Нов квалитет на ангажманот на Бундесверот во Авганистан
30 јуни 2008За преземањето на оваа улога војниците на германската армија се подготвуваа со месеци. Не е ни чудо, бидејќи тоа претставува сосема нов квалитет во однос на досегашната мисија. Од денеска војниците на германските специјални сили ќе бидат директно вмешани во борбени дејства и тоа во најопасните задачи:
„Нема сомнеж дека Германците во рамките на мисијата за брзи интервенции одлично ќе ги докажат своите воени способности“ – порача генерал Дејвид Мек Кирнан, командант на меѓународните мировни сили за Авганистан, ИСАФ. Тој добро ги познава приликите во Германија, како и актуелната дебата околу проширувањето и продлабочувањето на мандатот за Авганистан. Мек Кирнан имено беше главен командант на американските сили за Европа, со главен штаб во Хајделберг. Тој се надева дека:
„... во СР Германија ќе се прошири уверувањето дека безбедноста и стабилноста на Хиндукуш е од решавачка важност и за Германците.“
Колку е опасна новата мисија на германските војници?
Според најновиот извештај на американското Министерство за одбрана авганистанските востаници токму се обидуваат да го прошират присуството и врз релативно мирните делови на северот од земјата. Германскиот бригаден генерал Дитер Дамјакоб, кој е командант на регионалниот штаб за северот на Авганистан, смета дека безбедносната ситуација е се’ уште релативно мирна. Тој оценува дека 205-темина германски специјалци ќе можат солидно да ги извршуваат задачите. Тука спаѓаат патролирање, обезбедување на конвои, евакуација.
Ова е сериозен предизвик за војниците од Северна Рајна Вестфалија, посочува и шефот на Штабот на ИСАФ, генерал мајорот Ханс Лотар Домрозе:
„Овде има голема разлика меѓу маневри, каде со оклопното возило се налетува на пластична мина што пишти, и овдешната реална ситуација полна со подмолни мински замки.“