1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нобеловата награда за човекови права“ за мексиканска адвокатка

Хеле Јепесен / Елизабета М. Фиданоска8 октомври 2014

Наградата „Мартин Еналс“, која често се нарекува „Нобелова награда за човекови права“, годинава ја доби мексиканската адвокатка Алехандра Анчеита. Наградата и‘ беше врачена вчеравечер во Женева.

https://p.dw.com/p/1DRwQ
Фотографија: Martin Ennals Award

Кога наутро излегува од дома, пред нејзината врата има мажи. Така е и кога Алехандра Анчеита (на насловната фотографија) се враќа од Организацијата за човекови права ПроДЕСЦ, каде што работи. Мажите не се тука за нејзина заштита, иако таа поради својата работа е соочена со огромни закани. Тие се исто така дел од заканите, тие секојдневно и‘ покажуваат: „Те имаме во секое време“.

Колку заканите се реални адвокатката за човекови права искуси уште пред осум години, кога под неразјасенти околности почина татко и‘, кој исто така беше бранител на човекови права.

„Тешко е секојдневно да се соочувате со ваков ризик“, вели Анчеита во разговор за ДВ. Таа се надева дека наградата ќе помогне за подобрување на нејзината и безбедноста на нејзините соработници.

Награда како заштита

Алехандра Анчеита е една од тројцата номинирани за овогодинашната награда „Мартин Еналс“. Двајцата други кандидати, од Бангладеш и Кина, исто така добија признанија. Признанието за Кинеската Цао Шунли доаѓа постхумно. Таа почина пролетоска, непосредно по објавувањето на номинираните за наградата.

Десет организации за човекови права, како Хјуман Рајтс Воч, Амнести Интернешнал и Фронт Лајн Дифендерс, напролет кандидираат тројца борци за човекови права за наградата која се доделува во октомври. Притоа, членовите на жирито ја оценуваат состојбата во земјата од каде доаѓаат кандидатите и личната ситуација на кандидатите. „Се оди според критериуми како што е опасноста по живот. Тоа е важен аспект и се разбира се гледа и на прашањето на интегритет при работењето за унапредување на човековите права“, објаснува Јулија Духров, член на жирито и раководителка на Рефератот за човекови права и мир при хуманитарната организација „Леб за светот“.

Јулија Духров ја следи работата на Алехандра Анчеита со години. Таа се има заложено за почитување на човековите права во многу случаи, вели Духров за Анчеита и додава: „Се радувам што нејзиниот ангажман и ангажманот на организацијата ПроДЕСЦ се наградени.“

Кампања на омаловажување во Бангладеш

Во многу земји во светот борците за човекови права го ставаат својот живот на коцка во текот на својата работа, нагласува Барбара Лохбилер, задолжена за надворешна политика и човекови права во пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент и некогашен генерален секретар на германската секција на Амнести Интернешнал.

Martin Ennals Preis (Poster)
Тројцата номинирани за наградата „Мартин Еналс“

„Синдикалците или новинарите се ставаат под притисок доколку критикуваат прејасно. Многумина и исчезнуваат“, вели Лохбилер за ситуацијата во Бангладеш. Поранешниот заменик генерален обвинител Адилур Раман Кан е во затвор од август минатата година, без коректна судска постапка, нагласува Лохбилер.

Раман Кан се ангажираше пред се‘ против целно убивање демонстранти. Оттогаш тој, неговото семејство и соработниците на неговата организација „Одикар“ се цел на закани и се јавно озборувани и омаловажувани. Поради големите закани борецот за човекови права од Бангладеш е номиниран за наградата во Женева. Адилур Раман Кан во ноември во Вашингтон треба да ја добие и наградата „Роберт Ф. Кенеди“ за човекви права.

Кандидатката од Кина почина по номинирањето

За Цао Шунли, борец за човекови права од Кина, заштитата што ја пружа наградата дојде предоцна. Ангажираната Цао Шунли требаше да зборува пред Советот за човекови права на ОН во Женева, но не успеа:

„Таа беше уапсена на пат за аеродром“, раскажува Барбара Лохбилер за ДВ. „Потоа беше осудена на две години затвор и едноставно не и‘ беше пружена неопходната медицинска нега.“

Цао Шунли почина во Пекинг на 14 март поради откажување на органите, непосредно по соопштувањето на веста за нејзината номинација за наградата „Мартин Еналс“. Наградата, која на носителите треба да им обезбеди пред се‘ заштита од страна на светската јавност, вообичаено не се доделува постхумно. Сепак, на Цао Шунли номинацијата за наградата, иако доцна, и‘ го донесе неопходното внимание на светската јавност во врска со состојбата со човековите права во Кина.