1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова истрага за загинувањето на Борис Трајковски

ЖА/макфакс21 јануари 2013

Посебен истражен тим со експерти од Хрватска, БиХ и од Македонија повторно ќе ги проверува информациите поврзани за авионската несреќа во која во 2006 година во близина на Мостар загина тогашниот македонски претседател.

https://p.dw.com/p/17OPS
Фотографија: AP

Одлуката за воспоставување на таков тим веќе ја потпишал министерот за транспорт и врски на БиХ Дамир Хаџиќ, а неговиот советник Омер Кулиќ денеска за агенцијата ФЕНА рече дека тоа е резултат на „мноштвото нови докази“ што ги собрале македонските експерти.

Новиот истражен тим го сочинуваат 15 експерти за воздушен сообраќај и авиони, на кои ќе им се придружи и постојан консултант од САД. Кулиќ процени дека овој тим своите наоди би можел да ги претстави во период од шест месеци до една година.

Владиниот „кингер“, во кој беше македонскиот екс-претседател Трајковски, шест лица од неговиот кабинет, како и двајца пилоти, се урна во февруари 2006 година кај Ротимље, во близина на Мостар. Сите патници и екипажот загинаа, а повеќемесечната истрага покажа дека авионот се урнал заради грешка на пилотите и лошите временски услови.

На повторна истрага инсистираа и некои членови на семејствата на загинатите, откако во јавноста се појавија шпекулации за можен атентат врз Трајковски, кои досега не беа поткрепени со конкретни докази.