Нов троен сојуз: АУКУС – јасен сигнал упатен до Кина
16 септември 2021САД, Велика Британија и Австралија договорија безбедносен пакт за стратешки важното подрачје на Индопацификот. Претседателот на САД- Џо Бајден, британскиот премиер – Борис Џонсон и неговиот австралиски колега – Скот Морисон заедно го претставија новиот сојуз, при презентацијата беа вклучени преку видео-врска (на насловната фотографија) од главните градови на трите земји.
Станува збор за долгорочно обезбедување на мир и стабилност во регионот, изјави Бајден во Вашингтон, истовремено предупредувајќи на „закани кои се развиваат со голема брзина“ во регионот на Индопацификот.
Тесна соработка
Во рамките на пактот, на Австралија на располагање треба да ѝ се стави технологија со чија помош ќе биде во состојба да гради и подморници на нуклеарен погон. „Имаме намера тие подморници да ги градиме во Аделаид и тоа во тесна соработка со САД и Велика Британија“, најави Морисон во Канбера. Во идните 18 месеци би требало да се испита на кој начин намерата ќе се спроведе во пракса.
Подморниците не би требало да се опремени со атомско вооружување, нагласија изричито тројцата државици, а својот сојуз го нарекоа АУКУС. Морисон додаде: „И натаму ќе ги исполнуваме сите преземени обврски околу неширењето на нуклеарно оружје“.
„Наша цел е заедничка работа заради одржување на сигурноста и стабилноста во регионот на Индопацификот“, рече Џонсон во Лондон.
Станува збор за еден од најкомплексните и технички најкомплицирани проекти во светот, а неговата реализација ќе трае неколку децении и за тоа ќе биде потребна најнапредна технологија, прецизираше британскиот премиер. Австралија е „сродна нација“ со која се сака споделување на таа технологија, истакна Џонсон.
Според американски наводи, партнерството предвидува и соработка на полето на вештачка интелигенција, односно квантна технологија и кибернетички теми.
„Менталитет на Студена војна“
Што е всушност заднината на овој пакт? АУКУС – членките со зголемена загриженост го посматраат настапот на Кина, која бележи економски и воен подем. Но, Бајден, Џонсон и Морисон воопшто не ја споменаа Кина.
Кинеската амбасада во Вашингтон го осуди склучувањето на безбедносниот пакт. Тие земји „не би требало да формираат блок кој исклучува други држави, блок кој цели на интереси на трети земји или им штети. Посебно треба да се откажат од менталитет на Студената војна и идеолошки предрасуди“, изјави портпарол на кинеското претставништво.