Нов силен земјотрес во Хрватска
29 декември 2020Според сеизмолозите, земјотресот кој денеска повторно го погоди хрватскиот централен регион има сила од 6,4 степени според Рихтер. Оштетени се бројни згради во Петриња, Сисак и други места. Градоначалникот на Петриње Даринко Думбовиќ во изјава за ХТВ соопшти дека загинало едно девојче, а има повеќе повредени лица. Потресот бил силно почувствуван и во Загреб, каде некои згради се повторно оштетени. Бројни висококатници се евакуирани. Земјотресот е почувствуван и во соседните земји, посебно во Босна и Херцеговина и Словенија. Австриската централна служба за метеорологија и геодинамика во Виена соопшти за потрес од 6,1 степен, почувствуван во повеќе австриски региони, претежно во Корушка но и во главниот град Виена.
-повеќе на темата: Три земјотреси во Хрватска
И во одделни области на Италија е регистрирано тресење на земјиштето, италијанската служба за цивилна заштита е во контакт со повеќе региони. На Твитер бројни италијански корисници пишуваат дека го почувствувале земјотресот.
Ова е втор земјотрес во последните 30 часа во Хрватска. Вчера во истата област беа регистрирани потреси на земјиштето од 5,2 и 5 степени според Рихтер.
Во март земјотрес од 5,4 степени предизвика големи штети, имаше една човечка жртва и бројни повредени лица.