1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова насока на германската надворешна политика

Мелинда Креј / ЕМФ4 јануари 2016

Од Германија со години се бараше да води посамоуверена надворешна политика. Во годината кога европските принципи беа ставени на тест, Берлин докажа лидерска сила и дипломатска вештина, оценува Мелинда Крејн.

https://p.dw.com/p/1HWAu
Фотографија: Reuters/K. Kudryavtsev

На почетокот на 2014 година сојузниот претседател Јоахим Гаук, министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен се заложија за тоа Германија да преземе поголема одговорност на светската сцена. Потоа експертите и политичарите дискутираа за тоа како би можела да изгледа таквата посамоуверена надворешна политика.

Речиси две години подоцна знаеме: во текот на 2015 година канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Штајнмајер одржаа нагледна настава по предметот нова германска надворешна политика.

На стабилноста на Европа - а со тоа и на Германија - ѝ се закануваат три кризи и тоа во облик каков што ретко кога имало од 1945 година наваму. Членката на ЕУ со најголем број соседи има голем удел во повоеното уредување, кое гарантира неповредливост на границите, уредување кое со руската анексија на Крим и интервенцијата во источна Украина беше доведено под знак прашалник. Германија, како најголема европска економија и извозен гигант, е упатена на стабилна валута и од геополитички, но и економски причини, профитира најмногу од Шенгенскиот систем на отворени внатрешни европски граници. Во моментов, југоисточните европски земји градат ѕидови и огради во очаен обид да го запрат приливот на мигранти.

Трикратен предизвик за Германија

Во сите три кризи - украинскиот конфликт, грчката должничка криза во еврозоната и бегалската проблематика - Ангела Меркел зазеде свој курс и го брани наспроти сите отпори во земјата и странство. Англосаксонските медиуми ја караат поради политиката на штедење, а сепак, од страна на магазинот „Тајм“ беше прогласена за „Личност на годината“. Новинарите ја фалат Меркел дури и за тврдоглавоста со која постојано се обидува да ја извлече Грција од проблеми.

01.2016 DW Quadriga Moderatorin Melinda Crane (Teaser)
Мелинда Крејн

Лидерска сила, се разбира, не е исто што и надворешна политика. Таа е повеќе предуслов за тоа. За надворешна политика е потребна стратешка визија за да се гарантира безбедноста и автономијата на една земја, што е најважна цел. Визијата на Меркел за безбедноста е реална. Таа знае дека Европа мора да биде подготвена на промени ако сака да го зачува она за што се залага: толеранција, слобода и хуманост. Таа исто така знае дека глобализацијата не е еднонасочна улица, туку дека покрај предностите носи и обврски. Таа не се стеснуваше од ЕУ-партнерите на Германија, но и од сопственото население, да бара промени. Во говорот на партискиот конгрес на нејзината ЦДУ на крајот на 2015. таа нагласи дека бегалската криза е причина за прелевање на границата меѓу внатрешната и надворешната политика. И таа го повтори своето убедување дека Германија може да биде „отворена, љубопитна, толерантна и возбудлива“.

За Франк-Валтер Штајнмајер 2015. година беше возбудлива поради повеќе причини. Предуслов за успешна надворешна политика се стратешки визии со дипломатска вештина, а тоа министерот го докажа. Го докажа во текот на посредничките преговори за Договорот од Минск и за спас на Грција, кои траеја со ноќи, со неуморната посредничка дипломатија за наоѓање дипломатско решение за иранската атомска програма и во кризата околу Сирија. Штајнмајер градеше мостови и посредуваше во навидум нерешливи конфликти.

Магазинт „Тајм“ ја препорачува Меркел како борец „против тиранија, но и против целисходност“. Притоа, германската надворешна политика во 2015. воопшто не беше водена врз почва на розов идеализам. Напротив, таа го носи печатот на - од аспект на некои критичари нездрава - доза на реал-политика. Пример за тоа е најновото отворање кон Турција, поврзано со напорите да се запре мигрантскиот бран. Или пак, одлуката за воена мисија против ИД, за која само мал број Германци веруваат дека може да придонесе за мир во Сирија, но на која Берлин гледа како на одлучувачки гест на солидарност со Париз.

Предизвици кои претстојат

На крајот на годината јасно се покажа дека работата на Меркел и Штајнмајер - при сите силни страни - не донесе решение на една централна дилема: ефективноста на германската надворешна политика има граници доколку не е поткрепена од кохерентни европски иницијативи. Тоа е очигледната поука од бегалската криза. Иако поради огромниот прилив на мигранти исчезнува линијата меѓу внатрешната и надворешната политика, тоа јасно го покажува вакуумот на ниво на ЕУ. Канцеларката ја сфати ваквата поука. Во извесна смисла, таа беше и еден од причинителите на оваа дилема. За време на десетгодишното владеење таа постојано се обидуваше да ги префрли повторно на национално ниво компетенциите за носење одлуки и да ја оддалечи ЕУ од концептот на наднационална влада, назад кон форумите за консултации на ниво на влади.

Во тие форуми Германија е „тешкаш“, доминира со процесите на носење одлуки, на пример за Грција, но притоа наидува и на отпор. Секогаш кога Германија се залагаше за помалку Европа, констатираше дека всушност е неопходно повеќе Европа и секогаш кога Берлин се обидуваше да го пополни ЕУ-вакуумот ,спречуваше подлабока интеграција. 2016 година ќе покаже дали германската надворешна политика ќе може да одговори на последната варијанта на вековното „германско прашање“.