Нова влада со стари проблеми
21 август 2020Следењето на македонската политика е како гледање на епизода на телевизиското шоу Сајнфелд. Сте слушнале за него сигурно, дури и ако не сте го гледале: најпознатото „шоу за ништо“ (The Show about nothing). Четворица пријатели седат дома или во кафетерија и жолчно се расправаат и дискутираат за... ништо.
Повеќемесечниот театар на СДСМ и ДУИ, вклучително и преговорите за формирање на новата влада ме потсетија на тоа шоу.
Се сеќава ли се уште некој на мај 2017 година кога СДСМ и ДУИ формираа влада по 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ? И на чувството на ентузијазам и надеж кое провејуваше, ако не кај сите, тогаш барем кај добар дел од општеството? Три години подоцна, веста дека двете партии ќе ја продолжат коалицијата беше пречекана со измешани емоции во кои разочарувањето како да преовладува над оптимизмот.
Тенкото мнозинство од 62 пратеника во парламентот не е единствениот фактор кој упатува на нестабилна влада, која порано или подоцна ќе се соочи со демоните кои го прогонуваа досегашното владеење на СДСМ и ДУИ. Да не зборуваме за предизборната кампања и за се’ она што беше кажано во неа.
Единствена опција
Комбинација од разочараноста на граѓаните од владата, негативната кампања и пандемијата на коронавирусот доведоа до историски најниска излезност на изборите и, на некој начин, ја направија актуелната коалиција единствено излезно решение од политичката криза која се надвиснуваше.
Заев и Ахмети се обидоа да ја зашеќерат лошата атмосфера меѓу двете партии со размена на слатки зборови и комплименти на заедничката прес-конференција, но коперниканскиот пресврт во вокабуларот на двајцата лидери звучеше прилично неубедливо и неискрено.
Далеку од тоа дека во минатите три години заедничко владеење се’ беше беда и очај. Напротив. Се направија историски компромиси со Грција и Бугарија, земјата стана членка на НАТО, на добар пат е да ги отвори преговорите со ЕУ... Мрднаа работите во демократизацијата на државата, транспарентноста, слободата на медиумите, но голем дел од реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата останаа нереализирани. А не се само тие задачи кои ја очекуваат старо-новата коалиција. Што е со економијата, која по три децении на патерици, сега е на добар пат да заврши во инвалидска количка поради коронавирусот? Или јавната администрација која упорно расте додека сите ја кратат. Патем, обете беа дел од предизборното ветување на СДСМ и Заев („а сега е време за домашни реформи и економија“) и отидоа во рацете на ДУИ.
Првиот голем тест за новата влада ќе бидат две локални теми со национално значење кои се најдоа во центарот на вниманието на јавноста токму во моментите кога се заокружуваше новата владина коалиција. Тоа се дивоградбата кај Мавровка и распашаниот локален функционер/бизнисмен на ДУИ во Охрид. Справувањето со тие случаи ќе навести каква влада можеме да очекуваме во наредниот период.
Брак од (привремен) интерес
Верува ли некој искрено дека влада во овој состав, со таква историја на меѓусебни односи какви што имаат СДСМ и ДУИ и со компромисите кои се направија за да се формира новото мнозинство, има доволно критична маса за сериозни реформи? СДСМ и ДУИ се како рогови во вреќа, кои во моментов немаат реална алтернатива.
Ова е брак од интерес и неопходност. Тој теоретски може да функционира доколку двајцата партнери имаат јасен договор и план за иднината, но и да заврши во моментот кога ќе се отворат алтернативи. А самото конституирање на новата влада ќе отвори процеси во Собранието кои набрзо можат да ги сменат перцепциите за можното и посакуваното.
Во очите на СДСМ, ДУИ не е подготвена да поддржи и да протурка сериозна реформска агенда која ќе ја придвижи земјата на патот кон ЕУ. Тоа и Заев досега честопати јавно го кажуваше. ДУИ, пак, во Заев и неговата политика на „едно општество за сите“ гледа опасност за натамошната промоција на етничките права на Албанците и за сопствениот опстанок како самопрокламиран бранител на тие права.
СДСМ и ДУИ ги врзува прокламираната европска цел, но за патот дотаму немаат истоветен концепт. Оттука, веројатно е прашање на време кога несогласувањата и конфликтите повторно ќе избијат на површина. Со оглед на тоа што локалните избори се оддалечени едвај една година, веројатно нема да чекаме многу.
А дотогаш ќе гледаме уште една епизода на Сајнфелд. За ништо. Или можеби за нешто подобро, којзнае?