1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов удар за турско – американските односи

Хилал Којлу
1 ноември 2019

Конгрес на САД го призна масакрот врз Ерменците како геноцид. Конгресмените ѝ се реваншираат на Анкара за едностраните акциии. Турските парламентарци од речиси сите партии се лути за ваквата одлука.

https://p.dw.com/p/3SL6z
Trump und Erdogan
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Zenkovich

Ова беше тежок удар за политичка Анкара: со огромно мнозинство Претставничкиот дом на американскиот Конгрес гласаше за резолуцијата во која се вели дека масакрот врз Ерменците во Османлиското царство меѓу 1915 и 1917 година се признава како геноцид. Во прогонот на Ерменците од Анатолија убиени се 1,5 милиони луѓе. Турција како наследник на Османлиското царство ја призна смртта на 300,000 до 500.000 Ерменци за време на Првата Светска војна – но категорично одбива класификација како геноцид. Гласањето во Претставничкиот дом на САД ги налути турските политичари од речиси сите партии.

Лутата реакција на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна веднаш. Овој потег нема никаква вредност и нема да биде признаен од Турција, се спротивстави Ердоган. Одлуката е „најголема навреда за нашиот народ“. Според исламската вера геноцид е строго забранет, се пожали претседателот. И првиот човек на опозициската партија ЦХП, Кемал Кличдароглу беше подеднакво бесен. „Оваа одлука нема да им наштети само на турско-ерменските односи, туку ќе има негативно влијание и врз турско-американските односи. Ние не сакаме нови тензии во нашиот регион," нагласи тој. И десно конзервативните партии ИЈИ и МХП се категорични дека не може да прифатат резолуција за геноцид.

USA | Das Kapitol in Washington
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/epa/J. L. Scalzo

Само прокурдската ХДП изрази разбирање за одлуката на американскиот Конгрес. „Најголемата катастрофа на ерменскиот народ е секогаш тема во странските парламенти. Но единствениот парламент кој може да ги излечи раните на ерменскиот народ е турскиот парламент," изјави пратеникот на ХДП, Геро Пајлан.


Одлука со симболично значење

Резолуцијата не е правно обврзувачка, но таа има големо симболично значење и секако тежина за односите меѓу САД и Турција. Долго време американскиот Конгрес одбегнуваше да го класификува ова како геноцид, за да не ги оптовари билатералните односи со Турција која е земја партнер во НАТО. Но се чини дека турската влада го прецени трпението на американските пратеници: со инвазијата во северниот дел на Сирија и нападот врз нивните сојузнички курдски милиции се затегнаа односите меѓу двете земји. Претходно Анкара веќе ја изигра американската влада кога одлучи да си го брани воздушиот простор со рускиот систем за противракетна одбрана С-400.

Повеќе:

-На Турција ѝ се закануваат санкции и од САД и од ЕУ

-Пораз за Ердоган

-Како С-400 ќе ѝ помогне на Турција?

Експертот за меѓународни односи Илан Узгел вели: „Вашингтон е сѐ уште огорчен од она што се случи во Сирија. Покрај воената операција, и купувањето на системот за противракетна одбрана С-400 остава впечаток дека Турција порадо би флертува со Русија. Затоа ова е обид Турција да се притисне до ѕид." Според овој експерт Турција не може да си дозволи ваков спор. „Мора да се има на ум дека економските прилики во Турција не се добри. Оттука земјата нема капацитет ако и се зададе сериозен удар на економијата. Мислам дека ја достигнавме најтешката фаза во турско-американските односи во ерата на Ердоган.

„Правно ирелевантно“

Дека има поврзаност меѓу воената операција на северот од Сирија и гласањето за геноцид укажува и тоа дека Претставничкиот дом покрај резолуција, дополнително донел и предлог закон со кој се бараат построги санкции за Турција – меѓу другото се бараат казнени мерки против различни високорангирани владини претставници и забрана за продажба на оружје кое Турција би можела да го користи во Сирија.

Türkei | Recep Tayyip Erdogan in Ankara
Фотографија: picture-alliance/dpa/AA/H. Sagirkaya

Мустафа Сердар Палабик од Универзитетот ТОББ во Анкара е експерт за масакрот во Ерменија. Тој и придава голема политичка важност на резолуцијата иако признава дека правно е ирелевантна.„Иако САД официјално го признаа ова како геноцид, таа нема правно значење. Тоа нема да ја обврзе Турција да преземе одговорност." Одлуката на американските пратеници според Палабик е вешт политички потег. „Претставничкиот дом го презема овој чекор во време на тензични турско-американски односи – тоа е чекор со кој свесно се зголемува затегнатоста во билатералните односи. Ако во иднина се случат контроверзи – како интервенцијата во Сирија или како купување на рускиот систем за противракетна одбрана С-400, тогаш и во иднина може да се очекуваат вакви контраакции. Американците сега немаат ефикасен адут против Турција в рака."

Тајмингот на резолуцијата во Конгресот е незгоден со оглед на тоа дека е неколку дена пред посетата на САД на Ердоган на 13 ноември. Очекувано Ердоган ја доведе во прашање посетата. „Се уште не сум решил, но има знак прашалник," изјави тој вчера за турската новинска агенција Анадолу. Тоа што планираната посета е неизвесна по гласањето на резолуцијата за геноцид, не е изненадување. Колку чуствителна тема е ова за Анкара се виде и во 2016 година. Тогаш германскиот Бундестаг усвои резолуција со која масакрот во Ерменија во Османлиското царство беше класификуван како геноцид. Ова гласање тешко ги наруши турско-германските односи. Новата одлука од САД веројатно ќе има исти последици и за американско-турските односи.