Терористички напад среде локдаун
3 септември 2021Новозеландските власти денеска соопштија дека го убиле насилниот екстремист кој влезе во супермаркет во Окленд и со нож нападна и повреди 6 купувачи. Од итната помош наведоа оти тројца од повредените лица се во критична, едно во тешка, а едно во умерено тешка состојба.
Премиерката Џасинда Ардерн го нарече инцидентот терористички напад. Таа додаде дека напаѓачот е државјанин на Шри Ланка кој дошол на Нов Зеланд во 2011 година и бил инспириран од терористичката милиција Исламска држава.
Според нејзините зборови, тој е добро познат на националните безбедносни агенции и бил под постојан надзор. Ардерн рече оти тој, според законот, не може да биде задржан во затвор. „Она што се случи денеска е грозно, одвратно, лошо“, изјави таа за агенцијата Франс прес.
Окленд е во строг локдаун додека се бори со новиот бран на коронавирусот. Поголемиот број продавници и канцеларии се затворени, а на луѓето им е дозволено да ги напуштат своите домови само ако одат да купуваат прехрамбени производи, на лекар или да вежбаат.
На видеото кое го сними еден набљудувач во супермаркетот е забележан звук на брзо испукување на 10 куршуми еден по друг.
Сведоците за новинарите пред трговскиот центар изјавија дека виделе неколку луѓе како лежат на земја со прободни рани. Други пак рекле оти слушнале истрели додека истрчувале од супермаркетот. На видео записите кои беа објавени на интернет се гледа како испаничени купувачи бегаат од трговскиот центар и бараат засолниште.
Нов Зеланд е во подготвеност за напади откако вооружен напаѓач уби 51 лице во две џамии во градот Крајстчрч на 15 март 2019 година.