1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Нобелова награда за хемија за германскиот научник Лист

ЖА / дпа
6 октомври 2021

Нобеловата награда за хемија им е доделена на Германецот Бенјамин Лист и на американскиот научник со шкотско потекло, Дејвид Мекмилан за метода на забрзување на хемиски реакции

https://p.dw.com/p/41L8w
Nobelpreis für Chemie 2021 | Benjamin List und David W.C. MacMillan
Фотографија: Niklas Elmehed/Nobel Prize Outreach

Носителите на годинешната Нобелова награда за хемија „развиле нова и генијална алатка за конструкција на молекули, наречена органокатализа. Методата се применува во фармакологијата при пронаоѓањето нови медикаменти и таа придонесува хемијата да стане поеколошка“, се вели во образложението на Шведската кралска академија на науките од Стокхолм, издадено денеска.

Органокатализата се разви со запрепастувачка брзина, со помош на оваа реакција научниците можат да вршат ефикасна конструкција во повеќе области, да формираат еластични и издржливи материјали, да складираат енергија во батерии или да спречат прогресија на болеста. За таа цел се потребни катализатори, супстанции кои ги контролираат и забрзуваат хемиските реакции, без да станат дел од финалниот производ.

Бенјамин Лист е професор на Институтот за хемија „Макс Планк“ во Германија, додека Дејвид Мекмилан работи на Универзитетот Принстон во САД.

Реномираното признание годинава е дотирано со 980.000 евра, а врачувањето ќе биде на 10 декември, денот на смртта на основачот на фондот за доделување на наградата, Алфред Нобел.

Нобеловата награда за хемија се доделува од 1901. година, досега ја добиле 185 научници, а еден од нив, Британецот Фредерик Сенгер ја доби двапати. Меѓу носителите на одликувањето досега имало седум жени, меѓу кои и Марија Кири, која во 1911. година го доби за откривањето на радиоактивните елементи полониум и радиум.

Лани, Нобеловата награда за хемија им припадна на Емануел Шарпентие и Џенифер Дудна за развој на метод за  модифицирање на геномот,  познат како CRISPR, што беше првпат две жени да освојат награда заедно.