Нобеловата награда за медицина за Јапонецот Охсуми
3 октомври 2016Во образложението за доделувањето на оваа престижна награда на Јошинори Охсуми, жирито на Каролинска-институтот во шведскиот главен град Стокхолм меѓу останатото наведе: „Генетските мутации можат да предизвикаат заболувања, а процесот на аутофагија е содржан во многу болести, како ракот и невролошките состојби“.
Концептот на аутофагија е откриен во 60-тите години од минатиот век, кога научниците проучувале спојување на клеточни компоненти со органелот лизозом и рециклирање на создадената содржина, наведе Нобеловиот комитет од Институтот Каролинска кој ја додели наградата. Феноменот на аутофагијата главно беше непознат до почетокот на истражувањата на Охсуми во 90-тите години и неговите „брилијантни достигнувања“ во идентификација на аутофагиените гени и докази дека слични механизми делуваат и во човековото тело, се додава во образложението на Комитетот.
Охсуми е роден во Фукуока во 1945. година, а докторирал на Универзитетот во Токио во 1964. година и работел 3 години на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, по што се вратил во Токио и основал сопствена лабораторија.
Од 2009. година работи како професор на Технолошкиот институт во Токио.
Нобеловата награда се состои од плакета и медал со ликот на Алфред Нобел и паричен износ од 8 милиони шведски круни (околу 834.000 евра).
Наградата за медицина се доделува прва во низата признанија, а до понеделник ќе бидат соопштени и имињата на добитниците на наградите за физика, хемија, мир и економија. Добитникот на наградата за книжевност ќе биде познат на 13. октомври.