „Списокот“ не затворен, со оглед дека истото го најавуваат и други партии, со став дека „се подразбира оти во ваква ситуација тоа би било единствената опција“. Од другастрана лидерот на ДУИ , Али Ахмети вчера потврди дека неговата партија ќе учествува на изборите на 5-ти јуни.