Нов претседател, стари поделби во Хрватска
6 јануари 2020Првите зборови на новоизбраниот хрватски претседател беа јасни и свесно одбрани. Уште во изборната ноќ им се заблагодари на сите граѓани - на оние кои гласаа за него, но и на оние кои беа против него. Тој вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, на Хрватите, но и оние кои не се тоа. Милановиќ најави и дека нема веќе да зборува за минатото и дека, што инаку би требало да се подразбира само по себе, ќе дејствува строго во рамките на уставните надлежности. Во неколку наврати ја повтори намерата да се залага за единство на земјата и покрај разликите меѓу граѓаните.
Дали војната заврши?
Такво нешто навистина итно ѝ треба на Хрватска, зашто земјата е длабоко поделена. Левиот и десниот блок се непомирливо спротивставени, а минатото притоа игра клучна улога. Често се има привид како во земјата да не е завршена ни Втората светска војна, ниту пак војната од 1990-те. Се стекнува впечаток како уште да се водат борби меѓу антифашистичките партизани и фашистичките усташи, како и меѓу Хрватите и Србите. Вакви тонови беа присутни и во изборната кампања и тоа од двете страни.
Можностите на шефот на државата да ги закопа овие ровови се ограничени. Дел од контрадикторностите на хрватскиот политички систем е и директниот избор на претседател, што на функцијата ѝ дава силна демократска легитимација, но според Уставот и само малку оперативни надлежности. Шефот на државата е врховен воен заповедник во војна, може да именува генерали или амбасадори, или да ги сменува. И, заедно со премиерот, ги контролира тајните служби. Освен тоа, може да покаже извесна самоиницијативност во надворешната политика.
Милановиќ, кој порано самиот беше премиер, знае дека тоа не е многу. А веќе најави дека нема намера злонамерно да ги проширува овие тесни граници на својата функција.
Силата на зборовите
Неговите можности за влијание се од поинаков, помек вид. Како претседател тој ужива големо јавно внимание, неговиот збор се слуша. Во изборната кампања Милановиќ вети дека од Хрватска ќе направи „нормална држава“. Сега се на ред дела, дистанцирање од патетичниот национализам на својата претходничка и користење „инклузивен“ јазик, кој нема да е насочен кон изолација на луѓе, ниту на Србите кои живеат во Хрватска.
Од друга страна, Милановиќ планира етаблирање на поинаков политички стил. Тој најави поголема транспарентност, без тајни договори и дилови зад затворени врати. Тоа би било исклучително важно во земја во која корупцијата и непотизмот се дел од секојдневието и во која две третини од младината се убедени дека решавачки за успех во кариерата се добрите врски.
Доколку во Хрватска навистина може да се етаблира ваков вид на нормалност, можеби во догледно време ќе се намали бројот на млади кои моментно масовно ја напуштаат земјата. Тие заминуваат во Германија, Австрија или Ирска за да можат да водат „нормален“ живот.
Пружање рака кон соседите
И во рамките на ингеренциите во надворешната политика, можен е придонес во нормализирањето во регионот. Уште како премиер Милановиќ се покажа како убеден Европеец кому национализмот му е далечен. Можеби тој може да изгради мостови, посебно кон соседните држави Србија и Босна и Херцеговина, а хрватското претседавање со ЕУ нуди за тоа погодни рамки.
Фактичкиот губитник на овие претседателски избори не е досегашната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, туку моќникот кој стои зад неа: премиерот Андреј Пленковиќ, шеф на конзервативната Хрватска демократска заедница, ХДЗ. Тој ја поддржуваше Грабар-Китаровиќ, а нејзиниот неуспех неговите партиски пријатели ќе му го стават на товар како негов пораз. Сега Пленковиќ мора да соработува со социјалдемократот Милановиќ и притоа да стравува од напади од десното крило на својата партија.
Оваа година, наесен, во Хрватска треба да се одржат и парламентарни избори. Најдоцна тогаш ќе се покаже дали победата на Зоран Милановиќ е вовед во подлабоки политички промени во Хрватска. Дотогаш новиот претседател треба да го исполни она што го вети: да ја нормализира земјата. Ако тоа не му успее, фрустрацијата ќе стане уште поголема, а уште повеќе млади луѓе ќе ѝ завртат грб на Хрватска.